Комисијата за одбрана и безбедност на денешната седница даде зелено светло за набавка на опрема за Армијата обезбедена од Владата на САД, усвојувајќи четири информации за потреба од договор меѓу двете влади и амандмани на постоечки договори.
Потребата од нова опрема и склучување договори, која вклучува Комуникациско-информациски системи – Тип 1 радио уреди, надградба на симулациска платформа во Центарот за симулации, набавка на комплет за контрола на здружен оган и комплет за наведување на здружени огнови и Договор за изградба на податочен центар на резервна локација и обезбедување на непрекинато функционирање на ГКИС на МО и Армијата, ги образложи министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој истакна дека опремата која ќе ја добие нашата армија е грант обезбеден од Владата на САД.
-Тоа се обврски кои произлегуваат од Пакетот на цели на способност од 2021 година за кои е определено дека армиските расподеливи единици кои се декларирани за НАТО мора да располагаат со безбедни тактички радио комуникации кои се интероперативни за НАТО структурата и за командување и контрола. Се предвидува набавка на 31 парче радио уреди и 6 парчиња за полнење со крипто клучеви за опремување на лесната пешадиска баталјонска група со комуникациска опрема – рече министерот Мисајловски.
Вкупната вредност на опремата што ќе ја добие армијата на нашата земја изнесува над 10,4 милиони американски долари.
Со денешната седница раководеше претседателот Павле Арсовски, а сите информации беа едногласно усвоени од членовите на Комисијата за одбрана и безбедност.
































