Лесновски манастир

ДЕНЕСКА СЕ ЧЕСТВУВА СВЕТИ ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ – ПАТРОН И ЗАШТИТНИК НА ИСТОИМЕНИОТ МАНАСТИР СТАР ДЕСЕТ ВЕКА

  • Со богатата десетвековна историја и многуте монаси, кои го чуваат заветот кон Бога со своето срце и со секој свој здив, Лесновскиот манастир плени со својот духовен мир. И како што ќе рече нашиот архиепископ г.г. Стефан, кој своевремено беше митрополит брегалнички, човек тешко доаѓа до Лесново, а уште потешко си оди од него, вели протосингел Исак, игумен на Светата лесновска обител во разговор за „Нова Македонија“

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и нејзините верници, денеска, на 28 јануари по нов стил, го празнуваат споменот на преподобниот Свети Гаврил Лесновски. Посебно на овој ден, секоја година, манастирот „Свети Гаврил Лесновски“, кој се наоѓа во селото Лесново близу Пробиштип и е еден од постарите на Балканот, најчесто е претесен да ги собере посетителите од цела Македонија, а особено од источните предели, кои доаѓаат да го прослават Свети Гаврил Лесновски, кој е патрон и заштитник на манастирот. За светителот и за манастирот „Свети Гаврил Лесновски“ разговараме со протосингел Исак, игумен на Светата лесновска обител.
– Најверодостојни податоци за настанувањето на манастирот наоѓаме во старото пролошко житие на Св. Гаврил Лесновски пишувано од Станислав Граматик – најпознатиот препишувач од Лесновската препишувачка школа, од 1330 година. Во неговите записи наоѓаме податоци дека манастирот е основан од преподобниот Отец Гаврил во 11 век. Отец Гаврил бил по потекло од кривопаланечкото село Осиче, роден во семејство на угледни и благочестиви родители. Неговите родители биле бездетни и го измолиле од Бога, па така, тој им бил син единец. Своето првично образование го стекнал кај познат учител, а набргу откако бил доволно возрасен, неговите родители му побарале девојка од познат род. Но желбата на момчето Гаврил од мали нозе била да му служи на Бога во монашки чин. По божја промисла невестата се упокоила уште пред да заживеат заедно. Потоа тој се збогувал со родителите и заминал во манастир, каде што стапил во монашки чин. Се населил во Лесновската Гора, која била пусто место. Живеел во пештерите околу манастирот, кои и денес се место за поклонение на верниците – вели неговото високо преподобие, игуменот Исак, на почетокот од овој разговор за „Нова Македонија“.
Игуменот Исак дополнува дека околу светиот отец Гаврил Лесновски се собрало првото монашко братство. Откако ги утврдил браќата во монашкото живеење, им поставил кој да биде нивен игумен, а самиот Свети Гаврил се повлекол во една пештера на околу четири часа одење североисточно од манастирот, во една тешко пристапна гора со име Облов Рид или по византиски Стронгило. Таму ги поминал последните триесетина години од својот живот во пост и молитва, упокојувајќи се во длабока старост. По упокојувањето, неговото неизгниено тело останало цело и испуштало големо благоухание (благопријатна миризба). Монасите со литија го пренеле од пештерата во манастирот и го положиле во неговиот кивот во храмот, каде што и денес е извор на исцеленија за многу луѓе што доаѓаат со вера и молитва.
– Денешниот храм го возобновил, во 1341 година, деспот Јован Оливер, кој бил владетел во овој крај и сопственик на кратовските рудници за злато. Фреските биле завршени околу 1346/47 година во византиски стил и се едни од најубавите во православието. Чести се посетите на професори по византиска уметност и студенти од Европа и пошироко. Главниот храм е посветен на Св. Архангел Михаил и небесните воинства – појаснува неговото високо преподобие, игумен Исак.
Тој истакнува дека Лесновскиот манастир не е изграден само од камен туку и од верата и пожртвуваноста на оние што со молитва го чувале низ вековите. Тивко е пристаниште за сите души што се борат и го бараат Бога. Овде солзите кажуваат многу повеќе од кои било зборови, бидејќи тука солзите не значат пад и слабост, туку покајание и сила. Манастирот е дом на оние што го отвораат своето срце за божјата милост.

– Во својата десетвековна историја, Лесновскиот манастир претставува духовен, книжевен и културен центар во нашата земја, а и пошироко. Со својата богата историја и со многуте монаси, кои го чуваат заветот кон Бога со своето срце и со секој свој здив, овој манастир плени со својот духовен мир. Богатиот фрескоживопис од византискиот период и првиот резбан иконостас од неповторливиот Петре Гарката, се едни од главните обележја на манастирот. Околните скитови и пештерски цркви и присуството на двајцата познати (божествената двојка Св. Гаврил Лесновски и Св. Гаврил Светогорец епископ велички – н.з.) и многу непознати светители ни ја даваат божјата благодат, која се чувствува насекаде во манастирот, и истите тие бдеат над манастирот и им даваат исцеленија на сите што доаѓаат во манастирот. Денес манастирот е во рамките на древната Брегалничка епархија, на чие чело е високопреосвештениот митрополит г. Иларион. Во 14 век, самиот манастир бил дел од тогаш формираната Злетовска епископија, на чие чело биле Светите Јован и Арсениј епископи злетовски – ни вели протосингел Исак, игумен на Светата лесновска обител.
Манастирските секојдневни богослужби започнуваат околу 6 часот со полуноќница, утринска служба, часови и света литургија. Вечерната богослужба е во 16 часот, а повечерието е во 18.30 часот. Во неделите и во празничните денови, службата започнува во 6.30 часот, во која учествуваат машки, женски, како и детски црковен хор, а наедно се присутни и голем број верници. Во сабота и недела, по богослужбата, се отвора кивотот со светите мошти на новопрославениот Св. Гаврил Светогорец епископ велички и во текот на целиот ден им се читаат молитви на верниците што доаѓаат на поклонение во манастирот. Внатре во црквата е и кивотот со моштите на основачот на манастирот, Св. Гаврил Лесновски.
– Овие двајца светители се наши застапници и молитвеници пред Бога, со нивен благослов Бог ни се смилува и ни допушти да бидеме сведоци на многу од неговите чудесни исцеленија. Овде многумина се исцелиле од разни болести, како душевни болести, канцер, немоќ, проблеми во говорот, одењето и друго. Многу бездетни сопружници по молитвите на светителите овде, Бог ги награди со рожба. Во манастирската црква, на еден од столбовите се наоѓа фреската на мајката божја – Брзопослушница, која е чудотворна и на која се поклонуваат голем број верници. Исто така многу од манастирските духовни чеда помагаат во одржувањето на манастирот. Тие најчесто учествуваат во украсувањето на манастирскиот двор, но и во собирање храна за добитокот – вели протосингел игумен Исак.
Денешните конаци до камбанаријата се обновени во 80-тите години на 20 век. Источниот конак и северните конаци од камбанаријата до крајот се обновени во изминатите петнаесетина години од страна на монашкото братство.

– Во манастирските конаци има два параклиса. Едниот е посветен на преподобен Наум Охридски, а другиот на Свети Јован Крстител и на светиот апостол и евангелист Јован Богослов. Во источниот конак, кој е возобновен, има и голема празнична трпезарија, која собира околу двесте и триесет луѓе. Околу манастирот се наоѓаат 22 скита (помали манастири), кои за време на османлиското ропство биле запустени. Два од нив, Пресвета Богородица – Балаклија и Св. Спиридон Чудотворец, се возобновени. Поради мноштвото метоси околу манастирот, скитови, пештерски цркви и испосници, како и многуте монаси, кои во 14 век севкупно биле околу триста, Лесновската Гора била нарекувана и монашка република. Манастирската духовна светлина и денес се излева во срцата на многу верни христијани што го бараат Бога и го посетуваат ова древно светилиште. Луѓето тука ги оставаат своето бреме и маки, а си одат со спокој, радост и мир во душата. Ова духовно светилиште ќе остане како аманет на идните генерации, богобаратели, кои преку овдешните светители ќе дојдат до Христа Спасителот. И како што ќе рече нашиот архиепископ г.г. Стефан, кој своевремено беше митрополит брегалнички, човек тешко доаѓа до Лесново, а уште потешко си оди од него – истакна игуменот отец Исак.


Тука живеел и се упокоил новиот свет отец – Гаврил Светогорец епископ велички

Во манастирот живеел и е упокоен новиот свет отец Гаврил Светогорец епископ велички (1926-12.1.1990). Во манастирскиот храм почиваат и неговите свети мошти, кои се извор на многу исцеленија. Тој бил професор во штипската гимназија и учителска школа, каде што со својот клас бил со најдобар успех во Македонија. Денес сѐ уште има живи од неговите ученици, кои со восхит и солзи во очите зборуваат за својот професор во чиј лик го спознале Христа. Заминал на Света Гора – Атон во 1963 година, каде што се замонашил и останал осум години. Во 1975 г. дошол во Лесновскиот манастир. Тука дошол и татко му, кој на постари години се замонашил со монашкото име Кирил и му станал духовно чедо на својот син. Св. Гаврил Светогорец кај селаните во Лесново е познат како Испосникот, бидејќи целиот свој монашки живот го поминал во строг пост (без масло), нагласува Отец Исак. Ж.З.


Во дворот е и старата црница, стара околу седумстотини години

За спомнување е и тоа што во дворот на манастирот се наоѓа и црница, која е стара околу седумстотини години, единствена во Македонија од таков вид и старост. Од коренот се израснати четири гранки во форма на крст. Секое лето од јули до септември дава многу вкусни и благи плодови, ни вели неговото високо преподобие, игуменот Исак. Ж.З.


Се произведува млеко, братството активно се занимава со земјоделство…

Манастирската економија се темели на производството на кравјо и овчо млеко, како и на продавницата за свеќи и сувенири. Манастирското братство активно се занимава со земјоделство, па така, се обработуваат ниви со жито, пченка, детелина, како и пластеници со градинарски производи и друго, кажува игуменот отец Исак.

Живко Здравкоски