ЕП со безброј непознати. Врвен ракомет. Многу магија и уживање

  • Волф и тешката артилерија, Гидсел и компанија или Мем и најдобрата двојка пивоти во светот на ракометот или Шведска со Клар+Готфирсон присутни и фокусирани, Хрватска тактички добро поставена, Исланд и нивниот Магдебург-ракомет или Словенија на д-р Блаж Јанц?

Хрватска и Швајцарија синоќа го затворија единаесеттиот ден на актуелното Европско првенство (ЕП) во Скандинавија, кое полека влегува во средишната зона од втората фаза.
Што е јасно по комплетирањето на второто коло од главната рунда?
Гледаме ракомет каков што одамна немаме видено. Неизвесен, израмнет, суров и квалитетен. Се судираат концепции, стилови и филозофии, но едно нешто е заедничко: никој нема загарантирано полуфинале.
„Волкот“ од Германија повторно е „лош“ и не ги остава „овците на број“, Јанц држи лекции и инспирира, Португалија резултатски „атерира“, 19-годишниот Маркос Фис – фрапира, Гисли и „рибарите“ демонстрираа „модернизам“, а јас порака од Франција до домаќините парафразирам: ќе се видиме повторно во борба за медалите.
Добре дојдовте во мојата колумна „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“, посветена на досегашниот тек од втората фаза на ЕП 2026, кое од 15 јануари до 1 февруари, којзнае по кој пат се одржува во Скандинавија.
Ракомет следам посериозно од својата 16.-17. година, колку што дозволуваат годините. Од времето кога Владимир Максимов ја предводеше „зборнаја“ до злато, кога Шпанија со Душебаев (ама Талант!) парираше, а Шведска низ сите тие години со Висландер, Олсон, Линден и Свенсон доминираше. Секое време си носи нови ѕвезди, квалитетни селекции и неизвесни завршници.
Но имам чувство дека ова ЕП е нешто посебно. За квалитет секогаш може да се расправа и дискутира, викаат, секој со своето време, своите идоли и своите приказни. Но кога станува збор за актуелново ЕП, кои селекции конкурираат за висок пласман и колку целата ситуација околу првите две позиции во двете групи е неизвесна, мислам дека сме сведоци на раритет, можеби и преседан. Ситуација што, да бидам искрен, до некаде и не ја очекував.

ПА, ДОБРО БЕ, КАКВА Е ОВАА СИТУАЦИЈА ВО ГРУПАТА 1!

Германија, Франција и Данска во два бода, а допрва следуваат дуелите на лидерот со вториот и третиот. Германија има шест бода, има младост, има искуство и го игра ракометот што по малку го подзаборавивме. Со високи играчи што знаат да распалат од дистанца, со неколку други што ќе работат за овие првите. Имаат супер црта и најважно од сѐ, го имаат волкот лош – Андреас Волф, да ги држи во игра, кога играчите во поле сѐ уште не се разбудиле, да ја крене екипата и да го уплаши противникот. Дали е доволно за полуфинале и две последователни победи против (нај)силните Франција и Данска?
Франција, и без соодветна поддршка од Мем и Пранди, долго ги контролираше играта и резултатот на дуелот со Данска. Онаа Франција што како и секогаш импонира со физичка подготвеност, контакт-игра и моли бога оние на голот да бидат на просечно ниво. Загубија бодови, но им порачаа на Гидсел и компанија: ќе се видиме повторно, во директна борба за медалите.
Данска не е веќе апсолутен фаворит за златото. Дури не знам дали е прв фаворит иако сѐ уште изгледа застрашувачки. Се отрезни навреме, пред главната борба, и ја видовме супермотивирана во вториот круг. Емил Нилсен и толкаво количество емоции на едно место досега не сме виделе. Гидсел „набријан“ со плафон, а „големиот“ Николај уплашен и нервозен. Големиот фаворит е раздрман и тоа е проблем за сите други. Ќе биде вистински предизвик да ги добијат „експертите“ двапати на едно големо натпреварување.
Португалија, како што најавив и на моето гостување на МТВ, очекуваме да паѓа, во однос на физичка подготовка, во однос на играта и, својствено, на резултатите. Невозможна мисија е на турнирски систем, со ограничена ротација, да се издржи дуел-играта на Кико и Мартим, да се покрие формата на Капдевиљ. Резултатот е тој.
Норвешка, искрено, пријатно ме изненади. На крилјата на Бергеруд, кој најавува враќање на (нај)високо ниво, имаат висина и пивоти во два правца, организатор во Грондал и перспектива во Патрик Андерсон. Ќе почекаат за нешто повеќе на големите смотри, но ако Сагосен остане во игра во наредените четири-пет години, со малку среќа, ќе ги гледаме во уште едно полуфинале.
Шпанија ја знаме како селекција што секогаш е незгодна, да се провлече, да тактизира и да испорача резултат. Но не и на ова ЕП. Премногу е. Премногу млади играчи, кои немаат километража на големите смотри, селекција што нема солидна одбрана за големи работи. Исто како и Норвешка, ќе почека малку за враќање помеѓу оние што ќе делат медали. Дотогаш ќе уживаме во вонсерискиот Маркос Фис. Каков потенцијал за следните 15 години. Играч околу кој очекуваме да се формира новата Шпанија, заедно со заборавениот Петар Чикуша.

ШВЕДСКА И ХРВАТСКА ВЕЌЕ СЕ ВО ПОЛУФИНАЛЕТО? БАШ ДА ВИДИМЕ!

Очекувавме извесна ситуација, добивме борба за полуфинале до последна минута. Групата 2, окарактеризирана како понеквалитетна, покажува одличен ракомет и неизвесност докрај. Четири селекции, на половина втора рунда, се со ист број бодови, а меѓу нив и Словенија, во која Домен Макуц го положи испитот, а Блаж Јанц ја потврди формата. Но како да бидеме некоректни и да не ги спомнеме непогрешливите Новак, Јовичиќ и Кодрин, одличниот пивот Хоржен. Словенија, со сите проблеми, е морален победник на турнирот, демонстрирајќи техничка подготовка, зрелост и тактичка поставеност за респект. Со скромен учинок на екипите од оваа земја во Европа, последната деценија и нешто повеќе, фокусирајќи се на домашен производ, создавање услови во инфраструктура и кадар, „дежелата“ покажа и докажа дека е спортска и ракометна сила за пример. Хрватска, со многу бекови што растураат зона, малиот генерал Циндра и Кузма на голот се пред уште едно полуфинале. Одиграа 5-1, машки, докрај, против неверојатните Исланѓани и тоа е за респект. Оние Исланѓани, кои синоќа им одржаа лекција по модерен ракомет на големите фаворити за полуфинале, „трите круни“. Триумф што ја префрла топката во нивни раце, во однос на тоа кој ќе игра полуфинале. Магнусон, Кристијансон, Смарасон и Тастарсон се доволна гаранција дека оваа селекција може да добие кого било во светот на ракометот. Шведска, без Феликс Клар на високо ниво и поддршка на некогаш најдобриот во светот Џим Готфирсон, не е фаворит за медал. Полуфинале можеби, имајќи ја предвид групата, но сѐ понатаму е само пуста желба. Зоната на трите круни ќе одигра, Паличка и Апелгрен ќе се надополнат, задната линија е за респект, но без Клар и Готфирсон, нема медал.
Унгарија, за крај, една од најракометните земји во светот. Истура тешки милиони за ракомет, што е факт што треба да го поддржиме и респектираме. Две силни екипи, со многу странци што го водат колото и премалку играчи што решаваат натпревари на големата клупска сцена, факти поради што постојано плаќаат висока цена. Од друга страна, тешка екипа што не може да се вклопи во модерниот ракомет наметнат од Скандинавија и од нивните правила. Засега, а и во наредниот период, само во најдобрите 12. За повеќе, ќе почекаме.
Нема веќе непоразени селекции на ЕП. Остануваат уште две кола до полуфиналето и уште безброј непознати за тоа кој ќе биде учесник во него.
Волф и тешката артилерија, Гидсел и компанија или Мем и најдобрата двојка пивоти во светот на ракометот или Шведска со Клар+Готфирсон присутни и фокусирани, Хрватска тактички добро поставена, Исланд и нивниот Магдебург-ракомет или Словенија на д-р Блаж Јанц?
Ова ЕП не нуди одговори, нуди магија, врвен ракомет и вистинско уживање!

Горан Ѓоргоноски

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот„Ракомет за секое дете“