Германија се подготвува за најамбициозната воена експанзија од нејзиното обединување
- Забрзаната милитаризација на Германија отвора ново поглавје во европската безбедносна архитектура и предизвикува мешани реакции меѓу нејзините партнери. Додека НАТО и источните членки на Европската Унија го поздравуваат преземањето поголема одговорност од Берлин, во Франција расте загриженоста дека новата германска воена моќ ќе ја наруши долгогодишната политичка и стратешка рамнотежа на континентот
Според информации на „Блумберг“ и „Политико“, Германија се подготвува за најамбициозната воена експанзија од повторното обединување наваму. До 2029 година, Берлин планира да троши околу 153 милијарди евра годишно за одбрана — приближно 3,5 проценти од БДП. Само во 2026 година германскиот воен буџет се очекува да достигне околу 127 милијарди долари, поддржан од олеснети фискални правила за задолжување што малку европски земји можат да си ги дозволат.
Крај на „премолчниот договор“ во ЕУ
Европската рамнотежа со децении почиваше на неформален договор: Германија беше економскиот мотор на Унијата, а Франција нејзината главна воена сила. Денес таа поделба сè повеќе се разнишува. Германија настојува да ја усогласи својата економска тежина со воена моќ, додека Франција — притисната од јавен долг над 110 проценти од БДП и висок дефицит — се соочува со ограничен маневарски простор.
– Франција е во кревка позиција. Германската решителност создава динамика што може да нè остави на маргините – предупреди францускиот европратеник Франсоа-Ксавиер Белами.
Загриженоста во Париз не е само симболична. Таа се продлабочува и поради конкретни политички и индустриски одлуки на Берлин — приклучувањето кон иницијативата за ракетна одбрана „Европски небесен штит“, купувањето американски борбени авиони Ф-35 и несогласувањата околу заедничкиот проект за борбени авиони од шестата генерација (ФЦАС). За Франција, ФЦАС не е само индустриски туку и стратешки проект тесно поврзан со нејзиното нуклеарно одвраќање и европските лидерски амбиции.
Германија во низок старт пред големиот воено-индустриски зафат
Новата германска стратегија се потпира силно на националната воено-одбранбена индустрија. Берлин планира да протурка околу 83 милијарди евра во нови договори до крајот на 2026 година, а долгорочната „листа на желби“ на Бундесверот надминува 377 милијарди евра и опфаќа повеќе од 320 програми — од тенкови и фрегати до дронови, сателити и радарски системи.
Значајно е тоа што помалку од 10 проценти од овие набавки ќе одат кај американски доставувачи, додека најголемиот дел ќе остане во Германија. Тоа ќе ја трансформира земјата не само во водечка воена сила туку и во центар на воената индустрија во Европа, развој што дополнително ја засилува нејзината политичка тежина.
Поместување на европскиот воен гравитациски центар
Севкупно, германската милитаризација ја потврдува длабоката трансформација на Европа. Центарот на гравитација се поместува кон исток, со Германија како водечка воено-индустриска сила, Полска како конвенционален тешкаш на источниот фронт и Франција, која сè повеќе се потпира на својата нуклеарна улога за да го зачува влијанието.
Во Брисел, прашањето е дали Европската Унија ќе успее да го канализира овој замав во заедничка воена настапувачка доктрина или ќе се соочи со уште поголема фрагментација. Засега, германското зајакнување се гледа повеќе како „преземање одговорност“ отколку како обид за доминација, но дури и поддржувачите признаваат дека размерите на промената се без преседан и навистина колосални.
– Тоа може да изгледа застрашувачки – признава еден европски дипломат, додавајќи дека „Германија е дел од ЕУ и НАТО. Како ова ќе се одрази на Европа, допрва ќе се обликува“. С.Р.
Полска гледа на германското вооружување со прагматизам, но и со историска резерва
За разлика од Франција, Полска гледа на германското вооружување со поголем прагматизам. Варшава, која оваа година троши околу 4,7 проценти од БДП за одбрана — највисоко ниво во НАТО — смета дека засилен Бундесвер е неопходен одговор на руската закана и на сигналите за можно намалување на американското присуство во Европа.
– Не можеме постојано да бараме сите да трошат повеќе за одбрана, а истовремено да велиме, но не и вие, Германија – изјави поранешниот полски амбасадор Марек Маѓеровски.
Сепак, историските сенки остануваат. Полските функционери отворено предупредуваат дека комбинацијата од економска и воена моќ кај Германија традиционално будела стравови, особено во контекст на минатите германско-руски односи. С.Р.
































