НУ Национална галерија склучи меморандум за културна соработка со Музејот на современата уметност од Белград (Република Србија). Меморандумот за културна соработка е потпишан на неопределено време меѓу Маријана Колариќ, директорка на Музејот на современата уметност на Република Србија, и Али Синани, директор на Националната галерија на РС Македонија.
Предмет на овој меморандум се меѓусебна поддршка и соработка меѓу Музејот на современата уметност од Белград и Националната галерија на Република Македонија, за заштита и презентација на културното наследство на современата уметност и за градење капацитет и едукација на стручниот персонал од двете институции.
Соработката вклучува реализација на поединечни и заеднички програми во согласност со можностите на двете страни, а ќе се преговара за соработка околу секоја активност поединечно.
– За првпат една национална установа на Република Македонија, во овој случај Националната галерија, потпишува меморандум за културна соработка од овој тип. Како резултат на воспоставената соработка, ви ја најавувавме самостојната изложба на акад. професор Жарко Башески, закажана за годинава токму во изложбениот простор на Музејот на современата уметност во Белград. Возвратно, ја најавуваме и самостојната изложба на ликовниот уметник од Белград – Мрѓан Бајиќ, закажана за 2027 година, во Националната галерија на Македонија. Бајиќ е добитник на орденот Витез на уметноста од Министерството за култура и комуникации на Република Франција во 2015 година, а од 2021 година е член на Српската академија на науките и уметностите – информираат од Национална галерија.
Националната галеријата ќе склучи ист ваков меморандум за културна соработка со Музејот на современата уметност и применети уметности од Загреб, Република Хрватска. Директорот на Музејот, Сањин Михелиќ, треба да допатува во Скопје на крајот на јануари, кога и официјално ќе биде потпишан меморандумот. Наедно, очекуваме реализација на меморандум за соработка со Република Косово и со Република Албанија, со нивни сродни национални институции.