И косовските Албанци имаат проблем со името, идентитетот и вероисповедта

Прашањето за името и идентитетот на Косово станува чувствителна, дури веќе длабоко предизвикувачка тема во косовското општество. Иако Косово денес функционира како „независна држава, признаена од голем дел од меѓународната заедница“, но не според Резолуцијата на ОН 1244, дискусиите за неговото именување и историските корени на мнозинското албанско население, внатре во Косово не само што не стивнуваат туку стануваат и погласни. Во јавноста во нашата земја е повеќе или помалку познат овој косовски предизвик, но тој сѐ почесто се споредува со оспорувањето на нашиот идентитет, име, јазик итн. Тоа е и мотивот на овој текст, имено да се расчисти дека воопшто постои сличност со ова, иако на прв поглед многумина граѓани го изедначуваат.
Накусо, разликата е тоа што меѓународната заедница нам ни го наметна/смени името под притисок, уцена и ултиматуми и сѐ уште се обидува и да ни го деноминира целосно националниот идентитет и другите вековни македонски инсигнии.
Од друга страна, во Косово дилемите околу идентитетот, името и конфесијата доаѓаат одвнатре, од самото население на Косово, каде што сѐ повеќе на површина излегуваат неединствени ставови околу идентитетските прашања на Косоварите или Албанците од Косово. Тие сѐ уште се бараат на ова поле, откога меѓународната заедница буквално им ја подари државата.

Прво, дилеми за името Косово

Добар дел косовски Албанци веруваат дека името Косово има словенско потекло и дека е воспоставено по доаѓањето на Словените на Балканот. Според ова гледиште, името е поврзано со словенскиот збор „Кос“ и затоа не го претставува историското албанско наследство на територијата. Поради оваа причина, некои интелектуалци и општествени групи предложија Косово да се преименува во „Дарданија“, врз основа на фактот дека Дарданците биле древно племе што живеело во централниот дел на Балканот, вклучувајќи ја и територијата на денешно Косово.
Според ова гледиште, косовските Албанци се сметаат себеси за наследници на Дарданците и, пошироко, на Илирите, поврзувајќи го својот национален идентитет со антиката и историскиот континуитет на овој простор. Застапниците на името „Дарданија“ тврдат дека ова име подобро би го претставувало историскиот и културниот идентитет на мнозинството од населението.
Сепак, и покрај овие тврдења, името Косово официјално остана во употреба и е дел од меѓународната политичка и правна реалност. По прогласувањето независност во 2008 година, со силна поддршка од западните земји, Косово се обидува да се консолидира како држава со свои институции, но воспоставувањето институционална функционалност оди многу тешко, речиси никако, па Косово се смета како една „црна дупка на Балканот“.

Второ, дилеми околу идентитетот

Паралелно со прашањето за името, во Косово се води поширока дебата за идентитетот. Повеќето граѓани се сметаат себеси пред сè за Албанци, гледајќи го Косово како „втора држава на Албанците на Балканот“. Сепак, постои и дел од општеството што го нагласува таканаречениот „косовски идентитет“, декларирајќи се како Косовари пред да бидат Албанци, како другите од регионот. Овој облик на идентитет некои го сметаат за обид за градење чувство на граѓанство и државност, независно од етничката припадност.
Додека мнозинството противниците сметаат дека со тоа се прави обид за разединување на Албанците и дека таквата идентитетска поделба на Албанци и Косовци им служи на туѓи агенди.

Косовски дилеми и околу конфесијата

Покрај дебатата за името и националниот идентитет, во последниве години во Косово се интензивираше и дискусијата за „верскиот идентитет“. Иако Косово историски е општество со меѓуверска коегзистенција и муслиманско мнозинство, имало случаи на преобраќање од ислам во католицизам. Оние што се преобратиле ја објаснуваат оваа одлука не само како личен религиозен избор туку и како враќање кон она што го нарекуваат „првобитна религија на Албанците“!
Според нив, пред османлиското освојување, голем дел Албанци биле христијани, главно католици, а исламизацијата се случила како резултат на историските, политичките и економските околности за време на османлискиот период. Застапниците на ова гледиште тврдат дека католицизмот претставува најраниот религиозен идентитет на Албанците и дека преобраќањето за нив е исто така чин на идентитет и култура, а не само духовен.
Од друга страна, и овој пристап се соочува со силен отпор. Критичарите истакнуваат дека албанскиот идентитет историски бил повеќекратен и дека религијата никогаш не била дефинирачки критериум за национална припадност. Тие предупредуваат дека поврзувањето на националниот идентитет со една религија ризикува продлабочување на поделбите во општеството и поткопување на традицијата на верска толеранција, која често се наведува како една од главните вредности на Албанците.

Косовското општество се бара себеси

Државните институции и повеќето јавни актери продолжуваат да нагласуваат дека Косово е секуларна држава и дека слободата на верско убедување е загарантирана, сметајќи ја религијата за лично прашање. Сепак, дебатите за религијата, како оние за името и националниот идентитет, покажуваат дека косовското општество продолжува да бара рамнотежа помеѓу историјата, традицијата и модерната реалност.
Во тој контекст, граѓаните во Косово почнуваат обиди да се идентификуваат по основ на националните, државните и религиозните идентитети и честопати се предизвикуваат едни со други, одразувајќи ги сложеноста на минатото и предизвиците на сегашноста. Таквите трендови не гарантираат стабилност и сигурност на косовското општество во целина и претставуваат потенцијално безбедносно жариште и опасност за прелевање на кризи. П.Р.