Можни сценарија: Што ќе се случи ако САД се обидат воено да го заземат Гренланд
Сѐ уште не ја исклучуваме можноста за употреба на воени сили на арктичката територија, истакна премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик Нилсен, отворајќи го горливото прашање за тоа што ќе се случи ако биде активирана војската во случај на инвазија од САД. И како ќе се одвива ова сценарио што до неодамна се сметаше за неверојатно?
Што реално значи „употреба на војска“ на Гренланд
Треба да се има предвид дека Гренланд не е суверена држава, туку е автономна територија во рамките на Кралството Данска. Одбраната и надворешната политика се надлежност на Данска, а таа држава е и членка на НАТО. Од друга страна, САД веќе имаат воено присуство на Гренланд во базата „Питуфик“.
Тоа значи дека секоја „инвазија на САД“ би значела директен конфликт меѓу САД и Данска, со потенцијално вклучување на остатокот на НАТО, но прашањето е – како?! Доколку САД решат да ја „активираат војската“, најверојатно прво би дошло до политичка и безбедносна ескалација, коментираат дипломатите со кои дискутиравме за ова засега „близу невозможно сценарио“.
– Прво би дошло до дипломатска криза, а не воена акција. Данска веднаш би побарала асистенција според членот 4 од НАТО. Огромниот притисок од ЕУ, Обединетите нации и сојузниците би бил реален и најверојатно би имал капацитет да го запре натамошниот ескалирачки процес – велат дипломатите.
– Другото сценарио е ограничено воено присуство, што исто така е „екстремна варијанта во развојот на кризата“. Ако сценариото се развива натаму (што се смета за малку веројатно), САД не би извршиле класична инвазија, туку би ги зголемиле постојните бази и „безбедносните“ операции, т.е. контрола на инфраструктурата (аеродроми, сателитски системи). Ова би било претставено од Вашингтон (и евентуално од НАТО-елитите) како „одбранбена мерка“, а не окупација, тврдат дипломатите.
Максимална конфузија во врска со прашањето за Гренланд
Самата Данска нема капацитет за самостојна воена одбрана на Гренланд од САД. Но по автоматизам ќе се активира политичка криза на НАТО, па САД би се нашле во конфликт со сопствениот сојуз?! Дипломатите што се соговорници дури со висока доза чудење разработуваат можни сценарија, при што велат дека секое од нив може да се смета за крајно лошо по геополитичкиот имиџ на САД.
– Се поставува прашањето дали некој воопшто може „да победи“? Познато е дека САД имаат апсолутна воена надмоќ, па јасно е дека Данска и Гренланд не можат воено да победат. Но ова е погрешно поставено прашање. Во реалноста, САД на тој начин би го уништиле НАТО и би ја загубиле моралната позиција што ја имаат сега. На тој начин веројатно би предизвикале и последици кон глобална политичка изолација. А други светски сили би ја искористиле ситуацијата за да остварат придобивки, велат дипломатите.
Иако САД воено би доминирале, тие сепак би претрпеле големи стратешки и политички загуби. Затоа, веројатноста да се случи вакво сценарио се смета за екстремно ниска, особено бидејќи САД веќе имаат значително присуство на Гренланд, па немаат рационален мотив за инвазија. Цената од инвазијата е поголема во однос на секоја можна добивка, првенствено бидејќи НАТО е клучно за американската глобална моќ.
Тогаш која е реалната опасност, ако воопшто постои? Секако дека не е војна, туку зголемен политички притисок, некаков договор, кој веќе е најавен во некакви рамки (рамковен договор), кој уште не е детално искреиран и, се разбира, поголемо американско влијание и милитаризација на Арктикот, спроведени тивко преку бази и модерни технологии. Токму затоа се смета дека инвазијата на САД врз Гренланд речиси е невозможна.
Сотир Ристо
































