- За играта на нашата селекција, лицето што го видовме и опачината што ја почувствувавме
Заврши првиот круг на ЕП 2026 во ракомет, кое овој јануари се организира во Данска, Шведска и во Норвешка. Многу често, ова е период од првенството по кој едни се пакуваат и сумираат впечатоци, а други, веќе со добра телесна температура, влегуваат во полна форма. Немилосрден е системот на европските првенства, го нотиравме тоа и во онаа најавна колумна. Го почувствува тоа и нашата Македонија, го почувствуваа Србија, Холандија, па и Фарските Острови. Едноставно, ваквиот турнирски систем на натпревари бара физичка суперподготовка, широк ростер на играчи, но и многу поважно, сериозна психолошка подготовка, како на поединецот така и на тимот во целина.
КОГА ПОБЕДАТА СТАНУВА НАЈТЕШКИОТ СЛЕДЕН ЧЕКОР, ПРОБЛЕМ ШТО Е УНИВЕРЗАЛЕН
Првенство што не донесе големи изненадувања во однос на патниците во втората фаза, но ни донесе, парцијално, изненадувања (не само како резултат!) на одредени натпревари во некои од групите. Па така, Црна Гора, од еден одличен натпревар против Словенија, кој на крајот, сепак, го загуби (а можеше да им донесе сериозни шанси за втората фаза), во продолжение на првенството не успеа да се залечи (психички) и беше демолирана од Фарски Острови и од Швајцарија. Србија, по големиот триумф над Германците, не успеа да си ја заврши „домашната задача“ против Австрија и „кумуваше“ на ликот на групата, по три кола да биде според очекувањата, каде што Германија со два бода е во втората фаза. И на крајот, Македонија, од натпревар во кој ништо не се очекуваше, до оној во кој бевме благи аутсајдери, а одигравме одлично, до последниот сериозно (и неочекувано!) тежок триумф, против реално послаба селекција. Епилогот е ист како и во групата А, со тоа што Португалија го направи најголемото изненадување на турнирот, совладувајќи го ракометниот хегемон Данска, и на тој начин од една страна пренесувајќи бодови во втората фаза, а од друга страна ставајќи го еден од домаќините во ситуација дека нема право на грешка. Сепак, не е сѐ розово во државата Данска!
Лично мислам дека и на Германија и на Португалија, па и на Данска, овие поголеми или помали киксови им беа одлични за трезнење и кревање на фокусот, за чистење на дворот и за хомогенизација. Го видовме тоа преку натпреварите на Германија со Шпанија, Португалија со Данска, а очекувам да го видиме и преку натпреварите на Данска во втората фаза.
Од друга страна, забележлив е еден друг (обратен) феномен на емотивна испразнетост на екипата/селекцијата што направила подвиг, се издигнала над своите можности и совладала (или одиграла нерешено), на хартија, посилен противник. Еклатантен пример се Србија и Македонија, кои по второто коло и победите (де факто или морални) над Германија и Португалија, одиграа под очекувањата (не викам можности!). Разликата е во тоа што, Македонија ја совлада Романија и освои важни бодови за тоа што следува во баражот за СП 2027, а Србија ја продолжи низата слаби пласмани и ќе добие силен противник во баражот.
Што, да бидеме коректни, не е неважно!
Но има нешто за мене нелогично, но и разбирливо. Од психолошка страна. Имено, според мене, секој добар резултат треба да ја крене самодовербата кај поединецот или тимот и веројатно тоа е случај и кај примерите со Македонија и Србија, но и тоа кревање на самодоверба може да премине во летање во облаци, па истото тоа да стане, практично, контрапродуктивно. Но се возам јас и на друга логика, каде што тимот, сега со наметнати амбиции, за кои не верувал докрај дека можат да се реализираат, стануваат реалност, по што следува кревање на очекувањата, а тие (очекувањата де!) носат поголема одговорност и врзување на рацете. Затоа викаат дека не е секој за врвен спортист и дека тоа се суперлуѓе. И тоа не само во однос на физички предиспозиции туку и во однос на она што го обработуваме тука, а тоа е психолошката подготвеност.
Доаѓам до поентата во овој дел. Овие амплитуди, пред сѐ во психолошка природа, но се рефлектираат во физичката и тактичката, не се карактеристични само за одредена земја, народ, регион или континент. Тоа е универзален проблем, на кој треба да се работи и истиот тоа да се превенира, во рамките на можностите.
Затоа и ние самите, без разлика на функцијата што некој ја има или ја нема во општеството, дали е водач на група или е обичен коментатор на состојбите, на социјалните мрежи, треба да внимаваме на вокабуларот, да не врзуваме некои состојби или појави за една одредена група, народ или држава, но и многу поважно, преку стручни соработници, во континуитет да работиме за да го намалиме влијанието на овие појави врз резултатот. Без разлика дали се работи за ракомет или за некој друг спорт, екипа или национална селекција.
ЛИЦЕТО ШТО ГО ВИДОВМЕ И ОПАЧИНАТА ШТО ЈА ПОЧУВСТВУВАМЕ
Чуму сето напишано горе?
Македонија (не)успешно го заврши настапот на своето осмо по ред учество на европските првенства. Зошто зборчето НЕ и зошто во загради?
Затоа што, Македонија, тргнувајќи на едно ЕП, повторно замина без јасна цел што значи чекор напред, а што неуспех. Тоа веќе не е инцидент, тоа е постојана практика, која веројатно му одговара на некој или на некои. Неважно!
Помеѓу рациото или здравиот разум и желбите, со победа како единствена опција на човекот што е на чело на селекцијата, Македонија ги покажа и лицето и опачината во однос на тоа како екипата изгледаше на терен, а не во однос на тоа што покажа семафорот на крајот од натпреварот. Покажавме, во еден сегмент со Данска (иако не е мерило и вистински пример) и особено со Португалија (која подоцна покажа какви мускули има), дека знаеме и можеме. Анализирани се Португалија и настаните пред и по самиот натпревар. И тоа, би сакале, да биде нашето лице. Или, најубаво кажано, треба да се трудиме во иднина да биде нашето лице.
Сепак, впечатокот го закисели натпреварот против Романија – кога остваривме минимална и тешка победа, чии околности оставија горчина. Нема да должам многу за тактичката поставеност, која беше идентична како против Португалија, но морам да нагласам дека во одбраната, борбената готовност не беше иста, а во нападот дисциплината и фокусот не го достигнаа нивото од претходниот натпревар.
Кога на тоа ќе се додадат неколку кадровски промени на одредени позиции, кои, при силата на околностите, се наметнаа како солидни, а ги немавме од старт на мечот со Романија, доаѓаме до причините зошто, и покрај тоа што резултатот, како бројка, како бодови и позиција, која како последица на резултатите се овозможи за следниот бараж за СП 2027, што е еклатантен и неоспорлив успех, имаме мала доза горчина во устата од начинот на кој се заврши (за нас!) ова Европско првенство. Необјасниво, но присутно и реално.
Напоменувам дека мојата забелешка не се однесува на натпреварот со Португалија, ниту на шансата што ни се укажа, која поради лош прием на топка не беше искористена. Тоа е спорт и тоа се случува и како такво е целосно нормално.
ВЕРУВАМЕ ВО ПРОЦЕСОТ, НО И БУДНО ГО СЛЕДИМЕ, СО КРИТИЧКИ ОДНОС КОН СОСТОЈБИТЕ
Да резимираме.
Македонија беше учесник на уште едно, деветто вкупно, европско првенство во ракомет, заедно со уште 23 селекции. Завршивме на 14. место, некаде на средината, и тоа е апсолутно задоволително. Генералниот впечаток е позитивен, иако, како што кажав и претходно, останува мала доза резервираност околу шансата што ни се отвори или ни беше овозможена од некого. Нејсе.
Добивме неколку нови имиња: Ѓорѓиев и Стојковиќ, но и Џонов и Павле Атанасиевиќ, кои го положија испитот. Се потврдија состојбите околу Кузмановски и Томовски како лидери, како и Серафимов и Велковски, играчи што знаат да се стават во функција на тимот. Ќе го почекаме Марко Митев, ќе се врати Лазаревски, ќе созреваат Иван Галевски и Самоил Ристевски, ќе закрепне Тино Карасманакис…
Селекторот, тактички, исто како и неговите пулени, од првенство на првенство созрева и расте. Ја има поддршката на нацијата, а што е уште поважно, и на државата и на федерацијата. Видовме нова зона 5–1, формација што ја најавувавме, со крилата кренати високо, кои заедно со бековите ги чуваат противничкиот бек и крило, со агресивни халфови што не дозволуваат проток и залет, со антиципација што создава несигурност кај противникот.
Видовме обид да се минимизира влијанието на Пешевски, со играчи што можеби не се толку опасни во напад, но играат во два правца, како насока кон иднината на ракометот. Видовме, барем против Португалија, дека знаеме да играме континуиран, нацртан, прецизен и трпелив напад. Дека играчите веруваат во себе и знаат да се вратат од дебел минус против поквалитетни селекции.
Добивме нова зона, агресивна, интелигентна и опасна.
Џонов, Петар Атанасиевиќ и Стојковиќ се алтернативи за предната линија, додека Аларов, Стојковиќ, Карасманакис, Ристевски и Лазаревски ќе бидат поддршката од задната линија.
Веруваме во процесот, внимателно го следиме, но и конструктивно критикуваме.
Оти е за наше, општо добро!
П.С. И утре ќе (из)грее сонцето над ракометна Македонија!
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“
































