Фото: Пиксабеј

Зимска трилер-сторија

Крчмата го носеше името по реката Бутантај, која течеше во непосредна близина на населбата. Таа беше сопственост на крупниот Јакут, Сулук Тару. Човекот беше огромен, како откорнат од карпа. Тоа беше невообичаено за ситните жилави Јакути. Човекот дремеше потпрен со лактите на шанкот. Калугин знаеше дека крчмарот внимателно ги следи случувањата околу него. Како карактер, не му се допаѓаше.
– Не дреми – го стресе. – Ајде наточи вотка!
– Веднаш, Николај Михајлович!
Во крчмата влезе момче со исфлекано лице. Тоа застана пред траперот.
– Запрегата е на сигурно, Николај Михајлович – рече гласно.
Калугин ги собра веѓите. Тој му подаде банкнота од 100 рубли.
– Благодарам, Николај Михајлович – шепна и покажа дискретно кон една маса при дното од крчмата. – Оние се од Москва. Ме прашуваа за тебе. Воопшто не ми се допаднаа. Мрачни фаци и купишта мускули.
Калугин малку се подзамисли, но потоа се насмеа и ја стави раката на рамото од момчето.
– Гледаш многу американски филмови, Аљоша.
– Јас сум сериозен…
Калугин повторно го погали по косата и момчето се оддалечи.
Таа вечер крчмата се исполни до последното место. Вриеше од трапери што можеа да здивнат по интензивната ловечка сезона. На таванот пловеа облачиња од чад, а се чувствуваше и реа од евтин алкохол. Иако стануваше збор за крупни луѓе искалени во дивината, немаше ниту еден истап. Тие мошне добро ги знаеја природата и моќта на Сулук Тару, кој немаше милост кон престапниците.
Калугин му даде знак со прст и крчмарот му пријде.
– Дали ме бараше некој, Сулук?
Крчмарот со поглед посочи кон истата маса кон која предмалку посочи момчето. Таму беа седнати еден средовечен човек и двајца млади атлети. Средовечниот крена рака и го повика да им се придружи.
– Повели, седни, Сениште. Мило ми е што повторно се гледаме.
Неговата дланка остана да виси во воздухот бидејќи Калугин не ја прифати.
– Нашето одамна заврши, Долгоруков.
– Не вели така, човеку – Долгоруков беше низок и полничок. Имаше околу педесетина години. Зад очилата со дебели стакла се криеја разиграни ситни очи во кои тлееја искри со притаена закана. Насмевката му беше наместена. – Не ми е јасно како можеш да го заборавиш нашето заедничко минато?
– А, не, никако нема да го заборавам. Особено некои епизоди, Долгоруков. За авантурата во Чеченија ми остана должен десетина илјади долари. Солиден износ дури и за европски услови, нели?
– Рашомонијада, Сениште. Секој од нас на вистината гледа од свој агол. Ти како да заборави дека приближно иста сума пари јас им платив на Абраците за твојата слобода. Тоа значи дека ти мене ми должиш живот.
Калугин гласно се насмеа и со тоа го привлече вниманието на присутните.
– Откупот е платен со компензација. Кој ме отчука кај Чеченците? Секако дека си заборавил. Кој водеше валкани кампањи во Горки? Не се сеќаваш и на тоа. Колку чинеа главите на бараните злосторници за кои се обврза да ми платиш, другар полковник? Е, да. Не треба да заборавам дека прдеше во истиот леѓен со руските лиферанти на оружје и муниција против кои се бореше?
– Биди потивок и не треси глупости – еден од телохранителите дрско му се внесе во лицето. Тој шиштеше како змија.
– Скроти го младиов загар оти со него веднаш ќе го изметам снегот од Верхојанскиот ’рбет, Долгоруков! – се закани Калугин.
Еден остар поглед беше доволен телохранителот да се приземји.
– Сепак, седни да се напиеме и притоа да расчистиме некои работи. Ајде да ја слушнам твојата желба.
– Со расипани луѓе никогаш не пијам. Но… сега ќе седнам само за да ја слушнам причината поради која си натегнал долг пат.
Долгоруков подголтна. Од искуство, тој секогаш имаше проблеми со однесувањето на Калугин. Човечето раководеше со отсек на ФСБ за регионот Кавказ за време на чеченските војни. Тие двајца беа во постојан судир. Калугин беше платеник, нескротлив тип. Имаше статус на професионалец талкач без договорни обврски. За него и за тие што го ангажираа, зборот беше единствениот гарант во процесот на реализација на преземените обврски. Тој го познаваше Кавказ како сопствениот џеб. Беше врвно обучен во руската армија, а кога се демобилизира започна нов вид на соработка со тајните служби. Вистина беше дека понекогаш имаа извонредна соработка и голем број успеси. Едноставно, не можеа долг период еден без друг.
– Нудам одлична заработка, Николај Михајлович.
– Уште си на позиција да нудиш? Зарем не те пензионираа? Не знам кој би соработувал со измамник од твојот тип, полковнику?
– Знаеш дека веќе сум штавен кога некој се обидува да ме навреди со ниски удари. Ама… нека ти е простено. Ова е мојата последна мисија, момче.
– Не обидувај се да ме извозиш на емоции, полковнику. Нема да пролеам ниту солза. Многу ме интересира што си смислил за да го здебелиш сопственото конто?
– Патетично од твоја страна, момче. Но, нека ти биде. Биди трпелив и слушни што имам да ти кажам. По една долга и плодна кариера преполна со адреналински набој, време е да се повлечам, но само по круната на мојата професија. Значи, во случајов, делиме фифти–фифти.
– Да ти верувам? – Калугин намигна.
– Ти одлучуваш, Калугин. Ако за тебе половина милион не значи многу, тогаш јас си заминувам за да барам друго решение.
– Што е тоа „половина милион“, човеку?
Полковникот се пресегна преку столот за да биде поблиску до соговорникот.
– Станува збор за половина милион долари, момче!
Калугин го стави прстот на слепоочницата и почна да го врти.
– Зарем мислиш дека чавките ми го испиле умот? Кој дава тукутака половина милион?
Калугин стана.
– Застани малку!
– Барај си нова жртва, полковнику. Во моментов Калугин има доволно за себе до крајот од животот. Моето богатство е безграничната слобода во природата, која вдахнува позитивна енергија, искрените јакутски пријатели и спокојот. Твојот долг останува, ама знам дека знаеш за моето меко срце. Простено нека ти е во име на минатото!
Тој се врати кај шанкот и ја испразни чашката. Почувствува некаков притаен немир. Самата појава на полковникот Андреј Михајлович Долгоруков во Јакутија зборуваше за тоа дека спокојот, со кој предмалку се пофали, може сериозно да биде начнат.