Фото: Маја Јаневска-Илиева

МИНИ-АНКЕТА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“ ЗА МОЖНОСТИТЕ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА НЕГАТИВНОТО ВЛИЈАНИЕ ОД МОБИЛНИТЕ ТЕЛЕФОНИ И СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ВРЗ ДЕЦАТА

  • Родители на деца на тинејџерски години ги посочуваат семејното воспитување и меѓусебната комуникација како клучни за децата да ги разберат штетните влијанија од прекумерното користење на паметните телефони, односно на социјалните мрежи

Големиот проблем кај децата со прекумерно користење на социјалните мрежи и на паметните мобилни телефони е присутен и во Македонија, поради што „Нова Македонија“ разговараше со повеќе десетини испитаници, родители на деца адолесценти, кои ги споделија своите впечатоци во врска со отворената тема.
Од мини-анкетата, во која, патем споменато, во голем дел се добиени слични одговори и ставови, пошироко се осврнуваме на двајца средовечни родители, татковци на деца на тинејџерска возраст, кои пообемно ги споделија нивните видувања и мисли за оваа состојба и за надминување на тешкотиите што произлегуваат од прекумерната употреба на модерните технологии.
Дејан Стојановиќ (54) од Скопје, татко на двајца тинејџери, ја поздравува оваа мини-анкета на „Нова Македонија“ за социјалните мрежи и мобилната телефонија, истакнувајќи ја својата загриженост за однесувањето на младите.
– Напредната технологија, која требаше да биде олеснителна работа во денешницата, но, за жал, прерасна во зависност, слободно би ја нарекол електронска дрога. Своевремено, првите пејџери олеснуваа многу работи во комуникациите. Понапредна, но сѐ уште во разумни количества, конекција настана со појавата на мобилните телефони, кога подем забележа технологијата што ја понудија познатите компании „Нокија“, „Сони“, „Ериксон“, „Самсунг“ и многу други. Но, и тогаш како корисници не бевме зависни, а камоли запоседнати 24-часовно од мобилните телефони, како што е случај во последните години со масовната употреба на т.н. паметни мобилни телефони и со целата таа напредна технологија во самиот уред. Последново, според мое мислење, дојде до самиот крај на приватноста, дружењето, воспитувањето на идните поколенија, а човештвото го претвори во електронски наркомани – истакнува Дејан Стојановиќ во изјавата за „Нова Македонија“.
Стојановиќ додава дека младата популација легнува и станува со мобилните во рака, а повозрасната е вклучена на социјалните мрежи како Фејсбук, Инстаграм, Тикток и многу други мрежи на кои се гледа кој и со колку допаѓања има гледаност.
Решенијата во справувањето со големиов проблем Дејан Стојановиќ ги гледа пред сѐ во семејното воспитување, но и во обидите на државните институции со некои нивни мерки (акти) да го сведат тоа користење на помала мера.
– Со други зборови, се отуѓивме како луѓе. Во кафе-баровите и рестораните сите ги држат мобилните телефони во рака и разговорите се сведени на минимум. На тоа би се надоврзал со една шега, која не е далеку од вистината. Имено, четири девојки седат во кафе-бар, секоја е окупирана со својот мобилен телефон, и еден час подоцна ја креваат главата и велат: Се зазборевме, ајде да си одиме. Како опомени, но пред сѐ поука и правец во кој сметам дека е пожелно да се движи и Македонија во справувањето со предизвиците од напредната, но и вештачката интелегенција, се следниве информации.

Во Народна Република Кина држат кампови за одучување од мобилни телефони, бидејќи државата сфати дека младата популација буквално се претвори во роботи. Неодамна Владата на Австралија донесе закон со кој лицата под 16 години не смеат да користат социјални мрежи… Апелирам до сите да практикуваат повеќе прошетки, рекреативен спорт и планинарење, посета на реки, паркови и слично, собири во друштва за разонода без држење на мобилните во рацете. Од една страна треба да ги воспитуваме децата да ја сакаат и чуваат природата. Од друга страна треба што е можно повеќе да им втемелиме да им стане одвратна самата помисла на што било од следново: да играат во обложувачниците и/или коцкарниците, да користат разни дроги… Мојата сопруга и јас чиниме, и ќе чиниме, сѐ за да ги изведеме нашите деца на вистинскиот пат. Секако, патот до целта не е лесен, бидејќи за младиот свет, штом ќе излезе од дома, сѐ е искушение и треба да се бори со сите проблеми. На крајот, би ја повторил како општо полесна и душокорисна изреката: Сакате да заработите од коцка? Воопшто не влегувајте во казино. Со самото тоа, веќе сте во добивка – вели Стојановиќ.
Александар Кузмановски (44) од Скопје, кој е татко на две тинејџерки, единствениот спас во моментов, во оваа ситуација, го гледа во тоа родителот да посвети повеќе време за грижа и комуникација со своето дете.
– Влијанието на мобилните телефони и социјалните мрежи е огромно, особено во средините каде што нема силна домашна продукција како алтернатива. Проблем претставуваат и либералните ставови дека сѐ е дозволено и не треба државата да биде регулатор. Единствен спас во моментов, во сегашнава ситуација, е родителот да посвети подолго време за грижа и комуникација со својот наследник. На тој начин тој ќе може да се запознае со содржините што ги следи младиот и негативните ќе може да ги пресретне, односно да му укаже што е штетно во нив и зошто истите тие поттикнуваат општествена деградација и создаваат пречки во развојот на зрелоста на личноста – вели Кузмановски.
Тој додава дека има разни форми и содржини што би можеле да го одведат младото лице во сосема погрешен правец на размислување за себе и да биде ставено во заблуда за тоа кои треба да бидат вистинските вредности.
– Културолошки, социјалните мрежи знаат да бидат промотори на снобизмот, покондирувањето, потрошувачкото општество, малограѓанштината, кичот и шундот. Со овие феномени, младиот човек не само што нема да може правилно културолошки да се изгради доколку ја нема потребната поддршка од родителите, туку уште и во иднина ќе брани сосема спротивни и погрешни вредности. Тука не смее по линија на помал отпор да се потценат и штетните последици од идеологиите што се наметнуваат преку музичката продукција и телевизиските платформи, сето тоа со поддршка на социјалните мрежи. Од овој аспект, треба сеприсутниот родител во континуитет да објаснува дека постојат само нормални и ненормални вредности, а не модерни и конзервативни. Нормалните вредности се безвременски и универзални, за нив не постои модерното време како влијание – посочува Кузмановски.


И европските институции се фатија во костец со прекумерното користење на социјалните мрежи

На децата помали од 16 години треба да им се забрани користењето на социјалните медиуми, освен доколку нема категорична согласност од родителите – ова е пораката што Европскиот парламент неодамна ја испрати преку новата резолуција за возрасни ограничувања на дигиталните платформи, усвоена со големо мнозинство. Иако документот не е правно обврзувачки, европратениците сметаат дека тој е важен политички сигнал упатен до земјите членки, во рамките на националните законодавства, да преземат посериозни мерки за заштита на младите, поради растечката загриженост за ризиците по менталното здравје на децата од неограничен пристап до интернет.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, уште во септември предупреди на опасностите од дигиталните алгоритми. Во говор пред три месеци претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се изјасни против „алгоритмите што ги искористуваат ранливостите на децата со експлицитна цел да создадат зависности“ и рече дека родителите се чувствуваат немоќно против „цунамито од големите технолошки компании што ги поплавува нивните домови“. Британскиот весник „Гардијан“ исто така го пренесе ветувањето на Фон дер Лајен дека годинава ќе биде формиран панел од експерти што ќе советуваат за најдобриот пристап за заштита на децата.

Живко Здравкоски