Дваесет и шест години од смртта на еден од втемелувачите на современата македонска книжевност по Втората светска војна
- Големиот мајстор на македонската книжевна реч, Јаневски, го нема физички веќе 26 години меѓу својот народ, но тој навистина со своите книги и денес стои како жива стража на духот на македонската земја, со нив и со пораките од своите интервјуа и од други јавни истапувања
Денес се навршуваат 26 години од смртта на Славко Јаневски, основоположникот на македонската современа литература и автор на првиот роман на македонски јазик „Село зад седумте јасени“, објавен во 1952 година.
– Неговото дело беше и остана видовито, пророчко и, истовремено, потресно книжевно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина. Славко Јаневски со своите книги и денес стои како жива стража на духот на оваа земја, како пророк на една неизвесна иднина, во која влегува човечкиот род, како книжевен волшебник, кој ни остави дело, што ја вознесува во големиот свет на светската книжевност литературата на една мала земја, која често сама и осамена, но упорно се пробива со својот дух и творештво на големиот светски мегдан – има кажано академик Георги Старделов во своите сеќавања за Славко Јаневски.
Јаневски: Ако на коските под земјата не им е сеедно што станува со коските над нив, зошто нам би ни било сеедно?
Големиот мајстор на македонската книжевна реч, Јаневски, го нема физички веќе 26 години меѓу својот народ, но тој навистина со своите книги и денес стои како жива стража на духот на македонската земја, со нив и со пораките од своите интервјуа и други јавни истапувања. Предупредувајќи на вознемирувачки, но и реалистичен начин на, како што рекол самиот, „неизвесната иднина“ на македонскиот народ.
Во расказот со наслов „Ни Балканците не се без судбина“ уште во 1972 година Јаневски ќе напише: „Почна големото селење на овој народ. Збогум, можеби мислат тие што си одат, мојата татковина се вика Неврат. Овде, исклучиво или најмногу во Македонија, младоста на овој народ, момчиња, девојки, млади двојки, многу со деца, се леат во река без враќање… Некои наши села со години не слават раѓање, нема свадби… Оваа појава опседнува цели краишта на Републикава… Но, се прашувам: најповикан ли сум да кренам брана пред издлабеното корито, низ кое истекува дел од иднината на еден народ?“
Во последното интервју две години пред неговата смрт, кое го водеше писателот Тодор Чаловски и кое е објавено за првпат во ревијата за литература, култура и уметност „Стожер“ во мај 1998 година, Јаневски на драматичен начин ќе ја нагласи, како што има кажано, „својата растревоженост поради опасноста од исчезнување на македонскиот народ“.
Запрашан за „драмата на сопственото и националното постоење, која ја изразува секој автор“, поврзано и со неговата лирика и проза, Јаневски одговорил: „Јас би ја споменал авторовата драма пред листот хартија, која мора тој да ја има, да ја чувствува. Но, не се работи само за сопствениот живот. Јас уште кон крајот на шеесеттите ги напишав расказите што излегоа под заеднички наслов ‘Омарнини’. Тогаш страшно ме потресе брзото иселување на Македонците во прекуокеанските земји. Иселувањето продолжи да си тече, како што си тече и денес… Сега веќе сфаќам дека сме беспомошни, дека не можеме да сториме повеќе, за да спречиме една трагична национална промена. Мене ми е жал што овој проблем ни тогаш, а ни сега не најде вистински третман во политиката. Ние не сме некоја голема и значајна цивилизација, за да можеме вечно да опстанеме. Низ историјата биле предупредувани многу поголеми и позначајни цивилизации, па и тие не го сфатиле таквото предупредување. Исчезнувале и биле осудени да исчезнат. Што ќе ни се случи нам не можам да прорекувам, но исто така не можам да бидам ни лажен оптимист“.
Во ова интервју Славко Јаневски уште пред 28 години визионерски како да согледа и некои денешни појави и случувања во Македонија, па кажа: „Погледнете каква ни е состојбата денес. Партија со партија скарани, во црквата кавги, во спортот кавги, во медицината кавги, во литературата кавги, во економијата кавги и да не набројувам. Премал народ сме за да можеме да го издржиме сето она што сами си го наметнуваме. Предупредувам дека оваа состојба треба да нè загрижи сите нас“.
Сепак, алармот и предупредувањата на Славко Јаневски не наметнуваат примирување со опасностите што му се закануваат на Македонецот, за неговиот можен национален пораз и вистинското колективно исчезнување како народ. Тој аларм и предупредувања на Јаневски, поправо, претставуваат многу повеќе восклик за индивидуално и колективно освестување и подигнување, претставуваат многу повеќе повик за борбена акција, за спротивставување на сите национални и егзистенцијални угрози. Во оваа смисла тој ќе заклучи во наведеното интервју: „Има еден стих во песната ‘Анатомија’ од збирката ‘Каинавелија’, во кој велам дека на коските под земјата не им е сеедно што станува со коските над нив. Но ако ним не им е сеедно, тогаш зошто би ни било нам сеедно? Ние мора да ја сочуваме оваа наша самостојност, да го сочуваме она, што го сметаме како наше право на сопствен живот. Оттаму е многу важно да се има свест и будност за сè, што нè беспокои“.
Песната „Цветови“ за Ваташкиот масакр од 1943 година – моќен поетски симбол на македонската младост и национална борба за слобода
Славко Јаневски ѝ припаѓа на првата генерација македонски писатели по војната. Од рана возраст почна да се занимава со литература и сликарство. Овој трагач и истражувач по македонската вистина по шест децении неуморно творештво остави зад себе 15 романи, 11 книги поезија, шест книги раскази, осум книги за деца и голем број непубликувани во посебни книги препеви, книжевни и политички есеи и полемики, односно повеќе од 40 книги оригинално книжевно творештво. Јаневски е автор на знаменитата песна „Цветови“ во чест на 12-те млади Македонци стрелани и масакрирани на 16.6.1943 година од бугарската војска кај Ваташа. „Цветови“ останува трајно врежана во македонската национална колективна меморија како моќен поетски симбол на македонската младост и борбата на македонскиот народ за слобода.
Во пребогатиот книжевен опус, редок по својата оригиналност, Јаневски го одразуваше карактерот на македонскиот народ, го исцртуваше неговиот човечки, етички и духовен портрет. Во овој контекст со своите моќни книжевни зборови, Јаневски се претставуваше себеси и како своевиден национален трибун, кој во своите романи ја вткаја својата позната историска иронија кон времињата и епохите што ги изврве македонскиот народ. Јаневски говореше во своите дела со многу тага, со придушен бол, но и со многу хумор и подбив кон сето она што го навјасуваше и го измачуваше Македонецот под небесниот свод во историските епохи што изминаа.
– Десетте тома ‘Кукулино’ на Славко Јаневски израснаа во монументална македонска фрескокомпозиција и книжевно сведоштво за нашиот историски пат до себеси – има кажано, исто така, академик Георги Старделов во своите сеќавања за Славко Јаневски. Перото на Јаневски го пронајде патот и до срцата на возрасните и до срцата на децата: тие го паметат по книгите „Шеќерна приказна“, „Црни и жолти“, „Пупи паф, карамба-барамба“.
Еден основачите на Македонската академија на науките и уметностите и на Друштвото на писателите на Македонија
Славко Јаневски е македонски поет, раскажувач, романсиер, сценарист, сликар. Роден е во Скопје на 11 јануари 1920 година. Почина во Скопје на 20 јануари 2000 година. Беше член на МАНУ од 1967 година, претседател на Советот на „Струшките вечери на поезијата“. Во 1947 година Славко Јаневски, заедно со Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески и со Коле Чашуле, го формира во Скопје Друштвото на писателите на Македонија, кое тогаш имаше седум члена. Потоа Јаневски беше и претседател на друштвото.
Како плодотворен писател, Славко Јаневски соработуваше со Панде Ташковски на филмската адаптација на подоцнежниот епски воен роман „Доследни на заветот“ пренасловен во „Македонскиот дел од пеколот“, во режија на Ватрослав Мимица од Загреб; и ја адаптира сопствената хуманистичка новела „Две Марии“ за филмот со наслов „Јазол“ во режија на Кирил Ценевски. И по смртта Славко Јаневски не престана да ги пишува своите книги. Само четириесет дена по неговата смрт беше промовиран неговиот последен роман „Депонија“, кој не дочека да го види отпечатен. Една година по неговата смрт беше промовирана неговата последна книга раскази „И петто годишно време“, а потоа и збирката поезија „Измислена тврдина“.
Јаневски e добитник на многу награди и признанија, меѓу кои се: наградата АВНОЈ (1968); наградата „11 Октомври“; потоа на СВП; „13 Ноември“, наградата на градот Скопје; „Рациново признание“, наградата „Браќа Миладиновци“… Добитник е на две „Златни арени“ за сценарио, за филмовите „Волча ноќ“ (1955) и „Македонскиот дел од пеколот“ (1974) на филмскиот фестивал во Пула, за книжевен опус на ИРО „Мисла“, „Кочо Рацин“, „Македонско слово“.
Свето Тоевски


































