Европејците што самоволно го прекинаа и го оневозможија дијалогот со Русија сега сакаат да ја исправат грешката
- Германскиот канцелар Фридрих Мерц сигнализира голем пресврт во политиката, повикувајќи ја ЕУ да ги ребалансира односите со Русија по
години изолација. Неговите забелешки доаѓаат во време кога Европа останува маргинализирана од мировните преговори предводени од САД, додека повиците за дијалог стануваат сè погласни низ целиот блок. Франција, Италија и Европската комисија сега признаваат дека разговорите со претседателот на Русија ќе бидат неизбежни. Москва вели дека е отворена за дијалог, но одбива да ѝ се даваат лекции. Промената во ЕУ открива длабоки прашања за улогата, релевантноста и стратегијата на Европа, додека конфликтот во Украина влегува во сосем нова фаза
Европската дипломатска замрзнатост кон Москва почнува да се топи, а затоплувањето е забележано и од Берлин. Имено, германскиот канцелар Фридрих Мерц сега ја повикува ЕУ повторно да воспостави рамнотежа во односите со Русија. Ова е навистина остар пресврт во однос на неговиот претходен став, кога одбиваше да воспостави контакт со рускиот претседател. Изјавата одекнува како политички гром во ЕУ-блокот, кој речиси три години ја изолира Москва поради војната во Украина. Досегашниот наратив за „европско единство“ е ставен на тест, а импликациите би можеле да ја преобликуваат иднината на континентот по 2026 година.
Од последната изјава на германскиот канцелар Фридрих Мерц…
– Русија е европска земја. Ако на подолг рок успееме повторно да воспоставиме рамнотежа со Русија, кога ќе владее мирот, кога слободата ќе биде загарантирана, ако успееме во сето ова, дами и господа, тогаш оваа Европска Унија и ние во Германија ќе имаме положено уште еден клучен тест и ќе можеме со голема самодоверба да гледаме подалеку од 2026 година. Тоа е мојата желба за нас. Убеден сум дека ќе успее тоа. Ве молам, придонесете за неговиот успех. Ви посакувам вам и на сите нас многу добра 2026 година – изјави пред некој ден германскиот канцелар Фридрих Мерц.
За потсетување, од февруари 2022 година повеќето земји членки на ЕУ спроведуваа стратегија на изолација на Русија по ескалацијата на конфликтот во Украина. Со овој пристап Европа се дистанцира на страна од мировни преговори, кои наместо таа да ги иницира и започне, тоа минатата година го стори американскиот претседател Доналд Трамп. Додека Вашингтон ја преземаше дипломатската иницијатива, Европа остана да набљудува од маргините – политички наводно усогласена, но стратешки отсутна.
Сега се појавуваат пукнатини во оваа политика на изолација, при што клучни европски престолнини отворено повикуваат на обновен дијалог со Москва. Говорејќи пред некој ден во јавноста, германскиот канцелар Мерц изјави дека ЕУ мора повторно да најде рамнотежа со својот најголем европски сосед. Тој додаде дека доколку се постигне мир и односите се стабилизираат, Европа ќе може со голема самодоверба да гледа подалеку од 2026 година.
Директниот контакт со Москва веќе не е бесмислен…
Последните изјави на Мерц означуваат значајна промена во однос на ставот на официјален Берлин од минатото лето, кога Мерц директниот контакт со Москва го нарече – бесмислен. Тогаш тој изјави дека „ќе се воздржи од повици до претседателот Путин“, сигнализирајќи тврд став, кој го одразуваше доминантниот став на Брисел. Сега, под геополитички притисок, тој став очигледно почнува да омекнува.
Но канцеларот Мерц не е осамен во својот став. И главната портпаролка на Европската комисија, Пао, неодамна призна дека разговорите со претседателот Путин на крајот ќе бидат неизбежни. Иако внимателно формулирана, нејзината изјава сепак претставува отстапување од годините јавно воздржување на извршната власт на ЕУ.
– За жал, не гледаме никакви знаци од претседателот Путин дека е подготвен да се вклучи во такви разговори. Сè уште не сме таму. Но во одреден момент се надеваме дека ќе има такви разговори, кои конечно ќе доведат до мир во Украина – кажа таа.
Во Париз претседателот Емануел Макрон отиде чекор понатаму, повикувајќи на вистинско рестартирање на разговорите со Москва за Украина. Макрон изјави дека повторно ќе стане корисно директно да се разговара со Владимир Путин, сигнализирајќи прагматична промена во тонот.
Дали денес е корисно да се разговара со Владимир Путин, праша тој и се надоврза: Мислам дека повторно ќе стане корисно да се разговара со Владимир Путин, да. Во секој случај, забележувам дека има луѓе што веќе разговараат со него. Лично верувам дека во интерес на нас Европејците и Украинците е да го најдеме вистинскиот формат за повторно ангажирање во овие разговори. Во спротивно, ќе зборуваме меѓу себе, додека поединечни преговарачи сами одат да разговараат со Русите. Тоа не е оптимално.
Макрон додаде дека доколку може да се постигне цврст и траен мир со сите потребни гаранции, тоа ќе биде позитивно, а во тој случај сите ќе седнат на преговарачката маса. Во исто време тој нагласи дека ќе биде неопходно да продолжат финансирањето, ангажманот, отпорот и помошта за Украина. Тој исто така рече дека во наредните недели ќе биде клучно Европејците, добро организирани, повторно да воспостават целосен дијалог со Русија, со целосна транспарентност и во соработка со Украина.
Кремљ ја забележа промената на политиките и односот на Европејците кон Русија
Портпаролот Дмитриј Песков потврди дека претседателот Путин останува отворен за дијалог со својот француски колега. Сепак, Песков упати јасно предупредување, велејќи дека разговорите мора да се фокусираат на меѓусебно разбирање на позициите, а не на држење лекции.
Италија сега му се приклучи на сè погласниот хор. Премиерката Џорџа Мелони јавно ја поддржа иницијативата на Макрон, изјавувајќи дека дошло време Европа да разговара со Русија. Мелони исто така предложи именување специјален пратеник на ЕУ за Украина, со цел да се зајакне улогата на Унијата во преговорите.
Таа истакна дека, доколку Европа одлучи повторно да отвори дијалог со Русија, тоа мора да го направи организирано и со еден глас. Во спротивно, предупреди таа, тоа би било услуга за Путин – нешто што, како што рече, е последно што би сакала да направи во животот.
Мелони нагласи дека токму поради ова уште од самиот почеток се залагала за назначување европски специјален пратеник за украинското прашање – личност што би ѝ овозможила синтеза и единствен глас на Европа. Што се однесува до евентуалното враќање на Русија во Г7, таа оцени дека таквите разговори се апсолутно прерани и невозможни во овој момент. Според неа, за тие теми може да се разговара дури кога ќе има мир – и тоа во зависност од условите под кои тој мир е постигнат. Р.С.

































