Активирањето на продуктоводот/нафтоводот Солун–Скопје како повод
- Иако во јавноста се појави информација дека на 31 декември минатата година повторно е пуштен во функција продуктоводот Солун–Скопје и дека е испорачана прва пратка дизел по 13 години, директорот на АД „Нафтовод“, Радован Милососки, појаснува дека официјалното работење сè уште не е започнато. Досега е направено само техничко полнење на цевките, а во тек е инсталација на вентили за прецизно мерење на протокот на гориво на граничниот премин
Официјалниот старт на работењето на продуктоводот за нафта Солун–Скопје се очекува до крајот на месецов. На пуштањето во употреба се очекува присуство на високи претставници од Македонија и од Грција („Хеленик петролеум“). Во моментов, според соговорници од АД „Нафтовод“, „сите технички пречки се надминати, а активирањето на продуктоводот се оценува како стратешки значајно, особено во контекст на актуелните геополитички случувања“.
Клучни факти и бројки за продуктоводот Солун-Скопје
- Продуктоводот бил неактивен од 2013 година
- Неговата должина изнесува: 213 километри (околу 70 км во Грција)
- Неговиот капацитет е до три милиони кубни метри годишно или 2,5 милиони тони нафта (или деривати, во некоја друга фаза)
- Цената за пренос преку продуктоводот е 20,07 евра по кубен метар
- Сопственост на АД „Вардакс“: 80 отсто „Хеленик петролеум“, 20 отсто АД „Нафтовод“
Според некои процени на експертите, потенцијалниот годишен приход на продуктоводот би се движел до 60 милиони евра, а уделот на Македонија (преку АД „Нафтовод“), што е 20 отсто, би реализирал приходи за државата и над 10 милиони евра годишно.
Четири нивоа на значање на продуктоводот за Македонија
Според нашите соговорници, активирањето на продуктоводот носи економски и енергетски придобивки, ја зголемува сигурноста во снабдувањето со горива и го олеснува извозот кон Косово, јужна Србија и Бугарија, особено кога има проблеми со железничкиот транспорт. Соговорниците брифираат дека активирањето на продуктоводот има импакт на четири полиња: на економско, на финансиско, на политичко, но и на безбедносен план за Македонија. Всушност, според нив, едно „мултидимензионално значење за Македонија“.
– Прво, на економски план, нафтоводот ја намалува зависноста од поскапи и побавни транспортни правци (железница и камионски превоз). Потоа, го зголемува капацитетот за снабдување со горива, што е клучно за индустријата, транспортот и енергетиката. Трето, ја позиционира Македонија како регионален енергетски коридор, односно извоз кон Косово (доминантно), Србија (и потенцијално Бугарија) и овозможува постабилни и пониски трошоци за увоз, што индиректно може да влијае на цените на горивата и на инфлацијата. Долгорочно, тоа ја зголемува конкурентноста на економијата и ја прави поотпорна на логистички шокови, истакнуваат соговорниците.
Натаму, на финансиски план, ефектите се препознатливи и мерливи. Имено, потенцијалниот годишен приход се предвидува да биде апроксимативно до 60 милиони евра, вклучувајќи ги и транзитните такси. Со државен удел од 20 отсто, Македонија може да остварува над 10 милиони евра годишно стабилни приходи. Со тоа, Македонија создава предвидлив извор на девизен прилив, а патем споменато, се зголемуваат вредноста и финансиската стабилност на државното претпријатие АД „Нафтовод“. Продуктоводот сега е планирано да биде пример на стратешка инфраструктура што генерира приход, а не трошок за буџетот.
Политички и безбедносен бенефит од продуктоводот Скопје-Солун
Политички, нафтоводот има значајна тежина. Имено, тој има потенцијал да ја прошири енергетската и политичката соработка со Грција, што е важно за стабилни добрососедски односи, на што Брисел постојано инсистира. Во тој контекст, соговорниците издвојуваат дека продуктоводот ја зајакнува позицијата на Македонија како сигурен партнер во регионалните енергетски политики на ЕУ и НАТО. Но, исто така, во време на геополитички тензии, Македонија со ова добива поголема дипломатска тежина, бидејќи контролира дел од важна енергетска инфраструктура. Енергетичарите го споделуваат и размислувањето дека „продуктоводот го намалува просторот за политички притисоци преку енергетска зависност од еден правец или извор“ и дека тој е алатка на енергетска дипломатија, а не само технички објект.
Што се однесува на влијанието на продуктоводот на безбедносен план, се издвојува становиштето на соговорниците дека со него се зголемува енергетската безбедност преку диверзификација на транспортните рути.
– Во кризни сценарија, нафтоводот може да биде клучен фактор за функционирање на државата. Тој обезбедува континуитет во снабдувањето со горива во услови на кризи (војни, санкции, штрајкови, прекин на железница), се намалува ризикот од логистички колапс на државата во случај на вонредни состојби, а Македонија станува дел од поширока регионална безбедносна архитектура, каде што инфраструктурата е заштитена и приоритетна – велат тие.
Оптимистичките економски аналитичари заклучуваат дека активирањето на нафтоводот Солун–Скопје не е само техничко или бизнис-прашање туку дека тоа е еден клучен елемент како „национален/државен економски стабилизатор, финансиски ресурс, политички адут, и еден вид безбедносен штит за Македонија“. Е.Р.

































