Царинската управа информира дека е откриен случај со нелегално работење на фирма која вршела меѓународни поштенски услуги без соодветна лиценца, при што поштенските пратки ги внесувала со возила преку граничен премин, без да ги пријави кај царинските органи.
Како што соопшти денеска Царинската управа, при претрес во фирмата пронајдени се 166 поштенски пратки со разновидна стока, со вкупна вредност од речиси 240 илјади денари.
– Царински инспектори од Одделението за истраги, во координирана акција со МВР, УЈП, Агенцијата за пошти и Државниот пазарен инспекторат, извршија претрес на фирма која нелегално вршела меѓународни поштенски услуги и криумчарела стока. Во моментот на претресот беа пронајдени вкупно 166 поштенски пратки со разновидна стока, со вкупна вредност од речиси 240 илјади денари. Пронајдената криумчарена стока е запленета, а од страна на инспекторите е поднесена кривична пријава против едно правно и едно физичко лице за сторено кривично дело прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама- се вели во соопштението.
Конкретно, појаснуваат, фирмата вршела меѓународни поштенски услуги без соодветна лиценца, при што поштенските пратки ги внесувала со возила преку граничен премин, без да ги пријави кај царинските органи. Пратките потоа нелегално ги складирала во магацин во нејзина сопственост, со намера оттаму да ги транспортира до нарачателите, за што би наплатувала паричен надомест.
Царинската управа најавува дека и понатаму ќе продолжи со засилени контроли и координирани активности со цел откривање и спречување на сите облици на криумчарење и незаконско работење, заштита на државните финансиски интереси и обезбедување услови за фер конкуренција.



































