Реални, легални и изводливи механизми што Македонија може да ги користи во меѓународното право и дипломатијата во врска со францускиот предлог
- Стрмоглавиот пад на рејтингот на Макрон на домашен и на меѓународен план, токму поради политики што длабоко задираат во правото, поточно се во спротивност со принципите на меѓународното право, а и со внатрешното право на државите, во јавноста го наметнува прашањето за тоа „дали е сега моментот кога официјално Скопје треба поагресивно да реагира интернационализирајќи ја наметнатата уцена за влез во ЕУ (од страна на Париз, Брисел, Софија…)? Во тој контекст се наметнува и прашањето за тоа кои се механизмите на располагање на Македонија да направи „враќање во поранешната состојба“ (restitucio in integrum) или барем да активира ефикасни меѓународноправни алатки за да излезе од новиот евроинтегративен услов (читај: проблем), наметнат со концептот на Макрон?
Во повеќе европски медиуми деновиве повторно се појавија статии во кои се цитираат политички аналитичари и се пренесуваат наративи и примери за Макрон и неговите „политики на двоен колосек“ на меѓународен, како и некои, како што пишуваат француските медиуми, „скандалозни одлуки на внатрешен план“.Така, на почетокот на 2026 година, според релевантни истражувања на агенциите во Франција, рејтингот на Макрон падна на 12 отсто. Во тој контекст, и француската влада на Себастијан Лекорну во моментов се соочува со два предлога за недоверба.
Но, во целата ситуација поврзана со политиките на Макрон излегува на површина и неговиот концепт што длабоко ја тангира нашата држава и нѐ става во редот на земји што силно го почувствувале и сѐ уште ги чувствуваат како последица становиштето на Макрон во врска со македонските евроинтеграции и условите (ултиматумот) што произлезе од него, конципираната преговарачка рамка (т.н. француски предлог).
Стрмоглавиот пад на рејтингот на Макрон на домашен и на меѓународен план, токму поради политики што длабоко задираат во правото, поточно се во спротивност со принципите на меѓународното право, а и со внатрешното право на државите, во јавноста го наметнува прашањето за тоа „дали е сега моментот кога официјално Скопје треба поагресивно да реагира интернационализирајќи ја наметнатата уцена за влез во ЕУ (од страна на Париз, Брисел, Софија…)? Во тој контекст се наметнува и прашањето за тоа кои се механизмите на располагање на Македонија да направи „враќање во поранешната состојба“ (restitucio in integrum) или барем да активира ефикасни меѓународноправни алатки за да излезе од новиот евроинтегративен услов (читај: проблем), наметнат со концептот на Макрон?
Некои поенти за фактичката состојба во врска со францускиот предлог на Макрон
Во разговор со експерти по меѓународно право, како и неколку дипломати во врска со горенаведените дилеми, нашите соговорници најпрвин во куси црти ја опишаа фактичката состојба во врска со францускиот предлог на Макрон и со тоа ја дефинираа почетната точка од каде што би го опсервирале овој голем проблем во кој се наоѓаме.
– Францускиот предлог не е меѓународен договор ратификуван во ОН, туку преговарачка рамка на ЕУ, за која уште еднаш нагласуваме дека е прифатена со одлука на македонската Влада и Собрание. Но, за да биде ситуацијата појасна, добро е да направиме споредба со т.н. Преспански договор, при што треба да се истакне дека Преспанскиот договор е меѓународен договор ратификуван во ОН, а т.н. француски предлог – не е! Ситуацијата воопшто не е идентична. Затоа, предлогот на Макрон иако институционално прифатен од Македонија може политички да се оспорува, но правно не може едноставно да се „поништи“ без сериозен прекин или замрзнување на евроинтегративниот процес – велат соговорниците.
На прашањето кои легални и дипломатски мерки ѝ стојат на располагање на Македонија во една таква состојба, но без да му се наштети на нашиот евроинтегративен процес, нашите соговорници истакнуваат неколку механизми за наша реакција што може да бидат активирани.
Не директна конфронтација со засегнатите страни, туку активирање дипломатски алатки кон ОН, Советот на Европа од Стразбур, Венецијанската комисија…
Според нашите соговорници, дипломатските алатки реално имаат одредена тежина, иако тоа не е магичната формула што експресно ќе го реши наметнатиот проблем. Соговорниците унисоно истакнуваат дека решавањето на проблемот не треба да се движи во насока на директна конфронтација, туку тие повеќе ја гледаат интернационализацијата на наметнатиот проблем преку стрплива дипломатска кампања и преку документација на случајот за сето време.
– Македонија може да поднесе официјален меморандум до генералниот секретар на ОН, во кој ќе се укаже дека била изложена на асиметричен политички притисок, ќе образложи дека новите услови за интеграција кон ЕУ не се засноваат на Копенхашките критериуми и дека е очигледно дека францускиот предлог се заснова на билатерални историски и идентитетски барања. Добро, се разбира дека оваа алатка нема да поништи ништо, но создава меѓународна архива и активира еден вид аларм за да го штити државниот став за иднина – тврдат нашите соговорници.
Второ, во разговор со професорите од меѓународно право, тие ја издвојуваат алатката Совет на Европа, или таканаречената „совест на Европа од Стразбур“, подвлекувајќи дека во целиот пакет на мерки на официјално Скопје што може да се активира, оваа институција може да биде клучна по неколку основи. Исто така, професорите ја издвојуваат и Венецијанската комисија со нејзиниот став, кој е исклучително релевантен во меѓународни рамки.
– Советот на Европа (не ЕУ!) е клучен затоа што се занимава со човекови и колективни права, идентитет, јазик. Исто така, Македонија може да побара мислење од Венецијанската комисија за условување на уставни измени од страна на друга држава и, второ, може да побара мислење по основ на мешање во националниот идентитет. Ова е многу силна и легитимна алатка, а досега недоволно користена – нагласуваат нашите соговорници.
Сериозно да се разгледа алатката „Градење сојузи во ЕУ“, а не фронтален судир
Според дипломатите со кои разговаравме, Македонија нема интерес од директна конфронтација со Макрон, со Франција или со Германија, но може да ја продлабочи соработката со земји од Централна и Источна Европа, медитеранските држави, држави што имаат искуство со условувања.
– Дипломатијата работи со блокови (сојузи), а не со емоции. Македонија нема да ја заштити својата позиција со митови за „империи што се распаѓаат“, туку со студена, правна, документирана и долгорочна стратегија. Суверенитетот во 21 век не се брани со изјави, туку со институции, правна процедура, правни механизми, конзистентна надворешна политика. Затоа, реално треба да му се погледне во очи на овој навистина голем проблем, во кој самите влеговме. И би сакале да пренесеме заклучок во чија основа е становиштето дека отфрлањето на француската преговарачка рамка сѐ уште не може да се направи без последици, но се разбира дека може да се преиспита, да се интернационализира и, најпосле, да се редефинира – порачуваат нашите соговорници. П.Р.

































