Фото: Емил Јовановиќ

Василичарски карневали низ повеќе македонски места

Во голем дел од градовите низ Македонија се организираат маскенбали или, популарно наречени, василичарски карневали. Нивното одржување се поврзува со испраќањето на старата година и пречекот на новата, за која се верува дека треба да биде подобра и посреќна. Таквата традиција ја следат и таканаречените џоломари, кои се дел од пагански автентичен обичај, кој се слави и обележува на Василица во кавадаречкото село Бегниште. Жителите на селото со посебни василичарски обичаи ги бркаат лошите духови. Освен за бркање на духовите, џоломарите прават ритуали и за поплодна година.
Бегниште е едно од постарите населени места во Тиквешијата. Најстарите податоци за селото Бегниште датираат од 1519 година. Селото се наоѓа во јужниот дел од општината Кавадарци, во областа Витачево. Малкумина чуле за џоломарите, ретко кој го посетил селото, а уште помалку присуствувале на овој традиционален карневал.
Според етнолозите и жителите, кои секоја година го одржуваат во живот карневалот, ритуалот е зачуван во својата најчиста, изворна форма и затоа е единствен во Македонија.
Џоломарите се будат во раните утрински часови за да се подготват. Тие ги облекуваат своите алишта т.н. чулавки, го црнат лицето со пепел, ги ставаат своите вештачки мустаќи и брада и на крајот ги ставаат клопотарците и ѕвонците на својата половина. Џоломарите треба да изгледаат пострашно од злите духови за полесно да ги избркаат. Целата опрема на еден џоломар е многу тешка и потребна е сила за да се носи.
Целта на маскирањето на џоломарите е да изгледаат пострашно и да бидат позвучни со клопотарците и на тој начин да ги истераат злите духови. Оваа паганска традиција, која опстојува со векови, сѐ уште е во автентична форма.
Покрај „Вевчанскиот карневал“, во земјава во чест на пречекот на Стара нова година – Василица се организираат и други карневали со помали размери. Н.М.