РЕЦЕНЗИЈА
(Филип Клетников: „НИШТОЦВЕТ“, изд. „ВиГ Зеница“, 2025)
Песните од стихозбирката „Ништоцвет“ од Филип Клетников претставуваат потврда на авторовите дострели, кои во изминатите десетина години на плодна творечка актива обележија континуирано и сугестивно творечко присуство во нашиот литературен простор. Тие ги утврдуваат спецификите на овој поет и отвораат нови можности, кои се израз на подготвеност за смела творечка авантура.
Филип Клетников е неконвенционален поет, свој и препознатлив, и на мотивско-тематски и на стилско-изразен план. Новото во овие песни се открива не само во светот што е предмет на поетската опсервација туку и во експресијата, во изразот, во начинот на соопштувањето. Станува збор за автор подготвен смело да зачекори од другата страна на познатото и спознајното, да ја бара логиката во наизглед нелогичното, со уверување дека „Секогаш ќе има што да се каже“ („Ars poetica“). Тоа е поетот што во песната „Мерење на осаменоста“ пишува за обидот на празнината да пронајде „соодветна мерна единица за осамата“, додека во „Созерцение“ вели дека „секој допир отвора рана негде од другата страна на соѕвездијата“. А светот за кој пее Филип Клетников е разбиен свет во вид на „шаховски фигури расфрлани пред тремот на постоењето“ („Незгодна партија“). Во песната „Привид и порив“ читаме:
„Сѐ е
само привид и порив:
Нема вистина ниту лага
Нема добро ниту зло
Има само стварност
И само човек
И скитништво –
поезијата на чекорот
божествена бесмисленост
од нужноста на постоењето никнејќи“
Стварноста, човекот и скитништвото во равенство со поезијата не е чин на релативизирање на светот видлив и опиплив. Напротив, во поезијата, отаде постојната стварност, па нека е тоа и само привид и порив, во есенцијата според авторовото уверување, се постигнува нужното и логично рамновесие на кое нѐ упатува поетот без никакви дилеми и задршки. Тоа рамновесие, што никнува од нужноста на постоењето, нѐ соочува со иницијалната каписла за потрага по неизречивото. Филип Клетников со своите стихови овој величествено драматичен миг го подигнува на ниво на потрага и откривање во и на јазикот како нова стварност: стварноста – како – јазик. На овој начин е означена точката на која рефлексивното и емотивното достигнуваат степен на синтетичко единство на стварноста сфатена како стварност на песната од која авторот ни довикнува – „и глеј: веќе самиот си станал песна“. Тоа е оној агенс што води кон релјефот на внатрешното човеково битисување, кон неговите скриени, тешко доловливи и разгатливи конвулзии. Во оваа смисла во песната „Растројба“ се вели:
„Еј животе
Во гривата на ветрот што се густиш и ретчиш
Што си, чиј си?
На Ништото, ничиј
На Неименливото здив
Сам што си се издишува“
Поетот не ретко смело ги доведува крајните консеквенци до синтеза. „Создадени сме за да љубиме / А не да разбираме / Ужасот на љубовта ги движи сите нешта“, вели поетот. Љубовта е сетилна сензација, разумот ја разбива нејзината моќ, но на таа и таква компонента ѝ е спротивставен ужасот на љубовта, со што се остварува остар засек во поводите и предметот за пеење. Таквиот творечки чин отвора простор за едно пред сѐ трагично чувствување на светот и животот, нијанса со која е осенчена поезијата на Филип Клетников. Тоа е поетот што може да рече: Само она што го нема е свето и чисто: Влегувам во храмот на своето отсуство лесен како желба да ме нема.
Во песната „Нурни длабоко“, Клетников на поетски коментар ја подложува совршеноста со поттекст во кој го читаме сомнежот за нејзиното постоење:
„Сета совршеност се крепи
На она што го нема: Ништоцвет“.
Цветот во својата отелотвореност, со боја, мирис и дејство – блажено или отровно, сеедно, е доведен во значенско единство со ништото, и тоа е една од основните нишки на поетското и филозофското поимање на стремежот кон совршенство чие тематизирање е консеквентно спроведено според назнаките на насловот на оваа книга.
Во новите песни на Филип Клетников, како, всушност, и во целокупниот негов досегашен поетски проект од книгите „Некаде помеѓу“, „Крило и непрелест“ и „Метафизички сино“, нѐ заплиснуваат остро поставувани прашања, без задршка и остаток за евентуална можност да се наоѓаат одговори надвор од песната, изделени од густите пластови на нејзината многузначност. Тоа е израз на една силно означена интелектуална вертикала за самосвеста на мисијата на поетот што претвора „сѐ во букви“ и на поетскиот чин што сведочи за вкоренетоста во суштината на јазикот чии живи и животворни сокови како плазма на песната ја понесуваат посебноста на авторовото видување и доживување на светот. Од поетската лабораторија на Клетников, во песната со наслов „Букви“ доаѓаат опоменувачки стихови:
„и еден ден ти
кој претвораш сѐ во букви
самиот ќе бидеш престорен во буква“
И уште:
„Ние сме само букви
што никој не ги разбира:
заумен порив
сподвижен повик –
на белината…“
Тој „заумен порив“ води на просторот на песната што ја „покрива“ белината и се прима како еден вид метапесна во која јазикот поетски, т.е. песната, станува предмет и повод за пеење од што резултира еден изразито присутен арс-поетички сегмент што ги пронижува стиховите од книгата суптилно дозирајќи им есеистички елементи на мноштвото резонанси, радијално распространети од јадрото на одделните песни. Тешко е таквата значенска слоевитост да се дофати и сведе на толкувачкиот дискурс, но јасно е дека станува збор за поетски модел што низ фрагментарноста на поетското видување ја има шансата да допре до одредени суштини што од тековите на животот преминуваат во средиштето на песната, како нејзин свет и нејзина суштина. Во оваа смисла на најавтентичен начин се огласуваат стиховите од песната „Ars poetica“:
„и без да сетиш
од порите ти никнат
метафори
противречностите
пркосно ти се собираат во очите
со молњи – обнебувајќи ги
а кожата ти мириса на копнеж
и глеј:
веќе самиот си станал песна
молчи!“
Поетот како да вели: и сѐ е песна ако песната е суштина на битието што минало низ жестоките кругови на бесмислата, празнината, непостоењето.
Стихозбирката „Ништоцвет“ ни претставува редок поет, кој допрва ќе биде предмет на интересирање на литературната критика. Но во нашата литературна акустика моќно се чувствува неговиот поетски глас. Неконвенционалноста и автентичноста на тој поетски глас се наметнуваат со изразити естетски специфики јасно препознатливи во најновите текови на македонската поезија.
Веле Смилевски
































