„Работилницата на Дедо Мраз и малите помошници“ – интерактивна сликовница создадена од мајка и ќерка
Неодамна од печат излезе интерактивната сликовница „Работилницата на Дедо Мраз и малите помошници“ на Дарија Краличин Павлеска и Кристина Краличин Павлеска, во издание на „Панили“ од Скопје.
За љубопитните читатели, книгата веднаш станува интересна со самиот факт дека е создадена од мајка и ќерка.
– Нашата соработка произлегува од желбата приказната да се создава истовремено од перспектива на возрасен автор и од перспектива на дете, што резултира со природна, разиграна и автентична интерактивна структура – велат авторките.
Сликовницата е наменета за деца од три до девет години и претставува интерактивна авантура во која читателот е активен учесник и главен јунак. Преку избори, отворање врати и следење различни патеки, децата ја истражуваат волшебната работилница на Дедо Мраз и стигнуваат до повеќе магични завршници.
Идејата на изданието е детето да не биде само слушател, туку активен креатор на приказната и тоа е појдовната точка од која авторките ја развиле интерактивната форма на раскажување.
Сликовницата има две различни завршници – потрага по двете ѕвезди на Дедо Мраз, сребрената и златната, до кои се стигнува преку повеќе од пет различни начини на читање. Токму поради тоа секое дете повторно и повторно ќе се навраќа на приказната, секојпат читајќи ја поинаку, откривајќи нови патеки, избори и значења.
Пред празниците, оваа сликовница беше промовирана во книжарницата „Матица“ во Скопје, пред голем број дечиња и родители, а за изданието зборуваа истакнатите македонски писатели Васил Мукаетов и Горјан Петревски.
– Двете авторки претставуваат прекрасен авторски тандем, кој треба да продолжи да твори, нагласувајќи дека спојот на текстот и илустрациите целосно ја остварува целта на сликовницата како дело наменето за најмладите читатели – истакна Горјан Петревски.
Васил Мукаетов во своето обраќање преку интерактивен разговор со децата присутни на промоцијата посочи колку се тие важни за светот на книгата и фантазијата.
– Без вас, децата, нема приказни. Вие сте тие што им даваат живот – со вашите избори, со вашите прашања и со вашата имагинација – рече Васил Мукаетов.
Инаку, мајката Кристина Краличин Павлеска е авторка на неколку книги, кои имаат свои читатели во Македонија, но и во странство и добитничка е на неколку меѓународни книжевни признанија. Малата Дарија, пак, минатата година ја објави својата прва стихозбирка „Прстенчиња во лето“, а некои од песничките беа објавени на страниците на „Колибри“.
Ф.Д.


































