Во 2025 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужија 3,5 милиони патници и 26.500 летови.
Двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид минатата година опслужија 3,5 (3.475.288) патници што е зголемување од 9% во однос на 2024 година. Во 2025 година двата аеродроми опслужија 26.500 летови, што е за 4% повеќе во однос на истиот временски период, од јануари до декември, 2024 година.

-Успехот што го постигнавме во 2025 година не е случаен. Тој е резултат на јасна стратешка насока, фокусирани инвестиции и силни партнерства. Зголемувањето од 9% на бројот на патници и 4% пораст на летовите на двата македонски аеродроми е директна потврда дека вложувањата во модернизација на инфраструктурата, унапредување на оперативната ефикасност и проширување на мрежата на авиолинии даваат конкретни и мерливи резултати. Дополнително, новите дестинации, континуираната соработка со авиокомпаниите, зголемената побарувачка за патувања и посветеноста на нашите вработени овозможија стабилен и одржлив раст. Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат силна основа за уште поамбициозен развој во наредниот период – вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Само во декември 2025, статистиката на ТАВ Македонија покажува двоцифрено зголемување на процентите на опслужени патници на двата аеродроми од дури 25% во споредба со декември 2024, една година претходно, или преточено во бројки, 294.781 патници.
Во последниот месец од минатата година пак, реализирани се 2,019 летови што е за 7% повеќе од декември во 2024 година.
Стабилен пораст покажува и дневниот пресек на патници во 2025. Скопскиот аеродром дневно во просек опслужуваше 8.786 патници што е за 9% повеќе од 2024 година, а преку охридскиот, дневно патувале 767 патници што е за 16,3% повеќе споредено со минатата година, информираат од ТАВ Македонија.
Одделните анализи за двата аеродроми за периодот од јанури до декември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 3.211.419 што е за 8,7% повеќе споредено со истиот период во 2024 година, а додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 20% со услужени 263.869 патници.
Истанбул, во сите 12 месеци од 2025 беше најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје до двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 16,6% пазарен удел. Потоа следуваат Базел Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен – Меминген (4,2%).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (25,4% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (23,6%), Швајцарија (10,8%), Италија (5,5%) и Шведска (4,3%).
Од Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов летаат вкупно 15 авиокомпании кон 49 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид три авиокомпании летаат до 7 дестинации.
Според најавите на авиокомпаниите, од март годинава, мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома ќе се зголеми, со отворањето на нови авиолинии и нови дестинации. Виз ер ќе почне да лета од Скопје до Неапол и ќе ја врати авиолинијата од македонскиот главен град до Будимпешта, додека од Охрид ќе почне да лета до Милано. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ги врати полските туристи во Охрид со отворањето на новата авиолинија од Вроцлав и враќањето на летовите од Катовице.
































