ФУДБАЛ
- Би сакал да имам свој клуб, да можам да го развивам, да почнам од дното и да можам да им дадам можност на децата, на луѓето, да растат и да го направат важен клуб, изјави Меси, пренесе АП
Лионел Меси претпочита да стане сопственик на клуб, а не тренер кога ќе се откаже од играњето, изјави аргентинската фудбалска ѕвезда, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Во октомври тој потпиша тригодишно продолжување на договорот со Интер Мајами, до 2028 година.
– Не се гледам себеси како тренер. Ми се допаѓа менаџментот, но ако треба да се одлучам за една од трите функции, би сакал да бидам сопственик. Би сакал да имам свој клуб, да можам да го развивам, да почнам од дното и да можам да им дадам можност на децата, на луѓето, да растат и да го направат важен клуб. Ако треба да избирам, тоа е она што најмногу ми се допаѓа – изјави Меси за стриминг-каналот „Лузу ТВ“, во интервју снимено во декември, кое се емитуваше пред неколку дена, пренесе АП.
Меси, кој ја предводеше Аргентина до титулата на Светското првенство во Катар, во 2022 година, веќе е еден од сопствениците на уругвајскиот клуб од четвртата лига Депортиво ЛСМ, кој е во косопственост на соиграчот од Интер, Луис Суарез.
– Депортиво ЛС е семеен сон што почна во 2018 година. Многу пораснавме, со повеќе од 3.000 члена. Сакам да му понудам на уругвајскиот фудбал, местото што го сакам и каде што пораснав како дете, можности и алатки за тинејџерите и за децата да растат – рече основачот на клубот Суарез минатиот мај во видео заедно со Меси.
Осумкратниот освојувач на „Златната топка“, Меси, исто така има иден малцински удел во Интер вклучен во неговиот договор, пишува АП. Меси ја освои „Златната копачка“ во американската МЛС-лига за минатата сезона, откако постигна 29 гола, пет повеќе од Денис Буанга од ФК Лос Анџелес и од Сем Сариџ од Нешвил, имаше и 19 асистенции, а неговите вкупно 48 придонеси за голови беа еден помалку од рекордот во МЛС-лигата, поставен од Карлос Вела во 2019 година. Меси исто така стана првиот фудбалер што освоил две награди за најкорисен играч (МВП) по ред во историјата на МЛС-лигата, пишува АП. Н.М.
































