Објавена „Визионика“ од Самуел Колономос Садикарио

Издавачката куќа „Академска мисла“ од Скопје ја објави најновата книга на истакнатиот еврејско-македонски писател, истражувач на холокаустот на македонските Евреи, колумнист и мислител Самуел Колономос Садикарио, со наслов „Визионика“ и со поднаслов „Потрага по вистината“. Тој го помина работниот век на Медицинскиот факултет во Скопје, стекнувајќи се со сите научни звања од медицината: асистент, доцент, вонреден и редовен професор по кардиологија, специјалист ендокринолог. Но Самуел Колономос Садикарио по вокација се покажа и докажа како ангажиран автор на повеќе објавени книги посветени на историјата на Евреите, монографии за антисемитизмот, филозофски трактати, но исто така, тој во последно време пишува колумни на актуелни и ангажирани македонски дневнополитички теми, барајќи одговор на многу отворени и актуелни секојдневни проблеми и др. Како резултат на ова, авторот Самуел Колономос Садикарио подолго време ги објавува своите колумни на страниците на нашиот прв дневен весник на македонски јазик „Нова Македонија“, кои наидуваат на внимание кај читателите поради неговиот јасен и оригинален стил на пишување, искрена критика и барање одговор и одговорност за надминување на отворените проблеми од нашето секојдневие.
Книгата „Визионика – Потрага по вистината“ е поделена на два дела. Во првиот дел има 24 колумни објавени во 2024 година, а во вториот дел се застапени 22 колумни, кои се објавени во првата половина од оваа 2025 година.
По повод објавувањето на колумните во посебна книга, авторот С. Колономос Садикарио во првиот предговор го истакнува следното: „Богатите се сѐ побогати, посебични, сиромашните се сѐ посиромашни, исчезнува средната класа. Луѓето се нервозни, депресивни. Политиката е опака. Политичарите губат ориентација, тие стануваат ’пластичара‘, со огромна моќ на новите оружја, а тие се сѐ повеќе дезориентирани. Македонија влегува во ера на демократијата и новите бизниси сосема неспремни. Дива градина. Дивеат криминалци, мафии, влезени во сите структури на системот и интернационално. На државата насилно ѝ го менуваат името. Старата историска комисија прифати дека Бугарија во Втората светска војна не била фашистичка. Замислете! Прифатија и серија понижувачки тези за Македонија. Греко-бугарската македоцидна офанзива се продлабочува со разни нискоударни договори…“.
Во предговорот од вториот дел на книгата за колумните објавени во првата половина од оваа година, авторот Самуел Колономос Садикарио, обраќајќи се до читателите го додава следното:
„Во Македонија е дојдена нова влада, со видливи чекори во правец контра криминал, контра наркомафија, но реактивна национал-етно-политичка вжештеност со бизарни ситуации и закана за деструкција на државата. Напреднати се градежништвото (патишта, пруги), школството, енергетиката и безбедноста, но стагнира земјоделието (опасно за економијата), а медицината е во жалосно-фатален пад, што е опасно за општата безбедност…“.
Од погорното и од одржаниот авторов „час по анатомија – во потрага по вистината“ може да се заклучи дека пред нас е една навистина ангажирана книга на Самуел Колономос Садикарио, која со сета сериозност нѐ предупредува за тоа каде одиме и што навистина (не)правиме, притоа, се разбира, авторот надвосмислено ги сугерира и своите одговори на отворените проблеми, со убедување дека тие се само поттик за ангажирано решавање…

Мишо Китаноски