Во пресрет на манифестацијата „Прличеви беседи“ во 2026 година, НУ библиотека „Григор Прличев“ од Охрид распиша Конкурс за избор на најдобра беседа посветена на големиот поет и преродбеник Прличев на темата: „По песната птиците се разликуваат“. Тоа е една од мислите што Прличев често ја употребувал во своите беседи пред охриѓани.
Со конкурсот, кој го распишува четврта година по ред, библиотеката сака да го поттикне творештвото на младите луѓе да пишуваат креативно и да го збогатат својот израз. На конкурсот може да се пријават млади автори на возраст од 15 до 35 години од Македонија. Беседата не смее да биде поголема од 3.000 збора и треба да биде напишана во фонтот ариел 12. Беседата не смее да содржи политичка, етничка и верска содржина, туку треба да носи универзална порака за мир, љубов, соработка и претходно да не е публикувана. Комисијата ќе ја оценува нејзината уметничка, јазична и естетско-етичка содржина.
Беседите се испраќаат до комисијата исклучиво под шифра на следната електронска адреса: [email protected] најдоцна до 11 јануари. На авторот на најдобрата беседа ќе му бидат доделени парична награда од 9.000 денари и признание со ликот на Прличев, кои ќе му бидат врачени на манифестацијата „Прличеви беседи“ во февруари 2026 г., во организација на НУ библиотека „Григор Прличев“ Охрид. Конкурсот е отворен заклучно со 12 јануари. Шифрата на наградената беседа ќе биде објавена најдоцна до 23 јануари на веб-страницата на библиотеката.