- Во својот општински магазин, францускиот град Епинал во празничното јануарско издание му посветува посебно место на својот збратимен град Битола, со кој го запечати пријателството родено во 1968 година
Идејата за збратимување на Епинал и Битола датира од 1966 година: таа му била предложена на Андре Аргант, тогашен градоначалник на Епинал, од Пол Роа, неговиот директор за технички служби, кој редовно патувал на Источниот (македонски) фронт каде што се борел, за да им оддаде почит на своите паднати другари. Градоначалникот внимателно слушал бидејќи неговиот татко, Рене Аргант, познат како војник што загинал за Франција на Источниот фронт во Македонија, почива на француските воени гробишта во Битола, заедно со повеќе од 13.000 соборци, од Француската армија на Ориентот.
Во јануарскиот број, посветен на туристичката понуда на Епинал – град сместен во подножјето на планинскиот масив на Вогезите на истокот од Франција, цели шест страници им се посветени на Битола и на битолчани, кои се дел од пријателството што се гради меѓу двата града во изминативе пет децении, родено во крв, како за локалното население на Битола така и за војниците далеку од своите домови во Франција.
Во 1968 година, кога Битола и Епинал го потпишаа својот договор за збратимување, никој не се осмелуваше да замисли дека тоа ќе доведе до едно од најбогатите и најтрајни француско-македонски партнерства. Од самиот почеток, акцентот беше ставен на размени меѓу младите луѓе. Генерации средношколци од Епинал и од Битола поминуваа еден месец во збратимениот град, градејќи врски што, за некои, траат и денес. Овие средби понекогаш доведуваа до нераскинливи пријателства, па дури и повеќе…
Со текот на годините, Епинал, исто така, обезбеди конкретна поддршка за Битола, со испраќање хуманитарна помош, опрема и обука за пожарникари, како и учество во проекти за зелено урбанистичко планирање, третман на отпадни води и цивилна заштита. Овие акции ги зајакнаа врските меѓу двата града. Клучниот момент во ова партнерство беше отворањето на францускиот почесен конзулат во Битола во 1996 година. На чело на делегацијата беше Филип Сеген, тогашен претседател на Француското национално собрание и градоначалник на Епинал. Неговата официјална посета на Македонија, поточно на Битола, а не на главниот град, Скопјe, ја покажа важноста на овој договор за збратимување. Овој гест ги зајакна врските меѓу двата града и означи пресвртница во историјата на нивната соработка.
Денес, овие врски продолжуваат да растат. Постои вистинска соработка на темата мобилност. Културните, образовните и економските размени продолжуваат, а се појавуваат и нови проекти. За тоа што претставува збратимувањето со градот Епинал за Битола зборува и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, за читателите на „Дестинација Епинал“.
– Збратимувањето помеѓу битолчани и Епинал не е само едноставен симбол или протокол – тоа е живо пријателство, длабоко вкоренето во историјата. Оваа соработка, која трае повеќе од половина век, нè обединува преку културата, образованието, економијата и урбанистичкото планирање. Ние пишуваме приказна заедно, низ генерациите, улиците и граѓаните, кои веруваат дека Европа е изградена на овој начин: преку близина, доверба и постојана желба да се учи еден од друг. На културно ниво, размените се постојани: изложби, концерти и уметнички соработки.
Благодарение на ова партнерство, македонската култура се промовира во Франција, додека француската културна естетика останува присутна во нашата земја. Образовната соработка исто така е цврсто воспоставена. Размените помеѓу средните училишта се одржуваат редовно и сега се обидуваме да ги оживееме преку програми како „Еразмус+“. Соработка постои и преку младинските центри – вели тој.
Секоја година, делегации од двата града се посетуваат за нивните официјални празници – 4 Ноември во Битолa и Денот на Свети Никола во Епинал. Ова се денови на прослава, но и на конкретно зближување, на споделување искуства и нови иницијативи насочени кон обезбедување ново ниво на квалитет во нашето збратимување. И таму се раѓаат идеите: концерт, изложба, претстава, натпревар, турнир, проект за млади луѓе… во Битолa, како и во Епинал.
– Разменуваме идеи на оваа тема и црпиме инспирација од она што се прави во Епинал. Имплементираме велосипедски патеки во центарот на градот за да промовираме мека мобилност и да го подобриме градското патување. Понатаму, создадено е меѓуопштинско јавно претпријатие за еколошки транспорт за поврзување на битолчани со соседните општини, а наедно и намалување на загадувањето. Нашата цел е да го разгориме ентузијазмот кај помладите генерации и да создадеме нови простори за соработка, особено во областите на дигиталната култура, еколошките иновации и уметничките резиденции. Во развој е еден проект: ќе започне во Битола, а потоа ќе продолжи во Епинал, со што ќе се поттикне креативната мобилност на уметниците од двете земји – вели градоначалникот на Битола.
Збратимувањето живее преку луѓето, кои само ги надградуваат темелите поставени во 1968 година, секој на свој начин, меѓу лицата чии портрети и видувања за збратимувањето Битола-Епинал се претставени со почесен конзул на Франција во Битолa речиси 30 години, Калиопа Кривашија Стилиновиќ, која пораснала со љубов кон Франција и францускиот јазик, благодарение на збратимувањето со Епинал.
– На 16 години имав корист од едномесечна студентска размена во Франција, што ми овозможи да ги откријам Париз и француската култура – вели таа.
Калиопа има многу живописни спомени од студентските размени во кои учествувала… и секако, медалот од градот Епинал што ѝ бил доделен: „Многу сум горда на тоа. Учествував во големата авантура што го претставува ова збратимување“.
Во текот на околу дваесет посети на Епинал, Ѓуро Илиќ стекна важни пријателства и создаде незаборавни спомени.
– Епинал е шармантен и гостопримлив град, а неговите жители се топли и отворени. Околната природа нуди зелени пејзажи, а многуте паркови покануваат за лежерни прошетки. Почестен сум што го добив Медалот на градот Епинал пред неколку години. Моите интеракции со луѓето од Епинал ми отворија нови културни, образовни и лични хоризонти. Моите нови пријателства ми дадоа вредни идеи и практики што можам да ги применам во сопствената средина – вели тој.
Љубовната приказна помеѓу Тони од Битола и Бландин од Епинал совршено ги илустрира доблестите на збратимувањето помеѓу двата града.
– Ја запознав Бландин кога младите од Битола беа во посета на Епинал во 1988 година, а ја видов повторно неколку месеци подоцна кога повторно дојдов во Епинал – се сеќава Тони, очигледно под шармот на Епинал, од кој исто така го има добиено Медалот на градот Епинал за неговото ангажирање во збратимувањето меѓу двата града.
– Кога дојде во Епинал, тоа беше љубов на прв поглед – додава Бландин, со глас исполнет со емоции.
Венчана во август 1990 година од градоначалникот на Битола – д-р Аврамовски, двојката Гламчевски се пресели во Франција за да ги заврши студиите. Од нивната љубов се родиле четири деца, вклучувајќи близначки.
Валентин го открил Епинал во 1980-тите со КУД „Илинден“, како танчар. Оттогаш, Валентин Соклевски неколкупати се вратил во градот на сликите.
– Тоа е величествен град, со прекрасна архитектура, добро одржувана урбана средина и богата историја што оставила монументален белег. Секој разговор, секоја прошетка низ улиците на Епинал, во кафулињата, рестораните и историските места зрачи пријателство и добро расположение. Се надевам дека соработката меѓу жителите на двата града ќе продолжи и за идните генерации – вели Валентин.
Каролина Потел Златевска, со француско-македонско државјанство, е родена во Битола и отсекогаш била посветена на збратимувањето со Епинал.
– Кога бев во средното училиште „Јосип Броз Тито“ ги придружував делегациите што доаѓаа од и во Епинал. Како наставничка по француски јазик и туристички водич, со голема гордост зборувам за ова збратимување бидејќи Битола е најфранкофонскиот град во земјата – вели таа.
Зоран Димовски, член на мандолинскиот оркестар во КУД „Стив Наумов“ во Битолa, ја искористил културната посета на Епинал во 1988 година, за време на парадата на Свети Никола, за да го открие градот.
– Веднаш ми се допадна топлото, насмеано и искрено добредојде од гледачите што дојдоа да нè слушаат. Ги поканувам жителите на Епинал да ја посетат Битолa. Ќе бидат пречекани со раширени раце, исто како што бевме пречекани ние за време на нашите посети на Епинал, создавајќи незаборавни спомени – заклучува тој.
Магазинот на градот Епинал е отпечатен во 20.000 примероци и бесплатно се дели во сите домови на општината во Епинал, Франција, каде што многумина ќе се потсетат на нивниот престој во Битола, а други ќе откријат дека Битола не е само еден од најпознатите квартови во Епинал туку и град во Македонија што можат да го посетат. Нешто слично како и битолчани, кои најчесто мислат дека Епинал е хотелот и улица во Битола, а не еден од најголемите француски градови во Источна Франција.
Тони Гламчевски

































