Еднаш не знам како ми текна бев кум на еден мал локал во родниот град на Константин Велики. Проектот заслужи бронзен медал на Светското биенале за архитектура. Локалот го именував НИШКА ПРЕКУОКЕАНСКА ПЛОВИДБА. Не сум пловел по Нишава, но сум пловел по Вардар, Црна, Лепенец… Ги сакам прошетките по кејот во Скопје. Тој проект го извезовме и на Нишава и бидејќи сите наши реки пловат кон минатото, предложив (не беше тоа проект, само телевизиски и радиоприлог) клупите, кои се поставени паралелно со поглед кон реката, да се завртат за 90 степени и да се насочат со поглед кон истекувањето на Вардар кон Егејот! И така, секој намерник, патник, аџија што сака да се одмори на клупата ќе го има чувството дека плови кон сигурна дестинација иако во оваа секојдневност тоа е противзаконито. Но македонската цивилизација не е регресивна. Токму спротивно, затоа што ЕДИНСТВЕН НАПРЕДОК ВО ЕВОЛУТИВНА И ЦИВИЛИЗАЦИСКА СМИСЛА Е ОТКРИВАЊЕ НА МИНАТОТО.
Познато ми е дека ваков став тешко може да најде место во денешниот практично – комерцијален свет.
Но „дали, дали ученик!?“ (овој цитат е за оние што се сеќаваат на професорот по физичко Боро Михајловски од ОУ „Владимир Илич“ во Скопје илјада деветстотини шеесет и некоја… примање со лева внатрешна и додавање со десна внатрешна)…
На мрежата се просејуваат недоброј нешта… едно археолошко откритие од пред околу 20 години добило конечна разврска. Накусо, види, види:
Една американска компанија што се занимава со подводна археологија открива на дното на океанот златни и сребрени монети во вредност од 500.000 долари. Вредноста на другата археологија не се наведува. Има важни поединости на кои нема да се задржувам, но се задржувам на намерата на приватната компанија да го реализира легално наодот како своја сопственост. Откако наодот е пријавен и објавен внимателно во не толку тиражни медиуми, паралелно е поднесено барање за легализација на „имотот“ во соодветна судска установа. Судот е исполнителен, објавува рок за евентуални други „наследници“… Веројатноста да се појави друг „наследник“ е мала поради неексклузивноста на наодот и релативно малата вредност на монетите (500.000 долари даваат големите играчи во археологијата за само еден лист оригинален папирус)… Арно ама… Сепак едно службено лице од историскиот архив на Шпанија (поради лична, професионална и патриотска етика) го следи настанот со години и го пријавува настанот во Министерството за надворешни работи како податок од интерес на државата и историското наследство. Министерот веднаш реагира (необично… Шпанија поведува процедура што чини најмалку двојно повеќе за да задржи монети што нема да бидат ни изложени како ексклузивен наод во еминентните музеи!) и дознава дека рокот за обжалување на наодот пред да биде легализиран тече веќе 30 дена и дека остануваат само уште толку за поднесување жалба до судот во САД. Веднаш е ангажирана соодветна адвокатска куќа. Приватната компанија сака да го легализира наодот како најден без историја како најден без да се има археолошки докази за бродолом и како феномен што не може да се покрие со историски настан. Компанијата приложува снимки и ги пријавува сите монети.
Министерството го води процесот како сопственик на монетите, како сопственик на бродот „Богородица Елеуса“ и историски како настан што се одигрува во 1804 година врз основа на архивскиот материјал од Историскиот архив… (парите што ги носела фрегатата „Богородица Елеуса“ биле наменети за Наполеон Бонапарта да не влегува со неговата армија во Шпанија)… Постои и трета страна со барање за сопственост на имотот затоа што златото и среброто од кои се исковани монетите е од рудните богатства на Перу, но за Перу американскиот суд има законско решение и по нивното барање не се води постапка… навика, навика…
Министерството за надворешни работи на Шпанија, благодарејќи на Историскиот архив, го добива процесот по пет години. Судот ја казнува компанијата за измама со сума двојно поголема од најденото. Но Министерството за надворешни работи не се задоволува со добиениот процес….Министерството презема експедиција на локалитетот. Намерата е: НЕ САМО ПРАВНО ДА СЕ ДОБИЕ ПРОЦЕСОТ ТУКУ И НАУЧНО ДА БИДЕ ДОКАЖАНО…
Чудно. Зошто Министерството за надворешни работи толку насочено и толку долго се занимава со минатото? Зошто службеничката од историскиот архив самоиницијативно придвижила еден мамутски правен процес што заврши пред неколку години, а траеше 15?
Ова би требало да биде куса колумна. Што може да се додаде овде!
Можеби… кога ќе шетате по кејот на Вардар од левата страна ќе видите дека заедно се исправени обата познати службеници на Министерството за надворешни работи на Второто Македонско Царство. Како дипломати од кариера тие не само што успеаја да го канонизираат Светото Писмо на македонски туку и предизвикаа цело културно просветно преродбенско движење, кое по 400 години ќе стане модел за италијанската ренесанса. И нивниот успех се темели на минатото – тие најдобро го познаваа минатото на својата држава и минатото на црквата кај која се одвиваше процесот…
Има тука уште… на пример: Во скоро исто време кога американската компанија го најде богатството на фрегатата „Богородица Елеуса“ шпанска, кај нас се случи слично откритие. Не под вода туку блиску покрај река. Најдени беа не 500.000 долари туку 500.000.000 долари вредност во еден артефакт… и ако се додаде дека од Македонија во ритам од 15 години се изнесуваат 1.000.000 артефакти од нашето културно наследство и… ако се додаде скоро целосен недостиг од архивирање и скоро неверојатно деградирање на архивите… и… конечно ако се додаде: условот за прием во ЕУ, кој јасно и континуирано агресивно бара од Македонците БРИШЕЊЕ НА МИНАТОТО инаку НЕМА ПРИЕМ ВО ЕУ.
Прашање: Ако некој веќе одамна те избришал од списокот на постојни народи, како тогаш, воопшто би можел да те прими кога за него си безимен и непостоен… Мислам дека тој проблем не може никако логички да го реши корпорацијата ЕУ уште од состанокот што ја сочини Лисабонската декларација.
Не знам дали е случајно, но потонатата фрегата со перуанското злато и сребро (поводот за оваа колумна) сѐ уште (иако разнесена од внатрешна експлозија) лежи во морето недалеку од Лисабон.
Вангел Божиноски
































