Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, магистер по екологија и животна средина, кој докторира на „Сорбона“ во Париз на оваа тема, од почетокот на новата 2026 година ќе излегува на викенд-страниците на рубриката магазин во „Нова Македонија“.
Низ текстовите, авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Потребата произлегува од доминацијата на непрофесионалните гласови на социјалните мрежи што ги парализираат стручните решенија.
Авторот предлага замена на емоционалниот со научен дискурс, редефинирање на активизмот кон одговорно управување и профилизација на стручњаците со кредибилитет. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците.
– Планетата Земја ја делиме со сите, не сме тука само ние луѓето – вели Петковски.

































