Сценска новогодишна игра за деца на авторот Кирил Панајотов
- Сценската игра „Средба на полноќ“ е изведена неколкупати во различни години од различни аматерски групи, и тоа во НТ Штип, по предучилишни установи и колективи по повод новогодишните празници. Во подготовка е илустрирана сликовница. Ова е нејзино прво објавување во печатено издание
Ликови: Мартија, Лука, Анисија и Иан (дечиња на предучилишна возраст облечени во пижамки)
Нова Година (млада убава девојка облечена ко принцеза)
Дедо Мраз (типичен лик со костим)
Почетна сцена: детска соба со креветчиња, прозорец што доминира, од кој се гледа месечината. На средина од собата има украсена елка и сл. декор за новогодишно празнување.
МАРТИЈА:
Имам една тајна скришна,
Не е јаболка не е вишна
Поголема е од месечина од чоколада
Од која везден можам
да се сладам!
ЛУКА:
Нема таква тајна толку
голема ем блага
Што не може и мене
да ми биде драга.
Дај во неа и јас да ѕирнам
И така ноќва нема да е мирна!
МАРТИЈА:
Да знаеме само ние
Ќе ти раскажам каква
тајна кријам.
Сонив сон,
Сон жив како јаве!
АНИСИЈА:
Секое дете сонува.
И јас сонив сон,
Па не велам дека е тајна.
МАРТИЈА:
Но јас сонив една
голема ѕвезда
Со нејзини посестрими сто
Што прават светол пат
За кочија златна која ита
Право кон нашиот град.
ИАН:
Кочија златна?
МАРТИЈА:
Да! Кочија златна
и во неа старец
Со црвен капут и бела брада.
Елени силни побрзи од ветар,
Носеа торби со волшепства полни.
Видов во нив…
Камиончиња,
Човечиња,
Кукличиња и играчки чудни.
И слушнав глас:
„Дечиња вечерва мора да сте будни!“
АНИСИЈА:
И јас сонив сон,
Уште постварен од твојот.
Како елката наша накитена светла
Да се претвори во девојка една;
Со става вита ко добра вила,
Со насмевка блага бескрајно мила.
Се појави на миг
И слушнав милозвучен глас:
„Дечиња чекајте ме
Еве ме идам за неполн час“!
А таму некаде во далечина
Старица една подгрбавена
и бела
Кон незнајни планини
како да бега.
МАРТИЈА:
Може ли сонот вистински
да биде?
ЛУКА:
Јас верувам во тоа!
ИАН:
Значи кочијата златна
И добрата вила
Постојат стварно?
АНИСИЈА:
Да!
МАРТИЈА:
Чинам дека е време
Полноќен да се гласи час.
Но кои се тие
Заедно што итаат кон нас?
ЛУКА:
Тоа мора да се…
Тоа мора да се…
ЗАЕДНО:
ТОА МОРА ДА
СЕ НОВА ГОДИНА
И ДЕДО МРАЗ!
Сцена втора.
Влегува Нова Година.
НОВА ГОДИНА:
Тоа сме ние дечиња!
Најпрво идам јас,
А потоа и Дедо Мраз.
……………
Нова Година сум јас.
Ја испратив мојата
посестрима стара
И идам секому
По нешто да му дарам.
Да остварам желби број,
Ајде застанете во еден строј.
Има ли секој желба од вас?
Ако има да ја кажете
во еден глас!
ЛУКА:
Навистина ли?
МАРТИЈА:
Дали можеш секоја желба да ни ја оствариш?
НОВА ГОДИНА:
Секако!
ИАН:
Тогаш да ја кажеме во еден глас.
Три чет…ииииии…ри!
Јас сакам…
Јас… сакааааааааааам.
Бонбони и…
МАРТИЈА:
И чоколада… Но сепак најмногу сакам да ја бакнам мама.
Мартија Лука, Анисија, Иан и Нова Година играат во круг.
МАРТИЈА:
Нова Година,
Вилата од сонот мој!
А старецот со бела брада
Кој ли ќе биде тој?
НОВА ГОДИНА:
Сетете се дечиња
Кој најмногу мисли на вас
Во највеселата ноќ
Во тој светол час?
МАРТИЈА И ЛУКА ЗАЕДНО:
Тоа мора да е Дедо Мраз!
МАРТИЈА:
А каде е сега тој?
Дали во својата далечна земја?
ИАН:
Каде е тоа?
Сигурно некоја далечна
планета
Направена од бонбони
и чоколади сета!
НОВА ГОДИНА:
Таа е далеку и навистина
е блага.
Се вика едноставно
Земјата на Дедо Мраз.
АНИСИЈА:
Можеш ли да го повикаш
Да дојде и кај нас?
НОВА ГОДИНА:
Дедо Мраз доаѓа кај сите добри деца.
Има ли кај вас добри?
Ако има, мора да го повикате
Во еден глас!
Треба да го повикате трипати
и што е можно посилно!
ИАН И ЛУКА ЗАЕДНО:
Дедо Мрааааааааааааааз!
Дедо Мраааааааз!
Последна сцена влегува Дедо Мраз (Нова Година ја нема на сцена)!
ДЕДО МРАЗ:
Кој ли е ова што ме вика?
Ах, колку прекрасна слика.
Колку дечиња на едно место збрани.
Ќе имам ли толку дарови на број?
Еден… два… Ехеј стој
Па јас имам дарови безброј.
Анисија, Лука, Иан и Мартија играат околу Дедо Мраз
-Крај-
За авторот
Кирил Панајотов е роден во 1963 година во Штип, Македонија. Дипломирал книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 1986 година. Пишува и објавува поезија, проза, книжевна историја, критички осврти, рецензии, препејува поезија на автори од регионот.
Досега ги објавил следните книги: „Сеедно овде“, 1988, „Alter ego“, поезија 1997, „Житие за Полизена“, 2005, 2007 дополнето, 2013, „Беспаќе“, поезија 2025. Работел и на монографии, а автор е на книжевни осврти на повеќе дела. Застапен е во „Антологијата на најмладата македонска поезија“, 1987 г. Има објавувано во повеќе книжевни списанија: „Дело 74“, „Стремеж“, „ДА“, „Еднорог“, „СУМ“ и други. Работел како главен и одговорен уредник на весник, уредник и радиоводител, директор на пионерскиот дом „В. Поп Јорданова“, потоа како професор во штипската гимназија повеќе од 10 години.
Денес е одговорен за организирање на културните настани во Општина Штип, работи како советник за култура. Доаѓајќи на позицијата советник за култура (2007) во годините на пренесување на надлежности на локално ниво ја игра клучната улога за опстојување на традиционалните културни манифестации чие опстојување беше доведено во прашање: „Штипско културно лето“ (ШКЛ) и фестивалот на музика „Макфест“. Со свој личен ангажман и работа придонесе истите тие да влезат под покровителство на Општината и оваа година да ги доживеат своите јубилеи од 40 години.
За своето творештво и општествен ангажман има добиено голем број признанија и одликувања меѓу кои: награди за поезија речиси на сите манифестации на Балканот: од Фестивалот на млади југословенски поети во Кикинда, до „Млада Струга“ и „Струшките вечери на поезијата“ 1984 за најдобра песна. Добитник е и на медали и плакети за придонес во културната соработка од културни центри на Србија, Хрватска и од Бугарија, на две признанија и златен орден за придонес во развојот на забавната музика и „Макфест“, три златни плакети на Деновите на македонското радио, како автор на најдобра контактна програма, најдобар радиоесеј и најрадиофоничен глас и др. Иницијатор и автор е на целосната поставка на Спомен-собата на првиот претседател на РМ, Киро Глигоров, и на краток филм за неговиот живот и дело.

































