Со пригодна свеченост, изложба на изданија од институцијата, на ретки книги, денеска ГБ „Борка Талески” од Прилеп одбележа 80 години од формирањето.
Андриана Ристеска, директор на библиотеката, рече дека, институцијата е чувар на пишаниот збор, знаењето и културната меморија.
-Низ осумте децении прерасна и се издигна во вистински културен храм, место каде што генерации ги направиле првите чекори кон читањето, овразованието и духовниот растеж.Библиотеката не е само тивок простор исполнет со книги, туку живо средиште на идеи, дијалог и творештво. Се потсетуваме на минатото, но ветуваме дека во иднината ќе чекориме со оптимизам и верба.Со иста посветеност ќе бидеме светилник на културата во Прилеп, каде што книгата ќе живее, а знаењето ќе се пренесува – рече директорката Ристеска на денешната свеченост.
Честитајќи го јубилејот градоначалник на Општина Прилеп, Декан Проданоски, истакна дека библиотеката не е само место за позајмување книги.
-Таа беше и останува простор за размислување, учење, инспирација и создавање нови идеи. Простор каде што генерации прилепчани ги направија своите први чекори во светот на литературата, науката и уметноста. Таа е чувар на културното наследство, простор за критичко размислување и место каде што се гради и негува љубовта кон пишаниот збор. Токму таа љубов и посветеност и овозможија на библиотеката да остане жива, релевантна и витална низ сите предизвици на времето. Денес живееме во дигитална ера, кога информациите се достапни со еден клик. Но улогата на библиотеката не се намалува, напротив, таа станува уште поважна како место каде што книгата, знаењето и културните вредности се негуваат, унапредуваат и се достапни за сите генерации – рече градоначаникот Проданоски.
По повод јубилејот на институции и фирми им беа врачени благодарници за нивниот придонес за развојот на библиотеката. Ка.М.




































