Russian passport
Фото: ЕПА

Во Русија е разбиена криминална група која контролирала мрежа на печатници за производство на фалсификувани пасоши и други документи, а во текот на полициската акција се уапсени 14 лица – соопшти портпаролката на руското Министерство за внатрешни работи, Ирина Волк.

Волк во објава на Телеграм наведе дека во полициската акција се запленети повеќе од 50.000 фалсификувани документи, како и дека се проценува дека од оваа нелегална активност печатниците оствариле приход од над 2,6 милијарди рубљи, односно 27,9 милиони евра – пренесува агенцијата „Риа Новости“.

– Повеќе од 2,6 милијарди рубљи, тоа е вкупниот приход од нелегалните активности на илегалните печатници кои моите колеги од Одделот за економска безбедност и борба против корупцијата при Главната управа на МВР на Русија за Москва ги ликвидираа – изјави Волк.

Како што е соопштено, осомничените изработувале и продавале фалсификувани пасоши, дипломи, лекарски уверенија и други документи со акредитиви на владини агенции, користејќи официјални меморандуми. Клиентите ги пронаоѓале преку огласи на социјалните мрежи и веб-сајтови, работејќи на вкупно 200 онлајн ресурси.

Повеќе од 50.000 фалсификувани документи се запленети во Москва и околниот регион, како и во Пензенската, Свердловската, Рјазањската, Јарославската, Тулската, Калушката и Курската област, Татарстан и Крим. Поради сомнение за учество во печатењето на фалсификуваните документи, уапсени се 14 лица, додека 45 се пуштени со кауција.