Фото: Официјален Фејсбук-профил на Гордана Силјановска Давкова

Во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје синоќа скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов служеше полноќна божиќна света литургија, на која ја упати својата Божиќна порака.

– Како католички христијани, ја завршуваме Светата Јубилејна 2025 година. Беше година на прошка и благодат од Господ, а јубилејна е затоа што го одбележува воплотувањето на Христос. Бог се воплоти за да ни даде живот, не било каков, туку живот во изобилство. Тоа е Божјиот милостив дар за човештвото, кој како христијани треба да го пренесеме на другите, бидејќи Јубилејот е прослава на целиот Божји народ. Бог доаѓа на светот како човечко дете, се раѓа во Витлеем, лежи како човечко дете во јасли, вистински Бог и вистински човек. Тоа е нашата вера и без таа вера Божик не би имал никакво значење. Со Своето раѓање, Исус го потврдува достоинството на секој човек на земјата, не само дел од личноста, туку целата личност, тело и душа со сè што ни припаѓа во нашето постоење. Бог ни дарува ново достоинство, достоинство на Божји деца, а ова достоинство не го прима само умот и душата, туку и телото и крвта. Тоа е голем дар од Бога за кој треба да бидеме неизмерно благодарни. Сепак, се чини дека тешко ги совладуваме животните лекции, дека не знаеме доволно да го цениме овој Божји дар, но сме сведоци како постојано се влечеме низ калта, газејќи се едни врз други, без разлика дали станува збор за поединци или за нации. Сцени на насилство од улиците и градовите постојано доаѓаат во нашите домови, а омразата во војните го зема својот данок. Слики од воено разурнати области на Украина, Палестина, Нигерија и други делови од светот, киднапирања, убиства, пепел и крв, ни доаѓаат одново и одново. А потоа бројни претставници излегуваат со свои говори и размислувања за човечкото достоинство. Така, се носат некакви правни текстови, прогласи, политички манифести и размислувања за тоа што претставува човечкото достоинство, што навистина вреди да се спомене, но човек често се прашува какви мотиви стојат зад сето ова. Доброто на секој човек, без разлика кој бил и каков бил, доброто на секој народ, мал и голем, или е тоа некаков облик на сопствен профит и напредок, без разлика колку чини. Нашиот свет навистина би изгледал поинаку ако го гледаме во светлината на Божик, каде што Бог го потврдува достоинството на секое човечко суштество. Исус, Синот Божји, одеше по земјата правејќи добро, среќавајќи луѓе и поединци, и во таа средба влијаеше на нив со тоа што фундаментално ги менуваше. Драги браќа и сестри, додека го славиме Божик, да го препознаеме нашето достоинство. Да се залагаме за достоинството на секоја личност, секое човечко суштество од првиот миг на животот до последниот здив. Ви посакувам среќен и благословен Божик – Христос се роди! – стои во божиќната порака на скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов.