- Книгата „Враќањето на Орфеј (орфејска и орфичка поезија)“ спаѓа во редот на научните трудови посветени на теориско-критичкото промислување на поезијата, какви што има многу малку во нашата наука за литература
Деновиве, во издание на издавачката куќа „Полица“ од Скопје, излезе од печат научната студија „Враќањето на Орфеј (орфејска и орфичка поезија)“ од Сузана В. Спасовска. Книгата претставува видоизменета верзија на докторската дисертација одбранета во 2024 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Студијата содржи пет поглавја, придружена со обемен поговор од Лидија Капушевска-Дракулевска, распространета на 500 страници. Книгата ги прикажува историјатот и патот на митот за Орфеј од античката филозофија, преку христијанската ера, па до модерните времиња. Во истражувањето се испреплетуваат и неколку различни дисциплини, како што се класичните студии, филозофијата и психологијата, при што се проблематизира и орфизмот како филозофско учење, орфичките химни и орфичката идеја во целост. Во студијата се прави обид за типологија на поетички модели на орфејска и орфичка поезија, при што се прават паралели и споредби на еминентните европски автори, како Новалис, Нервал, Маларме, Рилке и Елиот, со македонските автори Шопов, Јаневски, Павловски, Урошевиќ, Ренџов, Клетников, Даниловски и многу други. Проблемот на орфичкото во поезијата во последниве години е доста актуелна тема во светската книжевна наука, која првпат се истражува во македонскиот научен дискурс.
– Книгата „Враќањето на Орфеј (орфејска и орфичка поезија)“ спаѓа во редот на научните трудови посветени на теориско-критичкото промислување на поезијата, какви што има многу малку во нашата наука за литература. Со извонреден усет за една флуидна и честопати не докрај дофатлива материја каква што е поезијата, Спасовска успева да ги совлада сите предизвици во промислувањето на митот за Орфеј и да покаже и докаже дека денес Орфеј станува конкретна иницијациска практика за иницирање на наследниците на орфејскиот пев – за лиричарите. Од анализите на клучните дела и автори на романтичарскиот, симболистичкиот и модернистичкиот поетски круг, Спасовска извлекува поетички модели и ги применува во современата македонска поезија. Митот за Орфеј е издигнат на ниво на поетичка постапка, која се проследува низ историјата на светската книжевност, со посебен акцент врз примери од современата македонска поезија. Оттаму и придонесот за едно контекстуално промислување на нашата поезија и литература во целина, а оттаму и нејзиниот траен влог во нашата книжевна наука и културологија. Минуциозните, научно фундирани и мошне продлабочени анализи на поезијата дадени во оваа книга може да послужат како пример и да бидат креативен поттик за некои други, сродни проучувања и во иднина – пишува во поговорот Лидија Капушевска-Дракулевска.
Сузана В. Спасовска (1972) дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Покрај седум збирки поезија, ја објавила и научната студија за слободниот стих „Слободата на стихот“ (2021), како и збирката критичко-есеистички текстови „На врв од острицата“ (2024). Изданието е поддржано на Годишниот конкурс за финансирање проекти од културата на македонското Министерство за култура и туризам за 2025 година. С.Ј.
































