Фото: Ка.М.

Со посна трпеза, грав, сармички, риби, греано вино, и пригодна културно уметничка програма, во Прилеп денеска беше одбележана градската слава Св.Никола.

За убавото и пријатно одбележување на патрониот празник се погрижија домаќините фирмите Матадор и Бимфоод.

Утрово се одржа свечена литургија во црквата св.Благовештение, со која чиноначалствуваше митрополитот преспанско пелагониски г.Петар, кој на граѓаните им посака добро здравје и слога.

Честитајќи го празникот градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски посочи дека за прилепчани, Св.Никола не е обичен ден.

-Тоа е ден на сплотување, ден кога сите слават, едни се домаќини и го чествуваат како своја куќна слава, а други со радост им одат на гости. Славењето на Св.Никола во Прилеп не е само обичај, туку силен симбол на нашата духовност, меѓусебна почит, заедништво и хуманост. На овој ден, секој кажан збор и секое добро дело имаат посебна тежина. Св.Никола е заштитник на сиромашните и немоќните, затоа веруваме дека секое добро, направено на овој празник, се враќа повеќекратно. Оваа година одбележуваме 20 години од нашата заедничка и искрена определба за почит и дарување, од одлуката, донесена по иницијатива на граѓаните во 2006 година, Св.Никола да биде патрон празник и заштитник на Прилеп и сите заедно, во духот на заедништвото, да го славиме како градска слава. Овој јубилеј ни дава уште поголем мотив да продолжиме да ја негуваме традицијата, меѓусебната почит и солидарноста, заедно да градиме и создаваме иднина за генерациите што доаѓаат по нас, не заборавајќи ги основните човечки вредности: почитта, дарувањето и грижата за другиот.Во тој дух продолжуваме да ги чуваме и негуваме локалните традиции и духовноста, градејќи го Прилеп како препознатлива и отворена дестинација, во која секој добронамерен гостин ќе има причина да не посети и одблиску да ја почувствува убавината и богатството на нашата вековна историја и традиција.Верувам дека заедно ќе успееме Прилеп да го направиме уште поубаво и подобро место за живеење – рече Проданоски.

Граѓаните го изразија задоволството што се почитува и не се заборава традицијата.

Ка.М.