Деновиве се актуелни новогодишните фотосесии, а од неколку фотостудијата нѐ известија дека кај нив сѐ почесто се фотографираат и миленици
Многу луѓе ги сметаат своите миленици за членови на семејството. Па, така, голем број сопственици ги вклучуваат и четириножните членови во славењето на новогодишните празници – им купуваат подароци, ги облекуваат во новогодишна облека, им приготвуваат посебни јадења и ги фотографираат покрај елката.
Деновиве се актуелни новогодишните фотосесии, а од неколку фотостудијата нѐ известија дека кај нив сѐ почесто се фотографираат и миленици во новогодишен амбиент, со поставена сценографија. Сѐ почесто сопствениците, покрај децата, на фотографирање со Дедо Мраз, под елката во празничен амбиент, ги носат и милениците. А тие, пак, соработуваат и уживаат пред објективите на фотографите.
Од фотостудиото „Феритејл фотографи“ велат дека омилени им се сесиите со бебиња или деца заедно со милениче.
– Неколкупати досега сме имале и поединечни фотосесии со миленици и комбинации на деца со миленици. Сите уживаме во пријатната атмосфера, се забавуваме. А забележуваме и дека милениците се премногу среќни кога ги фотографираме, едноставно не можат да ја скријат радоста – велат од „Феритејл фотографи“.
И од фотостудиото „Пента“ ни потврдија оти прават фотосесии за миленици и дека секоја година има сѐ поголем интерес.
– Поради големиот интерес од следната година би ставиле повеќе акцент на фотосесии за миленици, би направиле посебно студио за нив, со повеќе реквизити – посочуваат од „Пента“.
Во студиото за фотографија „Фактори“ потврдија дека и кај нив, исто така, интересот е голем. Засега, како што нѐ известија, се прават новогодишни фотосесии на милениците најчесто во домовите на семејствата или на терен. Се приспособуваат и договараат според барањата на клиентите. Ивана Гашева често кога им прави сесии на своите деца, во нив ги вклучува и милениците, затоа што смета дека и тие се рамноправен член на семејството и треба да бидат дел од фотоспомените.
– Векот на домашните миленичиња е околу 15 год., постојат многу фактори за подолг или пократок, но сепак реалноста е таа. Донатело има 14 години во моментов, имам две ќеркички, големата израсна со него. На овој начин сакам да оставам траен спомен од нашите миленици. Сметам дека професионалната слика ќе остане спомен од убавите денови поминати заедно со нив – вели Ивана.
Според неа, сѐ повеќе сопственици ги фотографираат своите миленици, но сепак треба да помине уште многу време за тоа да биде општо прифатено.
– Досега фотосесиите поминуваат одлично. Донатело и Лола уживаат во фотографирањето – вели Ивана.