Фото: ЕПА

Почна гласањето за составите на тимовите на олстар-натпреварот на кошаркарската НБА-лига во 2026 година и ќе трае до 14 јануари. Мечот е закажан за 15 февруари во Лос Анџелес и ќе има нов формат, во кој два тима ќе бидат со играчи од САД и еден тим од меѓународни играчи (познат како Светски тим). Овие тимови ќе се натпреваруваат во кружен турнир со четири меча од по 12 минути. Трите тима ќе имаат најмалку осум играчи, пишува интернет-страница на НБА-лигата.
Како и во минатото, 24 олстар-играчи (по 12 од секоја конференција) ќе бидат избрани на следниов начин: петте играчи прогласени како стартери од секоја конференција ќе бидат избрани од гледачите (50 отсто од гласовите), актуелните НБА-играчи (25 отсто) и од медиумскиот панел (25 отсто), а другите играчи од секоја конференција ќе бидат избрани од главните тренери во НБА-лигата. Годинава олстар-играчите ќе бидат избрани без оглед на позицијата на која играат. Процесот на распоредување играчи во двата американски тима ќе биде утврден подоцна. Ако гласањето за олстар-тим не резултира со избор на 16 играчи од САД и осум меѓународни играчи (кои можат да вклучуваат и американски играчи со врски со други земји доколку е потребно), тогаш комесарот на НБА, Адам Силвер, ќе избере дополнителни играчи што ќе се приклучат на која било од групите за да се достигне тој минимум. Во тој случај, барем еден тим би имал повеќе од осум играчи, информира НБА. Г.И.