ШАХ
- Индиецот Мишра стана ВМ на 12 години, четири месеци и 25 дена, а Аргентинецот Оро, кого го нарекуваат уште и Меси во шахот, со 12 години, два месеци и два дена има две норми, што значи дека има речиси три месеци за да ја постигне и третата норма за да стане ВМ
Аргентинско шаховско чудо од дете, 12-годишниот Фаустино Оро (2.509 рејтинг-поени), е еден чекор поблиску да стане најмладиот велемајстор (ВМ) во историјата. Неодамна тој имаше уште еден фантастичен настап, на турнирот во Буенос Аирес (Аргентина), каде што ја освои втората норма за ВМ, која беше обезбедена откако Оро, кого го нарекуваат уште и Меси во шахот, ремизира во деветтото последно коло со осумкратниот аргентински шампион Диего Флорес. На турнирот со 10 играчи победи Норвежанецот Аријан Тари со шест поени, а Оро, со 5,5 поени (без пораз), беше четврти со играчки перформанс од 2.608 поени и освои нови 13 рејтинг-поени. Откако ја обезбеди нормата, Оро помина 30 минути во преполната прес-сала, каде што го гледаа вундеркиндот како ја анализира партијата со Флорес, пишува шаховската интернет-страница „Чес“.
– Оро е суперталентиран и се чини дека многу работи прави правилно. Имам впечаток дека има многу тренери, бидејќи е добро подготвен во отворањето. Уште мислам дека му треба малку време за да го достигне нивото на ВМ, но генерално небото е граница – рече победникот Тари, кој и самиот беше наречен чудо од дете кога ја постигна својата прва норма за ВМ на 13 години, а во 2017 стана и светски јуниорски шампион.
Втората норма за ВМ е уште едно извонредно достигнување на Оро, 2,5 месеци откако ја постигна првата норма, на турнирот во Мадрид (Шпанија), соборувајќи два рекорда поставени од ВМ Прагнананда Рамешбабу. Оро стана познат уште од неговиот пробив, на деветгодишна возраст, кога првпат ја премина границата од 2.200 рејтинг-поени, а потоа и бариерата од 2.300 и беше најмладиот во историјата што го сторил тоа во тоа време.
Тогаш тој го собори и рекордот како најмлади играч што постигнал норма за интернационален мајстор (ИМ), станувајќи првиот шахист што го сторил тоа пред да наполни 10 години, а подоцна стана ИМ на 10 години, осум месеци и 16 дена.
– Оро е исклучителен талент. Во историјата на шахот никој не го достигнал неговото ниво на 12 години – рече шпанскиот ВМ Алексеј Широв, кој на турнирот во Аргентина го освои третото место, пренесе „Чес“.
Рекордот на индискиот ВМ Абхиманју Мишра, како најмлад ВМ, е на дофат. Мишра стана ВМ на 12 години, четири месеци и 25 дена, а Оро сега има 12 години, два месеца и два дена. Тоа значи дека има речиси три месеци за да ја постигне и третата норма за ВМ.
Сепак, младата ѕвезда инсистира дека самите рекорди не се негов фокус.
– Не ме интересираат многу рекордите. Очигледно, тоа што сум најмладиот играч што достигнал рејтинг од 2.500 ме направи среќен. Да бидам втор најмлад играч што постигнал норма, заедно со светскиот шампион, е возбудливо. Но дури и не го планирам мојот распоред околу освојувањето на овој рекорд. Би било убаво да го имам, но нема да ги сменам моите начини за да го постигнам. Сакам да играм добро. Сакам да се забавувам, а го имам тоа во изобилство. А потоа доаѓаат долгорочните цели, да – изјави Оро во интервју за ИЦЦ пред неколку месеци, пред да ја освои својата прва норма за ВМ, пренесе „Чес“. Г.И.
Највисоки рејтинзи пред 12. роденден
ШАХИСТ ЗЕМЈА РЕЈТИНГ ГОД.
Фаустино Оро Аргентина 2.509 2025
Прагнананда Рамешбабу Индија 2.487 2016
Јагиз Кан Ердогмуш Турција 2.475 2023
Нодирбек Абдусаторов Узбекистан 2.465 2016
Сергеј Карјакин Русија 2.460 2002

































