Фото: „Нова Македонија“

Расте кругот на политичари што се спротивставуваат на политиките на бриселските неолиберални кругови

  • Поразително е што ваквиот пристап го урниса и меѓународниот кредибилитет на ЕУ на секое ниво, па затоа и не изненадува што Европа беше исклучена од наоѓањето решенија за сите глобални предизвици, сведувајќи се на главен опструктор на процесите во обид некако да се најде на преговарачката маса и така да се факторизира. Таквиот пристап во последната деценија придонесе да расте отпорот меѓу граѓаните во земјите членки, кои препознаваат дека оваа Европа не е таа за која гласале, па затоа сѐ почесто им ја даваат довербата на лидери на кои им е поблизок традиционално-суверенистичкиот пристап

Расте бројот на политички лидери во Европа што отворено не се согласуваат со форсирањето консензуална европска политика за повеќе прашања, политика што е неефективна и некомпатибилна со основните демократски начела и принципи.
Токму таквиот пристап на актуелните неолиберални елити што ја предводат Европската Унија придонесе европската идеја денеска да биде целосно изместена од колосекот, буквално дисторзирана од својата автентична верзија, што од друга страна влијае врз нарушувањето на кредибилитетот на Унијата, како меѓу земјите членки така и кај оние што претендираат да станат дел од големото европско семејство.
Поразително е што ваквиот пристап го урниса и меѓународниот кредибилитет на ЕУ на секое ниво, па затоа и не изненадува што Европа беше исклучена од наоѓањето решенија за сите глобални предизвици, сведувајќи се на главен опструктор на процесите во обид некако да се најде на преговарачката маса и така да се факторизира.

Бабиш, уште еден во низата критичари на европските непринципиелни политики

Таквиот пристап во последната деценија придонесе да расте отпорот меѓу граѓаните во земјите членки, кои препознаваат дека оваа Европа не е таа за која гласале, па затоа сѐ почесто им ја даваат довербата на лидери на кои им е поблизок традиционално-суверенистичкиот пристап.
Такви лидери што во моментот јавно им даваат отпор на бриселските деструктивни политики се унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговиот словачки колега Роберт Фицо, кои јасно истакнуваат дека европските политики се погрешни. Критиките беа насочени за повеќе прашања, почнувајќи од немањето јасна визија за проширувањето, војната во Украина, мигрантската политика, зелените политики…
Последен што се вклучи во тоа друштво на критичари е новиот чешки премиер Андреј Бабиш, кој јасно истакна дека ЕУ не ги решава проблемите.
– Не разбирам зошто ЕУ одамна не одлучи да ја прошири шенген-зоната кон земјите од Западен Балкан за да ја брани нашата Европа на море од шверцери, кои ги злоупотребуваат овие луѓе и им ветуваат подобар живот, а само им ги земаат парите – рече Бабиш.
Премиерот Бабиш објави дека на првата работна седница на новата чешка влада ќе бидат вклучени и итни европски прашања.
– Ќе ги отфрлиме новите дозволи за емисија на гасови ЕТС2 затоа што станува збор за нов зелен данок, ќе го отфрлиме миграцискиот пакт, ова ослободување за нас за кое слушаме е само за една година – истакна Бабиш, додавајќи дека на претстојниот самит на ЕУ ќе учествува и на состанокот на земјите што ги отфрлаат новите европски решенија за миграцијата, организиран од Данска, додека денеска треба да се сретне и со лидерите на земјите од Западен Балкан.
Уште додаде дека тој и неговата партија АНО отсекогаш се бореле за интересите на Европа, но дека ЕУ сега ја губи конкурентноста и не решава проблеми како што се енергетиката, даночната евазија или царинските измами.
Слични ставови на несогласување со актуелните европски политики искажува и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, изразувајќи надеж дека ЕУ нема да пропадне поради наметнување едноумие.
– Постои една тенденција луѓето да се наговараат, а ако не оди убаво, многу брзо се откажуваат од тоа, па потоа се оди на сила за сите да мислат исто, а тој филм веќе го гледавме. Поради тоа пропаднаа Југославија и Советскиот Сојуз. Се надевам дека нема и Европската Унија… Не можат сите да се однесуваат на ист начин, а заедничките демократски вредности се прашање на толкување – порача Милановиќ за време на посетата на Словачка.
И други европски лидери искажуваат отворени несогласувања со актуелните европски политики, со барање ЕУ да почне да дејствува во согласност со сопствените принципи, а не според желбите на одредени интересни групи внатре во Унијата.

ЕУ мора да носи одлуки што ќе бидат плод на уважување и на различно мислење

Повеќе аналитичари и експерти за европските состојби констатираат дека кругот на лидери што детектираат дека Брисел води политики на двојни аршини за многу прашања станува сѐ поголем.
– Тука не станува збор за политичари што се антиевропски настроени како што некој сака да ги претстави, туку за луѓе што јасно кажуваат дека оваа ЕУ не е истата во која пристапиле пред две децении. Тие луѓе најпрво ги критикуваа европските политики на отворени врати за мигрантите, во што сега се уверија сите земји членки, па почнуваат да ги депортираат мигрантите назад во нивните матични земји. Истите луѓе со години зборуваат и дека ЕУ не прави ништо да го заокружи процесот на проширување со земјите од Западен Балкан, но бриселските либерални елити само констатираа дека проширувањето е живо, дека секој ќе напредува според заслугите, а од 2013 година се нема случено ново проширување. Несогласувања имаше и околу зелените европски политики, со јасни пораки дека технологијата го нема достигнато тоа ниво да може економиите целосно да се префрлат на енергија обезбедена од обновливи извори. Сега гледаме дека Германија ќе ги отвора нуклеарните централи, Полска ќе гради нова нуклеарка, така што сето ова е непотребно доцнење во енергетската инфраструктура исклучиво поради погрешните политики. Да не говориме за пристапот на водството на ЕУ кон војната во Украина, кое, доколку беше малку попрагматично, ќе ја спречеше војната во Украина уште по првата недела и ќе беа спасени многу животи. Тука е отпорот и кон многу други политики, кои се непрепознатливи за Европа, но некој упорно ги турка – велат соговорниците.
Според нив, тоа што расте бројот на европски политичари што водат поконзистентна, постегната, традиционално-суверенистички насочена политика, јасно говори дека има отпор и во самите европски општества кон лицемерните политики на европскиот врв.
– Нема никаков сомнеж дека уште еден тас во ликот на Бабиш е додаден на вагата на ЕУ, па како полека да почнува да натежнува таа струја што има некакви принципиелни, стегнати политички ставови, кои треба да бидат основа врз која Европа ќе гради заедничка политика. Сите овие процеси јасно говорат дека ЕУ почнува да се трансформира, да се реструктурира во таа насока и тоа очигледно почнува да им станува прифатливо на повеќе лидери што се внатре. Клучно во реструктурирањето е промената на начинот на гласање, од консензуално во гласање со квалификувано мнозинство, на што сведочевме изминатиот период. Од друга страна, никој не треба да има илузии дека моќните земји членки на ЕУ едноставно ќе се откажат од доминацијата што ја имаат. Тоа нема да се случи, но повеќе од очигледно е дека сега се поставуваат платформите на Европа од прва и втора лига, во која големите играчи и натаму ќе ја задржат доминацијата, а помалите ќе бидат среќни да можат да ја негуваат сопствената автохтоност низ европска перспектива. На крајот од краиштата, војната во Украина со сите ужаси и разурнувања што ги донесе за украинскиот народ и земја, донесе и нешто позитивно ако така може да се каже, односно во некоја рака ги поттикна Европа и европските лидери да се разбудат од сонот и да почнат да носат храбри одлуки што се поврзани со големата европска идеја, врз основа на европските принципи, со почитување на различностите, но и со уважување на сечиј став. Мозаикот од идеи всушност треба да ја креира идната европска линија по која ќе се движи идната европска политика, која ќе обединува наместо внатрешно да раслојува, како што сега е случајот – констатираат соговорниците.