Вулканот Анак Кракатау, по чија ерупција викендов се формираше цунами што уби речиси 300 луѓе, повторно еруптираше.
Како што јави Би-Би-Си, жителите на крајбрежниот појас во близина на Анак Кракатау биле предупредени да се држат подалеку од плажите, поради можноста од појава на ново цунами по ерупцијата.
Имено, во саботата цунамито предизвикано од ерупцијата на вулканот Анак Кракатау ги погоди островите Јава и Суматра, при што смртно настрадаа 281 лице, а 1016 беа повредени.
Но, вулканот вчера повторно еруптираше, а снимките покажуваат како исфрла пепел и чад.
Снимката направена од чартер лет во неделата ги прикажува размерите на новата ерупција во Сундскиот теснец.