ФУДБАЛ
- Од изведување пенали и благосостојба на фудбалерите до фокусирање на тактичките слабости на нивните ривали, вештачката интелигенција е основа на плановите на англиската репрезентација за Светското првенство в година
Вештачката интелигенција остава голем белег во елитниот фудбал, Англија е на врвот кога станува збор за нејзино користење во меѓународна конкуренција, а од изведување пенали и благосостојба на играчите до фокусирање на тактичките слабости на нивните ривали, вештачката интелигенција е основа на плановите на англиската репрезентација за Светското првенство (СП) в година, пишува „Би-би-си“.
Пеналите претрпеа револуција од вештачката интелигенција
Освен тренерите и физиотерапевтите, кои седат покрај селекторот Томас Тухел на клупата, персоналот на Англија вклучува групи аналитичари, научници за податоци и внатрешни тимови за развој на софтвер. Тие користат различни алатки за вештачка интелигенција, некои купени од надворешни технолошки фирми, некои создадени во Фудбалската асоцијација (ФА), за да анализираат податоци, да пронајдат интересни информации и да креираат презентации што се користат на состаноци за да ги направат сложените информации разбирливи за тренерите и за играчите. Идејата е фудбалерите на Англија потоа да можат да донесуваат подобри одлуки на теренот, вклучително и нивниот пристап кон пеналите.
– Вештачката интелигенција може да покаже одредени тенденции за тоа каде играчите на противникот ги шутираат своите пенали за кои веројатно не сме размислувале. Кога ќе стигнеме до Светско првенство, имаме информации за 47 репрезентации, за тоа каде секој играч во секоја селекција ги извел сите пенали откако имал 16 години? Ни требаа пет дена за да собереме информации за изведување пенали за една селекција. Со помош на вештачката интелигенција, тоа сега може да се намали на околу пет часа. Потоа тоа станува петминутен разговор со нашиот голман, за петте секунди од кои тие се надеваат дека ќе одбранат пенал – вели Рис Лонг, кој од 2016 година е раководител на Одделот за увид и анализа на перформансите на ФА.
Теоретски, информациите за пеналот залепени на шишето со вода на голманот Џордан Пикфорд се поточни и подетални од кога било досега. И резултатите досега се силни. Откако пристигна Лонг, статистиката за пенали на Англија значително се подобри, а употребата на вештачката интелигенција од аналитичарите се користи и за намалување на менталниот притисок врз играчите на Англија при изборот каде да шутираат при изведување на пеналите.
– Пеналите навистина ми ги отворија очите. Имавме голем состанок пред Европското првенство, на таблата имаше дијаграм каде е поголема веројатноста да постигнете гол, а потоа тие ќе ви дадат индивидуализирани информации за тоа каде мислат дека е најдобро да биете – рече Конор Коуди, член на англиските репрезентации на Европското првенство (ЕП) во 2021 година и на СП 2022.
Визуелните ефекти се базираат и на тенденциите на противничките голмани, како на пример ако се фрлаат почесто на едната страна, и на анализата на тоа како секој играч на Англија претпочита да ја удира топката.
– Тоа што тие ви кажуваат каде да шутирате го намали притисокот. Тоа беше нешто што ни требаше – вели Коуди.
Клучна за успехот на ваквите анализи е подготвеноста на играчите да се ангажираат со податоци и да ги разберат информациите што им се дадени.
– Играчите стануваат многу посмирени за толкување на сопствените податоци. Количеството информации што се обидуваме да ги разбереме експлодираа. Мора да ги филтрирате сите тие информации за да имате добар разговор со тренерот, а потоа и со играчот – вели Лонг.
Водечки технолошки играчи
Во изминатите неколку години софтверот за фудбал со вештачка интелигенција напредна до степен што сега може да следи десетици илјади движења и настани на теренот секоја секунда, во состојба е да означува тактички обрасци за време на мечевите во живо, така што аналитичарите можат веднаш да ги пронајдат на видео за приспособувања во текот на натпреварите и за повратни информации помеѓу двете полувремиња и може веднаш да креираат графика. Додека Шпанија, Франција и Аргентина беа поуспешни на претходните меѓународни турнири, и ќе бидат меѓу фаворитите в година, се верува дека Англија, Германија и САД се на чело на користењето вештачка интелигенција за да се обидат да добијат предност, пишува „Би-би-си“.
– Англија има голем ресурс и многу инвестираше во ова. Таа има инженери за податоци, аналитичари на податоци и специјалисти за перформанси зад сцената во сите нивни репрезентации, од јуниори до сениори. Кога од податоците се префрливме на големата табела за да го демонстрираме тоа, играчите навистина се вклучија во тактичките аспекти – вели Алистер Мекроберт, професор по анализа на перформанси на Универзитетот „Џон Мурс“ во Ливерпул.
Одлуките за благосостојбата на играчите под влијание на вештачката интелигенција
Англија не ја користи вештачката интелигенција само за прашања на теренот туку и за следење на благосостојбата на играчите.
– Она што го прави вештачката интелигенција е да ги изнесе работите на површина, може да погледне што има ефект физички, тактички или технички врз играчот. Може да забележи нешто во податоците за благосостојба што ги собираме од играчите, што потоа има некаков вид влијание врз нивниот тренинг. Потоа е работа на лекар, физиотерапевт, тренер или на специјализиран аналитичар да разговара со играчот и да се осигури дека го извлекуваме најдоброто од нив. Обидите да се направи сето тоа брзо порано траеше со денови. Сега трае со часови. Можеби ќе потрае неколку минути во иднина – вели Лонг.
Коуди објаснува како се одвива тоа.
– Секое утро се будите и додека одите на појадок, има велнес-зона каде што пополнувате формулар. Како спиевте? Како се чувствувавте утрово? Дали сте уморни? И потоа оставате коментари за тоа, можеби „ме болат тетивите од вчерашниот тренинг“. И потоа персоналот се грижи за вас во текот на денот, во однос на тоа што ви треба на тренинг, за вашата храна и како да организира сесија. Деталите за вас поединечно, но поважно за тимот, се неверојатни – рече тој.
Дали вештачката интелигенција ќе ги замени тренерите или ќе влијае на помалите репрезентации?
Секојдневно се создаваат нови фирми за вештачка интелигенција, а едно парче софтвер може да ги чини националните федерации стотици илјади фунти.
– Не станува збор за тоа да се оди по секоја сјајна нова играчка со вештачка интелигенција. Она што треба да го направите е да прашате дали навистина ќе помогне во перформансите – вели Лонг.
Поради вклучените трошоци, постои ризик некои од помалку богатите земји да останат назад, пишува „Би-би-си“.
– Мислам дека вештачката интелигенција ќе го зголеми јазот. Англија, на пример, има во основа неограничени ресурси, пари и персонал. Ние сме спротивното од тоа. Јас сум единствениот аналитичар со полно работно време тука, а парите се ограничени – вели Том Гудал, кој работи во анализа за Исланд, пренесе „Би-би-си“.
Исто така, постојат широко распространети размислувања за влијанието на вештачката интелигенција врз работните места во иднина.
– Она што треба да го запомниме е дека не е магично стапче. Вештачката интелигенција ќе направи сѐ многу поефикасно, но станува збор за тоа да имаме луѓе во спортот што навистина можат да разберат како многу добро да ја користат оваа нова технологија. Нема да ги замениме луѓето, станува збор за тоа да го подобриме нивното донесување одлуки. Вештачката интелигенција нема да го избира тимот и нема да игра на мечот. Но ако можете да ги натерате вашите тренери ефикасно да ја користат, а за возврат тоа им помага на нашите фудбалери, тогаш тоа е добра конкурентска предност што се надеваме дека ќе ни помогне да ја поминеме линијата – вели Лонг, пренесе „Би-би-си“. Н.М.

































