Хронологија на бугарските фантазмагории и што треба да направиме за однапред

  • За таа цел, при многубројните контакти што ги имаат политичарите од врвот, било дома било кај нив, мора да се остава соодветен меморандум во кој кусо, фактографски, би биле опишани сите бугарски фантазмагории. Ако не се остави, или даде, документ, средбите завршуваат тука и не може да се очекуваат дополнителни активности од другата страна. Документот – и обврзува и помага да се разберат работите

Без да се враќаме 150 години наназад, и кус поглед на сегашната бугарска агресија врз Македонија открива многу интересни показатели и „случајни коинциденции“, а дава и насоки за дејствување.
· Прво, додека Никола Груевски беше премиер, неговиот бугарски колега Бојко Борисов јавно кажуваше дека не сака да го види! Причина беше нацрт-договорот за пријателство, добрососедство и соработка, за кој се преговараше десетина години, ама без резултат, иако тоа се одвиваше и под силен притисок на меѓународниот фактор. Се знае, нели, кој се крие зад тој симбол. Груевски не сакаше да капитулира и да прифати заедничка историја, со која условуваше Софија, поставувајќи ја како основа за понатамошната соработка. Под заедничка, тие секако подразбираат бугарска историја.
· Второ, откако со класичен државен удар, организиран однадвор, беше сменет Груевски, странците донесоа предавници на власт. Набргу, тие ги потпишаа и таквиот договор со Бугарија и катастрофата во Нивици со Грција, а ја реализираа и тиранската платформа, која е полоша од овие договори. Потоа, новиот лидер беше пуштен низ вода, ама со прецизни гаранции дека нема ништо да му се случи. Империјалистите ги штитат своите петтоколонаши.
· Трето, Софија беше презадоволна со постигнатиот триумф, ама не за долго. Кога го прочитаа договорот од Нивици и сфатија дека Македонија е подготвена на целосна капитулација, тие се сепнаа и се почувствуваа – измамени. Им стана јасно дека ја пропуштиле можноста, преку договорот – веднаш да нѐ разнебитат! Да ги расчистат сите историски прашања и одма да ги присвојат и Делчев, и Илинденското востание, и Вапцаров… Сите! Кога потпишуваа, тие не беа свесни до каде можат да одат, какви ултиматуми да поставуваат и што сѐ да грабнат. Како Грците, де!
· Четврто, свесна за својата „историска грешка“, Софија целосно ја заостри политиката кон Македонија. Следуваше објаснувачки меморандум, со кој го информираше светот дека ние не постоиме! Фантоми! Следуваше и радикална промена на политиката кон човекови права! Со голема сигурност може да се тврди дека сето тоа не го направија сами. Еве и зошто. Се сеќаваме дека агресијата од Косово, во 2001-та, започна со цел да се „ослободат албанските територии во Македонија“. Тоа го потврдија и првите пет соопштенија на ОНА. Арно ама, кога нивните спонзори од преку океанот се уверија дека Македонија нема толку лесно да (се рас)падне, ја променија тактиката. Ослободителната народна армија продолжи да се бори, ама сега за човекови права на Албанците во Македонија! Името на армијата („ослободителна“) и не одговараше многу на новата задача, ама немаа избор!
Каква случајност: иста таква клучна промена се случува и со бугарската политика кон Македонија! Можно ли е зад сето тоа да не стои истиот центар како и во 2001-та? Внимавајте – во првиот случај – од ослободување територии се премина во борба за човекови права! А во вториот – од силеџиско разнебитување на еден народ, со бришење на неговиот јазик и историја, исто така се премина на барање човекови права! Сличноста заслепува; формулите се еднакви! Румен Радев се смета за заслужен за ваквата бугарска трансформација ама, судејќи по сѐ, сепак, некој – му шепнал? Кој друг ако не истиот сценарист? Радев искрено објасни дека првата намера (да игнорираш еден народ) не врвела во светот и затоа менувал. Истото правило важеше и во 2001 г. – очекуваниот и планиран распад на Македонија не се случи!
· Петто, застрашувачка идентичност има и во тиранската платформа, со бугарскиот втор протокол. И во двата случаја добивме ултиматум за измислена рехабилитација на Албанци и Бугари!? Нема теоретска шанса дека не е во прашање исто сценарио за разнебитување на Македонија и Македонците!

· Шесто, има уште една истоветност во третирањето на Македонија од страна на нашите соседи. И таа, исто така, не може да биде ниту случајна ниту измислена од нив. Да потсетиме, Грција веднаш го интернационализираше проблемот со името! На почетокот, го префрли во рамките на ЕУ, тогаш ЕЗ, во контекст со признавањето на државата, а потоа и во ООН, поврзувајќи го со нашето зачленување. Што се случуваше потоа, главно – знаеме.
Исто така се однесува и Софија. И таа билатералниот проблем веднаш го интернационализира. Го префрли во ЕУ. Така, и Грција и Бугарија се многу посилни. За разлика од нас, тие имаат силна поддршка од меѓународниот фактор. И, сосема со право, сега Софија ни порачува дека меѓу двете земји нема отворени проблеми и за сѐ што ни пречи да се обратиме во Брисел! Сѐ е во преговарачката рамка, а таа не е политика само на Бугарија туку на сите 27 членки! Сега, нашиот проблем е со ЕУ, не е со Бугарија, и тоа МОРА прво да го расчистиме. Тоа потврдува и дека Уставот не е клучот.
Кај нас, овие финеси не се разбираат доволно. Ние никако не смееме да го третираме проблемот како европски туку само како билатерален! Барањето на контакти со Софија е губење време. Јасно ни порачаа дека нема за што да разговараме. Значи, мораме да ги присилиме на тоа, што е можно само со откажување на вториот протокол. Друг излез – немаме!
· Седмо, тоа што денес се обидува да им го направи Бугарија на Македонците, во Втората светска војна им го правеа фашистите на Евреите. Тоа е вид холокауст, поточно – уништување на еден народ. Бугарското негирање на Македонците е екстремен шовинизам. Во прашање е модерен геноцид. Просто е неверојатно што поминува бугарската теза за генетски инженеринг, за измислување цел народ – од еден човек. Тито. Најстрашно е што Софија е поддржана од (речиси) сите „западни демократии“, што е наш тежок дипломатски пораз. Мораме да ги натераме сите да се замислат и да не дозволат да бидат манипулирани.
За таа цел, при многубројните контакти што ги имаат политичарите од врвот, било дома било кај нив, МОРА да се остава соодветен меморандум во кој кусо, фактографски, би биле опишани сите бугарски фантазмагории. Ако не се остави, или даде, документ, средбите завршуваат тука и не може да се очекуваат дополнителни активности од другата страна. Документот – и обврзува и помага да се разберат работите.

· Осмо, Софија немаше среќа бидејќи нашите политички будалетинки заминаа од сцената. Предавниците ја загубија власта и новата гарнитура не е веќе подготвена да го витка ‘рбетот и да голта кнедли. Вокабуларот е целосно променет, ама треба да следува и радикална акција, без која нема излез. Меѓу другото, од ЕУ мора да се бара да го испита бугарскиот криминал, сврзан со издавањето огромен број пасоши на македонски граѓани. Софија мора да се стави на тапет бидејќи ги злоупотребува пасошите за подли политички цели. Пасошите значат државјанство, а не националност. Таа е една, а пасоши може да имаш и – пет!
Ова се само нови докази дека итно мораме да ги расчистиме односите со Софија, и тоа само на реципрочна основа. Ако сакаме да останеме на патот за ЕУ, мора СЕГА да ја натераме Софија да прифати дека постои македонски народ, со македонски јазик… Модалитети за тоа има неколку. Инаку, ЕУ треба да ја отпишеме.
· Деветто, пред селектирани новинари, на прес во декември 2020 г., Бујар Османи обелодени дека бугарската министерка за надворешни работи Захариева му дала документ, а премиерот Борисов му рекол – дајте, потпишете го тоа, и да завршиме работа! Во документот имало само две точки. Првата била дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот, а втората дека македонската нација е плод на борбата за ослободување од османлиското ропство! Не македонски народ – туку нација!
Ако имаше достоинство и соодветно чувство за својата држава, „нашиот“ министер за надворешни работи мораше веднаш да го искине ваквиот документ и да си замине. Меѓутоа, не смее да се заборави дека бугарските политики кон Македонија во целост кореспондираат со големоалбанските амбиции, со кои се согласуваат голем дел од нашите албански лидери. Гестот на Софија, пак, покажува дека јазикот им е клучен за наше бугаризирање, што не смее да се заборави. Ова покажува дека и не морало да сме биле Бугари баш до 1944 година!? Софија е очигледно свесна дека таа теза им е неодржлива, иако не е фер што му ја намалуваат улогата на Тито!?
· Десетто, за крај и едно прашање – ако Илинденското востание навистина било бугарско, зошто не се вклучила нивната држава? Таа имала своја армија – зошто таа не се ангажирала? Нема никаква логика да организираш востание, а војската да ја чуваш дома?
· Единаесетто, зарем и по сето ова, некој може да каже дека нашите проблеми се само со Грција, Бугарија и со Албанија, а не пошироки? Или дека сите наши досегашни голготи се случајни и неповрзани една со друга?! Дека нема сценарист?