Фото: „Нова Македонија“

ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА ЛИГА ВО 2026 ГОДИНА

  • Машката репрезентација ќе игра со Луксембург, Холандија, Грција, Исланд, Косово и со Израел, а женската селекција со Португалија, Унгарија, Шпанија, Азербејџан, Хрватска и со Словенија. Во јуни одбојкарите ќе бидат домаќини на првиот турнир, а одбојкарките на третиот турнир. Најдобрите шест репрезентации меѓу 27-те учесници ќе играат на завршниот турнир, од кој првите четири ќе се пласираат на ЕП 2028

Учеството во Европската лига в година најдобрите македонски одбојкари ќе го почнат како организатори на еден од турнирите во првиот викенд во јуни, а одбојкарките ќе бидат домаќини на третиот турнир, од 19 до 21 јуни. Одбојкарите имаат континуитет во ова елитно континентално натпреварување од 2014 година, кое од ова издание добива и ново значење, односно со него почнуваат и квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2028 година.
Во иднина ќе има само една Европска лига (нема поделба на Златна и Сребрена) и 27 европски селекции (кои не играат во Лигата на нациите) што ќе играат за билет за ЕП 2028 преку ова натпреварување. Пласман на ЕП 2028 ќе обезбедат првите четири репрезентации од двете изданија на Европската лига во 2026 и во 2027 година (вкупно осум), заедно со четирите земји домаќини на првенството, шампионот од Европското првенство во 2026 година, како и 11 селекции според рангирањето на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) по завршувањето на Европската лига во 2027 година.
Правилото вели дека ако една репрезентација учествува во Европската лига во 2026 година, треба да настапи и во изданието во 2027 година, во спротивно ќе подлежи на санкции од ЦЕВ, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Турнирскиот систем се игра низ три викенди во јуни, а Македонија е домаќин на првиот турнир, кога ги пречекува Луксембург и Холандија. Вториот турнир е во Грција, каде што покрај домаќинот, црвено-жолтите за ривал ќе го имаат и Исланд. Третиот турнир одбојкарите ќе играат во Косово, со Косово и со Израел. Женската селекција ќе го почне натпреварувањето во Португалија, каде што ќе се соочи со Унгарија и со Португалија, во вториот викенд ќе гостува во Шпанија, на дуели со таа селекција и со Азербејџан, а Македонија ќе биде организатор на турнир во третиот викенд, кога ќе ги пречека Хрватска и Словенија.
И кај одбојкарите и кај одбојкарките од ова издание ќе се игра финален турнир со шест репрезентации, предвиден за од 1 до 5 јули в година, а организаторот ќе биде дополнително одреден. Ако организаторот е рангиран меѓу првите шест екипи, тогаш и шестопласираниот ќе игра на тој турнир, а ако не е, тогаш ќе настапат првите пет селекции и домаќинот.
Со оглед на тоа дека селекциите што ќе се пласираат на првите четири позиции обезбедуваат и директен пласман на ЕП 2028, ЦЕВ дефинира и одредени правила. Така, организаторот на финалниот турнир мора да ја освои титулата во Европската лига за да обезбеди билет за ЕП 2028, ако на завршницата се пласирал само поради улогата на домаќин, односно не бил меѓу најдобрите шест рангирани по завршувањето на лигашката фаза. Ако пласманот на финалниот викенд организаторот го обезбедил како дел од најдобропласираните на табелата, тогаш првите четири екипи на турнирот директно ќе се најдат на ЕП 2028, велат од ОФМ. Г.И.