10.
Многупати е кажано дека осаменоста е неопходна за писателот додека, без директен посредник, ги бележи своите приказни. Тогаш, како понекогаш кај некои негови ликови, и кај писателот работи текот на свеста – тука, треба да се уфрли… или ова е непотребно… и слично. Ако сѐ уште за првата верзија на пишуваното користи тетратка, тогаш таа е полна со пречкртки и врз нив, има дополнки. Ако, пак, за првата верзија користи компјутер, тогаш најчесто го притиска копчето delete. Јавнат на инспиративниот бран, тој заборава дека ќе му преврие супата на шпоретот и дека после, откако ќе го отвори прозорецот да се изветрее чадот, ќе мора да ги риба ринглата и тенџерето. Но и тогаш, додека со жицата за садови ги трие прегорените места тој сѐ уште е во она што го напишал, па си вели – оној пасус ми е пренатрпан… морам да го ослободам од толку епитети… (мисла поврзана со чистењето на ринглата).
11.
Додека свиреше рокенрол, режираше алтернативни театарски претстави, составуваше сценарија за анимирани филмови, тој беше дел од екипата. Искуси колку тимското дружење може да биде прекрасно патување, кога со растењето на креативното ниво на тимот растеше и креативното ниво на секој негов член. А потоа, како што се случува со сопатниците по ретките, возбудливи патувања, со некои ја изгуби врската, со некои се допишуваше, па престана, со некои случајно ќе се сретнеше на улица или во некое кафуле да си прераскажат сеќавања од некогашното патување. Во процесот на пишување, пак, најчесто на својата работна маса, а понекогаш на клупа во паркот, или на аеродром, чекајќи го повикот за вкрцување, писателот е меѓусебно зависен само од себе, што му обезбедува самиот тој да биде важен ослушкувач што го поткрепува, но и го коригира во создавањето приказна. Иако понекогаш, исполнет и нераздвоен од литературата, во минутите на прездив сепак ќе посака да го повикаат за некој заеднички проект, било тоа да е графичка новела или нова мелодија или барем улогичка на раздвижената алтернативна сцена..
12.
Знае дека пренатрупаноста со книги што се намножиле по библиотеките, по масите и врз подот на неговиот дом може кај посетителот да предизвика впечаток на крајна неуредност. Сиот тој неред предупредува, според здраворазумската логика, дека писателот има некои напластени, нерешени проблеми со стварноста и дека бедемите од книги се испентрале до тој степен за да го заштитат до по полноќ кога го гаси светлото и оди да си легне. И тогаш, додека се движи низ мракот, тој точно знае како да ги избегне за да не ги разруши книжните ридови, за следното утро, заедно со кафето, да се послужува со книга од врвот на еден таков рид. – Ова еднаш треба да се среди! – си вели, но веќе следниот миг се зачитува, бришејќи го кусото сеќавање на претходната мисла.

































