Фото: Маја Јаневска-Илиева

НАТО внимателно ги следи обидите на Русија да влијае на внатрешните процеси во Босна и Херцеговина (БиХ) и на регионот на Западен Балкан, изјави за ФЕНА заменик-генералниот секретар на Алијансата, Радмила Шекеринска. Таа нагласи дека ваквите активности претставуваат типичен „руски модел на дејствување“ кој е дел од нивниот хибриден арсенал.

– Многу внимателно ги следиме обидите на злонамерното влијание на Русија да се меша во домашните и регионалните процеси. Видовме како руските хибридни активности се обидуваат да создадат поделби, да искористат дел од сецесионистичката реторика и да создадат дополнителни расцепи во нашите општества и регион. Ние го следиме тоа – предупреди Шекеринска.

Таа појасни дека ова е типично за рускиот модел на дејствување кој е забележлив и кај сојузниците на НАТО, а не е ограничен само на Западен Балкан или партнерите.

Шекеринска истакна дека НАТО останува посветен на Западен Балкан, бидејќи тоа е регион од стратешка важност за Алијансата, додавајќи дека Алијансата има бројни сојузници од регионот, како и партнери како БиХ.

Зборувајќи за одбранбениот сектор на БиХ и модернизацијата на Оружените сили на БиХ (ОСБиХ), заменик-генералниот секретар на НАТО рече дека Алијансата настојува да обезбеди поддршка во многу практични области. Сепак, како што нагласи, клучно е ОСБиХ да добијат одржливи и посилни финансиски средства.

– Не можете да очекувате да имате добри вооружени сили, соодветно обучени, опремени и подготвени да ве поддржат, понекогаш во најтешки околности, ако не инвестирате во нив – нагласи Шекеринска, споделувајќи го своето искуство како поранешна министерка за одбрана.

Таа потсети на програмата DCB (Пакет за зајакнување на одбраната), преку која НАТО обезбеди воена опрема и специјализирани возила за ОСБиХ, што беше резултат на поддршката од Словенија.

– Меѓутоа, тоа мора да биде проследено со зголемено и одржливо финансирање на вашите Вооружени сили – додаде таа.

На прашањето за клучна порака до политичките лидери во БиХ во однос на стабилноста и реформите, Шекеринска истакна дека политичките компромиси се секогаш болни и ризични за политичките кариери, но од нејзиното искуство, тие секогаш се исплатуваат.

– Политичките компромиси носат поголема сигурност, поголема предвидливост и создаваат простор за нашите граѓани да кажат дека следната година нема да се грижат за истиот проблем – истакна Шекеринска.

На крајот, таа порача дека граѓаните од политичарите очекуваат да направат исчекори, а не да ги повторуваат истите приказни и проблеми како во последните три децении, додавајќи дека тоа е повеќе совет отколку порака.