Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на новинарски прашања за системот „Безбеден град“ истакна дека никој нема да биде изземен од одговорност и да не се повторува црната статистика од 2024 година со 142 жртви во сообраќакјни несреќи. Посочи, дека доколку биде потребно, примената на овој систем ќе отпочне од 1 февруари, со цел да има целосна имплементација.
-Целта е од 1 јануари 2026 да се започне со имплементација. Размислуваме дали тоа да биде на 1 јануари или на 1 февруари, заради тоа што не сакаме да наметнеме решение кое нема да биде подготвено за имплементација. Можеби граѓаните ќе оценат дека е потребно уште еден месец за адаптација, можеби ќе продолжиме уште месец дена плус, со цел да го допровериме и да се осигураме граѓаните да бидат целосно запознаени – рече Тошковски.
Информира дека иззминатиот период претставници од МВР и Министерството за транспорт, заедно со сите други институции, интензивно работат на ревидирање на сите постоечки патишта низ земјава, на кои ќе бидат лоцирани безбедносните камери.
-Овој тест период којшто го имаме во овие 30 дена, е одлична можност граѓаните да се запознаат со сето она што сакаме да го имплементираме, со цел во 2026 година да немаме 142 жртви на улиците, во просек 78 на милион жители. Скандинавскиот просек е околу 20 жртви на милион жители, а европскиот просек е околу 44-45 на милион жители. Ја разбирам потребата на јавноста да ги постави сите прашања поврзани со имплементацијата на овој проект. Но треба да се има предвид дека ние сме меѓу најлошите земји во светот според бројот на луѓе загинати на улиците. Бројката од 142 жртви не е само статистика – тоа се луѓе со семејства, со деца, со родители, кои секојдневно ги губиме на улиците – рече министерот.
Тој повтори дека се ревидираат сите точки на кои ќе бидат поставени камерите и кажа дека на секоја позиција каде што ќе има камера која ќе детектира сообраќаен прекршок, тоа ќе биде претходно утврдено со ревизија – како на терен, така и согласно законската регулатива за конкретните точки. Истакна дека ќе се направи и ревизија и проверка на секој сообраќаен знак што е поставен во државата.
-Но имајте ги предвид и потребите за имплементација на „Безбеден град“, кој што, повторувам, е револуционерен проект. Првично ќе бидеме фокусирани на точките на кои ќе се детектираат прекршоци од страна на видео-надзорот – рече тој.
На прашањето дали ќе бидат опфатени и возилата на функционерите, кои веќе имаат и црвени таблици, и како е тоа уредено со возилата на полицијата, брзата помош и други служби, рече дека „Безбеден град“ единствено може да даде соодветен одговор доколку прави неселективност во постапувањето и оти никој не смее да биде исклучен.
-Секако дека возило на Брза помош што се движи со поголема брзина во одредени јасно пропишани ситуации, не може да биде казнето. Секако и возило на МВР што е во рамки на оперативна акција и вози надвор од пропишани правила нема да биде казнето – рече Тошковски, додавајќи дека за сето тоа ќе се се има јасно утврдени процедури.
Посочи дека ниту еден функционер, во рамки на редовното извршување на своите работни задачи, нема да биде изземен од системот, односно вели, просто кажано – ќе биде казнет и повтори дека нема да има селективен пристап за никого.
Во врска со возилата со странски таблици, вели дека ќе се постапува согласно важечките закони и прописи.
-Странските возила нема да бидат исклучени од имплементирање на „Безбеден град“. Имаме утврдено правила и процедури како ќе се констатира прекршокот и како ќе се наплати. Странските возила при излез од Македонија не може да бидат спречени да ја излезат – тоа е законски уредено и не може поинаку. Но ќе бидат информирани дека нема да им биде дозволен повторен влез во Македонија доколку не ја платат соодветната казна за прекршокот што го сториле. Работна група составена од експерти го разгледа и ова прашање, и верувам дека понудивме соодветен одговор. Мислам дека за сите дилеми дадовме јасно образложение – рече Тошковски.
Отворени сме, вели тој, да постапиме во насока на подобрување на системот, за сите прашања, критики, полемики.
Исто така, истакна Тошковски, во рамки на утврдената процедура, возила на министерот за внатрешни работи, вицепремиерот, претседателот на државата, претседателот на Собранието, премиерот, и сите други функционери – кога се под полициска придружба, таму важат други правила и тоа го регулираат други прописи, и оти не сака да се создаде погрешна перцепција.
На прашањето колку чини системот и колку ќе чини неговото годишно одржување, рече дека ваков тип системи не може да бидат евтини.
– Со имплементацијата на овој систем е започнато пред десетина години, продолжено е во рамки на претходниот владин состав да се набавува соодветна опрема и истото го продолживме и ние како влада. Проблемот е во тоа што никој не го имплементирал во суштина онака како што треба да се иммплементира. Тоа да се случело пред десетина години, ве уверувам дека немаше да изгубиме во 2024 година 142 жртви – рече тој.


































