„Приказната за Силјан“ имаше успешна премиера во Њујорк
Во ИФЦ (Меѓународен филмски центар) во Њујорк се прикажа документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, кој доловува една уникатна приказна за симбиозата помеѓу македонскиот земјоделец Никола и повредениот штрк Силјан, за кој тој почнува да се грижи. Филмот отвора прашања поврзани со животната средина, која директно влијае врз самата егзистенција и начинот на кој ќе продолжат да опстојуваат јатата штркови, исплатливоста на индивидуалното земјоделство, семејствата што се соочуваат со синдромот празно гнездо, упорноста на еден човек и неговите истрајни избори токму кога животот носи предизвици.
Дејствието во документарниот филм се одвива во с. Чешиново, македонско село познато како село со најмногу гнезда на штркови што доаѓаат секоја година. Глобалниот проблем околу загрозеноста на јатата штркови, која е последица од промените во природните средини, нарушени поради урбанизацијата, но и поради фактот што модерното земјоделство вклучува користење пестициди со што се исцрпува природниот плен од кој се хранат штрковите, па тие сè повеќе ја бараат својата храна помеѓу депониите, се огледува и во филмот.
Во филмот е силно присутна и македонската митолошка приказна за Силјан, која како да е дел од животот на главниот протагонист во филмот, Никола. Митолошката приказна за Силјан во филмот на Котевска станува „Приказна за Никола и Силјан“ и носи утеха во суровиот материјален свет. Оваа утеха кај гледачите по проекцијата на филмот прераснува во една поинаква грутка, која можеби ќе ги натера да направат поинакви животни избори или ќе ги мотивира да истраат во сопствените убедувања.
По проекцијата, режисерката Тамара Котевска и кинематограферот Жан Дакар (Jean Dakar) имаа свои обраќања за тоа како може да се претопи филмската екипа со човекот, но и со птицата и одговараа на прашања на публиката, која како да сакаше повеќе да се заблагодари за ова филмско патување отколку да прашува.
Филмските критичари веќе ги кажаа своите суперлативи за поетиката на Тамара да долови сложена реална приказна во документарен филм.
Филмот продолжува да се прикажува во кината во САД.


































