- Пред повеќе од две децении во Солун беше дадено ветување дека иднината на Западен Балкан е во европското семејство. Исто така, поминаа 25 години од самитот во Загреб, а тоа ветување мора да продолжи да живее не само преку зборови туку и преку дела, беше основната порака од 24. Мешан парламентарен комитет ЕУ-Македонија во Стразбур, каде што во фокусот беа темата за проширувањето на европскиот блок и македонските евроинтеграции
Копретседавачите на Мешаниот парламентарен комитет (МПК) Европска Унија-Македонија, пратеничката Иванка Василевска и европратеникот Карло Реслер, со своите воведни излагања на првата работна сесија го отворија 24-от состанок на МПК.
Василевска, која е и копретседавачка со МПК, во своето воведно обраќање истакна дека како држава целосно сме посветени на спроведувањето на реформската агенда и на планот за раст на Европската Унија. Во таа насока, таа додаде дека најновиот извештај за проширување на Европската комисија дава позитивен осврт на нашата ангажираност и конкретните резултати постигнати во рамките на планот за раст на Западен Балкан.
– Благодарение на позитивните оценки, ние бевме првата земја од Западен Балкан што доби претфинансирање во рамките на Програмата за реформи и раст на ЕУ, во износ од 52,4 милиони евра оваа пролет, а до ноември 2025 година исто така обезбедивме две дополнителни исплати базирани на перформансите. Започнавме со работа на сите четири столба на планот – поблизок пристап до единствениот пазар на ЕУ, посилна регионална интеграција, клучни реформи и зголемена финансиска поддршка. Истовремено, усвоивме агенда за реформи, фокусирана на подобрување на управувањето и јавната администрација, унапредување на зелените и дигиталните транзиции, зајакнување на човечкиот капитал, подобрување на деловното опкружување и почитување на основните права и владеењето на правото – оцени Василевска.
Таа нагласи дека собранието во изминатиот период усвои клучни реформски закони, вклучувајќи ги Законот за систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор и законите за административни службеници и за вработени во јавниот сектор, со кои се подобруваат начинот на избор на државни службеници и управувањето со човечки ресурси.
Копретседавачот Реслер во своето воведно обраќање ги поздрави заложбата и посветеноста на Македонија на евроинтегративниот процес, позитивно ги оцени меѓуетничката стабилност во земјата и добрососедските односи и ја нагласи потребата од континуиран реформски процес. Реслер потенцира дека е важно во политичкиот спектар на државата да има инклузивен пристап за клучните политички прашања што се од стратешко значење.
Во воведниот дел на сесијата свое обраќање имаа и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кои потенцираа дека Владата работи на спроведување на реформите во сите општествени сектори со цел да се исполнат европските критериуми на нашиот пат кон Европската Унија.
Во рамките на општата дискусија на европратениците доминираше ставот дека Европската Унија треба да најде начин и конечно да ги започне преговорите со Македонија, бидејќи, како што рекоа, мора и Европската Унија да испорача, а не само да упатува барања кон Македонија.
На дневен ред на првата работна сесија беше предвидено да се дискутира за основните права и слободата на говор и за владеењето на правото и борбата против корупцијата. Овој 24. состанок на МПК ќе продолжи и денеска, кога ќе се одржи втората работна сесија, на која ќе се дискутира за: перспективите на пристапните преговори, добрососедските односи, регионалната соработка и регионална стабилност; прашањата поврзани со животната средина; транспортот, енергијата и инфраструктурната поврзаност; вештачката интелигенција и дигитализацијата.
Муртезани: Секоја реформа што ја спроведуваме ја зацврстува нашата верба дека Европа е најсилна кога го исполнува своето ветување
За С. Македонија, чиј пат беше долг и честопати исполнет со предизвици надвор од Копенхашките критериуми, европскиот пат и полноправното членство остануваат прашање на цврста убеденост, а не на погодност. Секоја реформа што ја спроведуваме ја зацврстува нашата верба дека Европа е најсилна кога го исполнува своето ветување и дека Унијата е целосна кога оние што најдолго чекале конечно ќе бидат примени како полноправни членки, истакна министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Тој потенцира дека за нас европскиот пат никогаш не бил далечна аспирација, туку отсекогаш претставувал секојдневна задача и дисциплиниран напор посветеноста да се претвори во резултати.
– Стразбур не е само град на институции. Тој е жива метафора за тоа што стана Европа. Простор каде што дијалогот ја замени поделбата и каде што идеалите го пронајдоа својот глас во институции што се изградени за да опстојат. Во ваков амбиент, Европа не може да биде предмет на апстрактен говор. Тука се говори за одговорност, партнерство и храброст за реформи. Денес, додека заседаваме во овој дом на демократијата, нè обединува истото убедување: дека Европа е најсилна кога слуша, кога создава преку дијалог и уверување – рече Муртезани.
Според него, планот за раст на ЕУ за Западен Балкан му даде нова димензија на нашиот европски пат, бидејќи претставува признание за она што е постигнато и покана за понатамошно продлабочување на напредокот.
– Преку овој план, Европската Унија покажа дека интеграцијата не е процес што се одложува за некој иден момент. Таа започнува со трансформација на системите, економиите и општествата уште денес и може да донесе опипливи придобивки дури и пред формалното членство – рече Муртезани.
Министерот посочи дека земјава е предводник на таа трансформација, со што беше прва во регионот што го стави во функција инструментот за реформи и раст и доби претфинансирање од над 52 милиони евра, нагласувајќи дека усвоената сеопфатна и амбициозна реформската агенда опфаќа реформи во управувањето и јавната администрација, владеењето на правото, енергетската и зелената транзиција, дигитализацијата и развојот на човечкиот капитал.
– Таа им дава структура на нашите реформи и јасност на нашите цели. За помалку од една година се поднесени и одобрени две барања за ослободување средства, што претставува конкретен напредок во низа области: од дигиталната инфраструктура и енергетската ефикасност до подобрувањето на бизнис-климата. Веќе се исплатени вкупно 24 милиони евра, со дополнителни средства што може да се обезбедат по исполнувањето на 29 активни реформски чекори предвидени за декември 2025 година, како и заостанатите чекори од претходните извештајни периоди. Секој чекор претставува многу повеќе од бирократска етапа. Тој е показател за кредибилитетот на земјата и за посветеноста на Владата кон трајни промени – рече Муртезани.
Тој говореше и за планираните инвестиции во рамките на планот за раст во енергетиката, дигитализацијата, транспортот и образованието и во иницијативите наменети за поврзување на граѓаните, подобрување на конкурентноста и зајакнување на одржливоста.
– Паралелно, работиме на финализирање на патоказите за отворање на поглавјата „Владеење на правото“ и „Реформа на јавната администрација“, како почетни одредници за кластерот „Основни вредности“. Патоказот за реформа на јавната администрација веќе е одобрен од Владата, додека патоказот за владеењето на правото се финализира во координација со Европската комисија. И двата документа се усогласени со пошироките европски стандарди и со скрининг-извештајот на ЕК – рече Муртезани.
Тој посочи дека и со извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2025 година се потврдува дека овие напори даваат резултати и во него се признава напредокот во клучните области, вклучувајќи ги и управувањето со јавните финансии, дигитализацијата и реформата на правосудството.
– Во извештајот исто така се нагласува континуираната усогласеност на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика и се истакнува конструктивниот регионален придонес на земјата. Истовремено, извештајот нè повикува да ги забрзаме реформите во областите каде што доследноста е од суштинско значење. Ние ја сфаќаме таа порака сериозно. Препораките од годинашниот извештај, заедно со заклучоците од скринингот и експертските мисии, веќе се интегрирани во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и во нашата среднорочна буџетска рамка – потенцира Муртезани.
Според него, резултатите од овие реформи веќе го трансформираат секојдневниот живот на македонските граѓани преку повеќе иницијатива, а со приклучувањето кон Единствената зона за плаќање во евра, европската интеграција стана конкретна и опиплива реалност за граѓаните и за бизнисите.
– Трансакциите што претходно траеја со денови, сега се завршуваат за неколку моменти, семејствата и бизнисите штедат на трошоци, а прекуграничната соработка станува секојдневна реалност. Ова е јасен показател како реформите се претвораат во можности, а интеграцијата станува вистинско, доживеано искуство – додаде Муртезани.
На состанок на Мешаниот парламентарен комитет ЕУ-Македонија, свое обраќање имаше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Т.Г.
Успехот на ЕУ лежи во конкретни проекти, а не во идентитетски теми
Муцунски: Јазикот, идентитетот и достоинството не можат да бидат предмет на преговори
- Во делот на билатералните прашања, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски посочи дека продолжената блокада од страна на Бугарија не ѝ штети само на нашата држава туку ја намалува довербата во процесот на проширување и ги ослабува стратешките интереси на регионот. Тој нагласи дека успехот на европската интеграција лежи во конкретни проекти, економска и енергетска поврзаност, а не во отворање теми поврзани со идентитетот, јазикот и националниот наратив. Министерот повтори дека македонскиот јазик, идентитетот и достоинството на граѓаните не се и не може да бидат предмет на преговарање
Во делот на билатералните прашања, шефот на македонската дипломатија посочи дека продолжената блокада од страна на Бугарија не ѝ штети само на нашата држава туку ја намалува довербата во процесот на проширување и ги ослабува стратешките интереси на регионот. Тој нагласи дека успехот на европската интеграција лежи во конкретни проекти, економска и енергетска поврзаност, а не во отворање теми поврзани со идентитетот, јазикот и националниот наратив.
Во своето обраќање пред членовите на комитетот, министерот Муцунски истакна дека Стразбур, како дом на европската демократија, претставува силен потсетник на европските вредности, кон кои нашата држава е посветена веќе две децении. Тој потсети дека оваа година се навршуваат 20 години од добивањето на кандидатскиот статус, период во кој земјата спроведе значајни реформи и покажа конзистентна определба за европската интеграција.
Министерот нагласи дека македонските граѓани остануваат силно проевропски ориентирани, но дека е неопходно процесот на проширување да биде предвидлив и меритократски за да се спречи појавата на европесимизам. Во таа насока, тој укажа дека државата е 100 отсто усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, активно поддржувајќи ја Украина и придонесувајќи за зајакнување на европската безбедност како директен партнер и НАТО-сојузник.
Муцунски се осврна и на реформските процеси поврзани со Планот за раст и Реформската агенда 2024–2027, истакнувајќи дека реформите се насочени кон економски развој, задржување на младите и привлекување инвестиции. Тој подвлече дека државата веќе докажува дека може да придонесува кон стабилноста на регионот и Унијата, меѓу другото и преку првото партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ во рамките на Западен Балкан.
Во делот на билатералните прашања, министерот посочи дека продолжената блокада од страна на Бугарија не ѝ штети само на нашата држава туку ја намалува довербата во процесот на проширување и ги ослабува стратешките интереси на регионот. Тој нагласи дека успехот на европската интеграција лежи во конкретни проекти, економска и енергетска поврзаност, а не во отворање теми поврзани со идентитетот, јазикот и националниот наратив. Министерот повтори дека македонскиот јазик, идентитетот и достоинството на граѓаните не се и не може да бидат предмет на преговарање.
Министерот потенцираше дека државата останува конструктивен партнер во регионот, посветена на добрососедските односи, исполнувањето на меѓународните обврски и унапредувањето на соработката со сите соседи, при што тоа носи конкретни придобивки за граѓаните.
На крајот од обраќањето, Муцунски изрази благодарност до европскиот парламент за доследната поддршка на европската перспектива на земјата и порача дека македонските граѓани остануваат цврсто проевропски. Тој повика на партнерство засновано на јасни, предвидливи и фер критериуми, со уверување дека заеднички може да се претвори евентуалниот европесимизам во обновен европски оптимизам.
Отворен почесен конзулат на Македонија во Стразбур
Македонија на 17 ноември отвори почесен конзулат во Стразбур, каде што во име на властите во Македонија, амбасадорот проф. Игор Николов му честиташе на новиот почесен конзул Жак Шлеф за неговото назначување, што ќе ги зајакне врските меѓу Алзас и Македонија. За време на приемот организиран во чест на отворањето на почесниот конзулат, голем број дипломати, вклучувајќи ја и постојаната претставничка во Советот на Европа, амбасадорката Светлана Гелева, го охрабрија Жак Шлеф, кој претседава со здружението „Алзас-Македонија“ (АЛМА) веќе 15 години. Според него, ова е важен чекор за развој на политичките, економските, социјалните и културните размени меѓу регионот Алзас и земја погодена од историјата; плуралистичкиот идентитет на Северна Македонија, на раскрсницата на голем број влијанија и соперништва, претставува предизвик што демократијата ќе помогне да се надмине, во рамките на нејзината интеграција во Европската Унија.
Жак Шлеф смета дека историјата и идентитетот на Македонија нудат точки за споредба со Алзас, со што се олеснуваат јавните и приватните контакти. Здружението на граѓани АЛМА со кое претседава Жак Шлефм организира редовни хуманитарни акции во Македонија и чести културни размени меѓу регионот Алзас и Македонија. Почесниот конзулат на Македонија во Стразбур се наоѓа на улицата „3 кеј Клебер“.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција

































