Сведоштва за преселбите на македонските печалбари како градители, врвни мајстори и градежни работници, со посебен осврт кон дебарските градители со документирани историски сведоштва и извори, преку извадоци од книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“ од Ѓорѓи Илиевски…
Мајсторите (sидари) од дебарскиот крај, како печалбари, освен во Солун, оделе во Србија, Романија и во други држави. По ослободувањето на Бугарија, тие почнале помасовно да одат таму, а особено во престолнината Софија. Така, дебарските мајстори тргнале да работат во Бугарија. Дебарските мајстори сами правеле планови за куќите што ги пазареле, се разбира според потребите и можностите на сопственикот, а потоа се пазареле за цената. Дебарските градежници кога граделе не мислеле колку ќе спечалат, туку се натпреварувале кој ќе изгради поздрава и поубава куќа, со поубав архитектонски изглед, за да послужи како реклама. Тие што сакале да градат, сами оделе кај препорачаниот мајстор, кој со гордост изговарал: „Јас имам огледала во градот, појдете и видете ги изградените куќи. Ако ви се допаднат, елате да се договориме и да ви направиме куќа за цел живот, па дури и за внуците“.
Меѓу познатите дебарски градители спаѓаат: Андон Алтипармаков, Танаско Танасков (Баница), Милош Георгиев, Петко Мерџанов, Трпе Костов, Лазар Блажев, Никола Блажев, Манол Иванов, Трпе Иванов (Крчишта), Крсто Спасов, Аврам Спасов, Ване и Србо Д. Спасови (Пареше), Петко Пепо Радев, Ѓурчин Велев (Вапа), Тасе Трајков Деолски, Спиро Арсов, Неделко Арнаудов, Гаврил Иванов, Спасе Зафиров (Деолане), Христо Спасов, Стефан Ив.Стрезовски, Коста и Павел Баковски, Иван Хр. Спасов, Блаже Алексов, Гаврил Алексов, Јоан Котев, Никола Филиповски (Рбеле), Јоле и Спиро Смилеви (Јанче), Андон и Харитон Новкови (Кривци), Даме Жорновски (Жорноница), Теофил пашата (Елховец), Толе Димитров, Спиро Димитров (Елевци), Арсо Мојсов, Ставре Иванов (Баница), Јанко Тасев (Нерези), Георги Томов, Апостол Божинов, Теофил Аврамов (село Селце – Река), Хаџи Георги Х. Илов, Тасе Х Илов, Спиро Х. Илов, Ламбе Тасев Х. Георгиев, Андреја Гр. Симеоновски, Ѓорче Ангелов (Дебар), Тодор Огњанов, Јаким Станишев, Димитар Станишев (Галичник), Стефан Атанасов (Рајчица), Деспот Косоврашки (Косоврасти), Ило Видикев и брат му (Луково), Нестор Петров (Селци – Жупа), Трпе Георинов (Макеларе) и Гале Диков (Селци – Река).
Овие мајстори како печалбари оделе во Стамбол и во други градови во Османлиската Империја. По ослободувањето на Србија и Бугарија, тие почнале редовно и масовно да доаѓаат во тие земји.
Мајсторите од селата на нахијата (областа) дебарски Дримкол работеле, освен како градежници, уште и како каменоресци. Тие работеле на мостови, споменици и други објекти од камен. По пристигнувањето во Софија, тие иако не биле геолози, се обиделе да пронајдат наоѓалишта за делкање камен. Притоа првично работеле во старото наоѓалиште за делкање камен наречен Таш Кесен во Ботевградско. Оттаму носеле обработен камен за софиските државни институции, но и за приватни куќи. Од тие камења се изградени цоклињата, корнизите и другите делови на руската легација, на Земјоделската банка и други градби. По напуштањето на наоѓалиштето Таш Кесен, биле откриени нови наоѓалишта од гранитен камен во близината на Софија, поточно на Витоша. Овој камен бил потврд, поиздржлив и главно блиску до Софија. Многумина од овие мајстори во Софија ги повлекле и своите семејства од Дебарско. Многу од нив се населиле во Софија и во селото Владаја-Софиско. Подоцна биле отворени нови наоѓалишта во софиските села Церово и Бојана.
Некои од дебарските мајстори се занимавале со изработка на мермерни творби и разни архитектонско-уметнички релјефи. Тие откриле неколку мермерни наоѓалишта. Покрај тоа, увезувале мермер од странство, притоа создавале свои работилници за обработка на мермер. Всушност, тие биле дебранци што ја издигнале оваа уметност и ги потиснале италијанските мајстори што се занимавале со оваа професија во Бугарија.
По Првата светска војна, дебранците, создале кадар и од месни мајстори каменоресци. До 1925 година, каменореството имало голем успех и немало куќа што не се градела од камен. Меѓутоа, подоцна изградбата на зградите се променила.

Притоа наместо камен, за цоклињата, столбовите и корнизите почнал да се користи бетон. Врз бетонските цоклиња и корнизи се правеле имитации на камен, при што се изработувале мозаици и друго. Така, некогашниот камен бил заменет со цемент, кој на изглед бил поубав, но далеку понеотпорен од каменот. Дебарските специјалисти по гипсената работа со својот уметнички талент ги дополнувале украсите на зградите во Софија и во внатрешноста. Тие ги задоволувале архитектите со своето уметничко творештво при изработката на таваните, sидовите и столбовите на монументалните државни, општествен и приватни згради и куќи.
Меѓу поистакнатите мајстори на оваа своевидна уметност се вбројуваат: Гаврил Деспотов, Дечо Г. Деспотов и Димитар Попов од селото Крчишта, Дебарско. Потоа, Ѓорче Грашев и Кузман Георгиев (Чавчето) од Дебар, Кољо и Левко Тодорови од селото Вапа, Кољо и Ламбе Шерчеви од селото Осолница и други.
Во меѓувреме, во Бугарија дошле мајстори и од Крушево, од Смилево од селата Папрадиште и Ореше (Велешко). Но треба да се нагласи дека сите влечат мијачки корени. Тие, исто така, биле градители на кои родниот крај им бил од дебарските села. Меѓу таквите треба да се спомнат: Андон Станков, Андреја Арсов, Андон Аврамов и Петар Терзиев од селото Папрадишта. Потоа, браќата Васовски, Христо Бабинов, Иван Гјумбаба, Сотир Андонов и Иван Мицев од градот Крушево. Како и Ѓорчe и Tомо Герданови, Никола Томалев, Андон Силјановски, Христо Димов Томалевски, Никола Чупаров, Kоста Трајков и Димитар Неделков сите од Крушево, Кочо Новев од селото Смилево и други.
Во османлискиот период, Георги Илиов и неговите синови Тасе и Ило и синот на Ило – Спиро, во Дебар, ги граделе и ги украсувале сараите, салоните и харемите на беговите и агите, се разбира според ориенталниот вкус. Тогаш Ламбе, синот на Тасе Х. Георгиев, учел заедно со Ахмет Зогу, идниот крал на Албанија и во слободното време од татко му и чичковците го учеле занаетот – градењето, но пред сѐ како уметничка творба. Славата на Ламбе се проширила не само како добар уметник туку и како убавец. Кога ги градел турските конаци, анамите од харемите го гледале низ прозорците, а истото го правеле и христијанките кога минувале по улиците, па тие кришум фрлале погледи преку чардаците.
Во Балканските војни кога српската армија отстапувала кон Дебар, побогатите Турци – аги и бегови – си ги собирале парите и богатството, ја минале реката Црн Дрим и се упатиле кон Тирана, каде што некои од нив останале да живеат. Токму овие дебарски Турци подоцна почнале да ги канат дебарските мајстори да градат во Тирана. Во таа смисла бил повикан и мајсторот Ламбе. Во Тирана живеел и Ахмед Зогу. Тој кога станал крал на Албанија решил да изгради дворец во престолнината и вила во едно летувалиште на Јадранско Море. За таа цел, иако имало италијански архитекти, тој работата и изградбата му ги доверил на Ламбе Х. Георгиев. Тој за три години ги изградил дворецот и вилата. Притоа двата објекта однадвор имале прекрасна фасада, а внатрешноста била украсена со разни релјефи и резби. Овој самоук уметник (Ламбе) одлично се справил со одговорната задача и ја оправдал довербата на кралот. Италијанските архитекти и уметници кога ја виделе неговата градба, го изедначувале со самоукиот Микеланџело. За таа заслуга, кралот Ахмет Зогу го прогласил за дворски архитект. Три години подоцна (1928 година), Ламбе Тасев Х. Георгиев загинал. Поради неговата смрт, кралот Зогу прогласил тридневна дворска жалост. Покрај тоа, Зогу во иднина ги помагал децата на мајсторот Ламбе. Неговата ќерка Љуба дипломирала на Медицинскиот факултет, а синот Славе завршил Земјоделски факултет и станал фудбалски тренер во Тирана.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
продолжува

































