Триесет и една година од премиерата на филмот „Леон: Професионалецот“ на режисерот Лук Бесон

  • Станува збор за филм што одамна ја надраснал својата ера. Тој не е само жанровски хит од деведесеттите туку култно дело што со текот на времето сè повеќе ја засилува својата важност. Од современа перспектива, „Леон: Професионалецот“ (Léon: The Professional) изгледа како редок пример за филм што дури и денес изгледа свежо, силно и провокативно – приказна што преживеа генерации гледачи и сè уште е присутна во поп-културата, мемињата, визуелните влијанија и начинот на кој размислуваме за антихероите

Кога денес ќе се спомене „Леон: Професионалецот“ (Léon: The Professional) (1994), разговорот речиси секогаш скршнува во две насоки: неговиот култен статус и фактот дека филмот, со текот на времето, стана уште посилно врежан во популарната култура отколку во моментот кога беше премиерно прикажан. Од денешна перспектива, „Леон: Професионалецот“ е нешто повеќе од крими-драма или акциски трилер. Тој е редок пример за филм што живее надвор од својата ера. Тој е класик што истовремено е жесток, интимен, стилски заводлив и емоционално сложен.
Станува збор за филм што одамна ја надраснал својата ера. Тој не е само жанровски хит од деведесеттите, туку култно дело што со текот на времето сè повеќе ја засилува својата важност. Од современа перспектива, „Леон: Професионалецот“ изгледа како редок пример за филм што дури и денес изгледа свежо, силно и провокативно – приказна што преживеа генерации гледачи и сè уште е присутна во поп-културата, мемињата, визуелните влијанија и начинот на кој размислуваме за антихероите.
Режисерот Лук Бесон во моментот на создавањето на „Леон: Професионалецот“ веќе бил едно од најгласните имиња на европската сцена. По успехот на „Никита“ и „Големото сино“, тој ја изградил репутацијата на автор со специфична естетика – комбинација од европска драматичност и холивудска енергичност. Во „Леон: Професионалецот“, неговиот стил доаѓа до совршенство. Камерата е постојано блиску до ликовите, речиси интимно; Њујорк е прикажан како мрачен, клаустрофобичен и сепак полн со живот; монтажата го следи внатрешниот пулс на ликовите, создавајќи ритам што преминува од тивка тензија во експлозивна акција. Бесон тука ја покажува способноста да гради визуелно препознатлив свет и да создава атмосфера во која стилот не го прикрива значењето, туку го надградува. Иако филмот не се закити со големи награди – делумно поради контроверзностите околу неговите теми – токму ова дело го зацементира неговиот статус како режисер што создава филмови со препознатлив печат. Денес Бесон е актуелен со својата романтична визија за Дракула (Дракула – љубовна приказна), филм што помина одлично кај филмската критика, а пред две години во 2023-та, тој потсети на своите стари времиња со акциониот трилер „Кучкарот“.
Содржината во „Леон: Професионалецот“ е истовремено едноставна и длабоко потресна. Малата Матилда Ландо, дванаесетгодишно девојче со живот исполнет со болка, запоставување и насилство, станува сведок на брутален масакр во сопствениот дом извршен од корумпирани полицајци предводени од непредвидливиот, опседнат и опасно нестабилен Норман Стансфилд. Исплашена и немајќи каде да оди, таа тропа на вратата на соседот Леон – мистериозен, повлечен маж што работи како професионален атентатор. Таа средба е почеток на едно од најнеобичните и најемотивни партнерства во модерната филмска историја.
Леон, толкуван од извонредниот Жан Рено, како лик е впечатлив токму поради својата контрадикторност. Тој ја живее најопасната професија, но неговиот приватен свет е едноставен, ритуализиран и неочекувано нежен – пие млеко, се грижи за едно растение како за живо суштество, работи молчаливо и дисциплинирано, а ретко кому му дозволува да му се приближи. Рено го толкува овој лик со потисната топлина и неверојатна суптилност. Леон е човек што не знае да зборува за своите чувства, но знае да ги живее.
Матилда е спротивност, но и огледало на Леон. Натали Портман, иако тогаш само дванаесетгодишна, ја игра со зрелост каква што ретко се гледа дури и кај возрасни актери. Нејзиниот лик е комбинација од детска ранливост и прерано создаден гнев, девојче што бара смисла, заштита и одмазда. Во присуството на Леон, таа не наоѓа само засолниште туку и нешто што личи на семејство – чудно, кршливо, но искрено.
Антагонистот Норман Стансфилд, толкуван од незаменливиот Гери Олдман, претставува еден од најзапаметливите негативци во историјата на филмот. Неговата игра е театрална, непредвидлива, хаотична и длабоко вознемирувачка. Тоа е лик што изгледа како да живее во сопствена реалност, каде што класичната музика и насилството природно коегзистираат. Стансфилд не е само корумпиран полицаец туку тој е персонификација на непредвидливото зло.
„Леон: Професионалецот“ останува легендарен токму затоа што успева да поткрене приказна што на хартија би можела да биде само уште еден трилер, но во изведбата станува длабоко човечка драма. Спојот од сурова акција и нежни, интимни моменти создава редок баланс. Филмот се движи меѓу насилството и тишината, меѓу урбаната суровост и поетската топлина, меѓу профилираниот убиец и изгубеното девојче што бара љубов и правда.
Бесоновата режија, исклучителните глумечки изведби и амбиентот, кој е истовремено реален и стилски надграден, го прават овој филм дело што не старее. Денес, триесет и една година по неговото прво прикажување, сведоци сме дека овој многуслоен филм се гледа како акција, се чувствува како драма, а се памети како емоционално искуство. И можеби токму затоа, денес, „Леон: Професионалецот“ стои како едно од највпечатливите остварувања на деведесеттите – и како класик што заслужено продолжува да живее во колективната меморија на филмската публика.