Фото: Принтскрин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на војниците на својата земја за нивната непоколебливост во одбраната на Украина и повика на нивна континуирана упорност, јави денеска ДПА.

Во неговото редовно вечерно обраќање до сонародниците, тој додаде дека нивната одбрана претставува основа Украина да се залага за своите интереси во преговорите, а како пример ги посочи актуелните битки во Купјанск, Покровск и Хуљаиполе, пренесе германската агенција.

Русија ја шири идејата низ целиот свет дека Украина не може да се одбрани.

– Дневните резултати во борбата се аргументи зошто вреди да се застане покрај Украина и да ѝ се помогне, и дека притисокот за мир не треба да биде врз Украина, туку врз Русија – рече украинскиот претседател.

Владата на САД под раководство на Доналд Трамп минатата недела објави мировен план што бара тешки отстапки од Украина и веќе беше означен од критичарите како руска „листа на желби“, но во првичните преговори што следеа, наведуваат од украинска страна, некои точки од планот се ублажени, потсетува ДПА.