Европскиот континент не ќе може да се движи кон иднината, доколку живее во теми од пред неколку векови, истакна македонската пратеничка и копретседавачка со Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија, Иванка Василевска на дебатата во Стразбур за перспективите за пристапните преговори, добрососедските односи, регионалната соработка и регионалната стабилност.
– Ја прифаќам секоја добронамерна и структурна критика, која ќе помогне и ќе овозможи да ги пробиеме процесите внатре во земјата за да можеме да се придвижиме и да дојдеме онаму каде што сме тргнале, а тоа е да бидеме дел од ЕУ – истакна Василевска.
Таа нагласи дека нашата заложба уште од независноста на почетокот на 90-те години на минатиот век беше вклучување во европската заедница, за што поддршката доаѓаше од сите етнички заедници, групи и политички фактори.
– Начинот на кој се случуваат работите декада за декада, предизвикуваат да се создаваат одреди маргинални групации кои се повеќе ќе го заземаат просторот, доколку не ни дадете можност да се развиваме во тој процес – им порача Василевска на европратениците.
Според неа, колку сме послаби кон надвор, толку ќе бидеме поразединети внатре и ќе станеме лесен плен.
– Европската Унија е токму формирана за да ги надмине недоразбирањата едни кон други. На сите треба да ни биде јасно дека почитта е двонасочна улица. Ако има почит, се возвраќа со почит. За тој што на почит одговара со непочит, има други мерки и правила кои ЕУ треба да ги постави како стандард или да се потсети на постулатите на кои се формираше. Тоа е толку едноставно – додаде Василевска.
Австрискиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц на дебатата во Стразбур истакна дека уставните измени се услов за напредок на македонскиот европски пат, но она што сè уште не е јасно, вели, е дали ова е навистина единствениот услов за започнување на преговорите.
-Ги повикувам моите колеги од Бугарија да бидат јасни околу тоа. Јас не судам дали барањата (за амандманите) се исправни или не и дали се легитимни или не, се надевам дека се легитимни. Но, на нашите колеги од Северна Македонија треба им дадеме одредена јасност и одредена доверба дека нема да поставуваме дополнителни услови, како протоколите или решавањето на сите историски спорови – рече Вајц.
Тој нагласи дека сите овие прашања доведуваат до поларизација во двете земји и иако не сака да посочува со прст кој довел да таа поларизација, повикува да се работи на нејзино надминување, како и ЕУ да биде јасна во нејзините барања.
Според него, правата на малцинствата се европско прашање, не само билатерално, но запраша дали ако бугарското малцинство заедно со другите малцинства бидат вклучени во Уставот, земјава навистина ќе може да почне со пристапните преговори.
– Дајте да ги почнеме преговорите. На нашите колеги од Северна Македонија да им дадеме сигурност дека уставните измени директно ќе доведат до почеток на преговорите. Мислам дека ова треба да им го понудиме на нашите колеги, за да излеземе од овој ќорсокак и се надевам дека можеме – рече Вајц.
Словенечкиот европратеник Владимир Пребилич истакна дека земјава, како и сите други кандидати за членство, треба да ги исполни Копенхашките критериуми, но за да може да го направи тоа треба да ѝ се даде шанса, што ќе биде можно само ако започне со преговорите.
Тој додаде дека во текот на преговорите и при отворањето на секое поглавје, секоја земја членка на ЕУ што ќе смета дека државата не ги исполнува сите очекувања, ќе има шанса да истапи и да побара одредени промени.
– Затоа, ништо не губиме ако ги почнеме преговорите денес. Да ги започнеме, затоа што на ЕУ денес и се потребни добри приказни – рече Пребелич.
Според него, на земјава треба да ѝ се дадат гаранции дека усвојувањето на уставните амандмани ќе бидат последното барање за почеток на проговорите, тие да започнат и да се утврди рок во некоја фаза во преговарачкиот процес кога измените на Уставот ќе се имплементираат.
– Ако постои јасна намера Западниот Балкан да биде интегриран во Европската Унија, времето за тоа е сега – истакна Пребелич.
Пратеничката во македонското собрание Соња Мираковска во воведното обраќање на седницата потенцира дека земјата продолжува да одржува позитивен тренд на соработка и интезивна билатерална комуникација на високо ниво со сите земји од Југоисточна Европа.
– Билатералните односи се карактеризираат со интензитет и подготвеност за надминување на отворените прашања, ефикасно спроведување на постојните форми на соработка и градење нови билатерални и регионални партнерства. Се води конструктивен дијалог со цел понатамошно унапредување на добрососедските во сите области од заемен интерес – рече Мираковска.
Таа се осврна на односите се секоја од соседните земја поединечно, при што нагласи дека за разлика од односите со другите соседи, кога станува збор за Бугарија тие не ги исполнуваат очекувањата поради „нерешеното прашање во врска со спречувањето на пристапните преговори“ на државата од страна на Софија.
– За нашата перспектива, за нашиот напредок во пристапните преговори и конечно за нашето членство во ЕУ, најголем предизвик и во моментот најголема пречка е ветото на Бугарија. Сите заедно, пред сè политичарите од двете страни, сме должни да разговараме многу искрено и многу отворено, без изливи на триумфализам, за да ја зајакнеме довербата – рече Мираковска.
Таа посочи дека ние остануваме посветени на изнаоѓање решение преку дијалог и со добра волја, барајќи сигурност, а не повторување на стагнацијата, бидејќи одржувањето на статус кво не е во корист на ниту една страна, вклучително и на Бугарија.
Бугарскиот европратеник Кристијан Вигенин изјави дека нема сомнеж околу политичката волја на Европската Унија за македонското членство во европското семејство, но дека сè уште се чека земјата да ги спроведе обврските преземени со преговарачката рамка во 2022 година.
Тој рече дека и Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјава посочила дека спроведувањето на уставните измени останаа услов за да се премине на следниот чекор во преговорите.
Осврнувајќи се на некои претходни обраќања, Вигенин истакна дека не постои бугарско вето, бидејќи Бугарија го „повлекла ветото пред три години“, со тоа што се согласила на компромис кој „на Република Македонија ќе ѝ даде можност за интеграција“.
– Уставните измени, сами по себе, не се гаранција за членство. Тие се критериуми, како што се и Копенхашките, кои, исто така, треба да се исполнат – рече Вигенин.
Неговиот сонародник, европратеникот Ивајло Валчев истакна дека Бугарија ја поддржува земјава од нејзината независност и ќе продолжи со поддршката, но дека за напредок на европскиот пат таа треба да ги спроведе преземените обврски, да создаде амбиент ослободен од говор на омраза и да ги развива добрососедските односи.
– Не сакаме да си наштетиме еден на друг. Сакаме да ја кажеме вистината и да ги надмине сите пречки. Целта е јасна – постигнување доверба, предвидливост и исполнување на обврските за да се види вистински напредок во пристапниот процес – рече Валчев.
Јавувајќи се за реплика македонската пратеничка Жаклина Пешевска рече дека говорот на омраза на социјалните мрежи постои во сите земји и тоа не е проблем само во нашата држава.
– Но, Државната комисија за заштита од дискриминација јасно укажува дека во Македонија нема говор на омраза од политички ентитети како што е случајот во Бугарија. Во Бугарија бевме сведоци дека од сите политички ентитети имаше говор на омраза – рече Пешевска.
Кога станува збор, пак, за степенот на демократија во двете држави, за тоа, според неа, говори бројот на отворени културни клубови – „во Македонија има над 20 културни клубови на Бугарите, а во Бугарија нема ниту еден на Македонците“.
– Нам ни се свежи сеќавањата на последната промена на Уставот. Ние имаме Устав кој е менуван 36 пати. Секое негово отворање е многу сензитивен процес, не само за нас туку и за сите граѓани – рече Пешевска.
Таа додаде дека е потребно да се работи на зајакнување на билатералната соработка и создавање на нова перцепција во двете држави, со цел да не се сензитивираат граѓаните, кои сакаат да бидат инфраструктурно поврзани и економски посилни.
– Поради геостратешката позиција на Република Македонија на Западниот Балкан, сепак и Европската Унија треба да поведе сметка дека не смее да не остави на влијание на трети страни – заклучи Пешевска.


































