Бројот на жртви од огромниот пожар што зафати станбен комплекс од облакодери во Хонгконг досега се зголеми на 36, соопшти вечерва градоначланикот Џон Ли.
Најмалку 279 лица сè уште се сметаат за исчезнати, додаде тој, додека неколку десетици се хоспитализирани.
– До овој момент, пожарот предизвика смрт на 36 лица, а 279 се сметаат за исчезнати. Уште 29 лица се хоспитализирани, од кои седум се во критична состојба – рече Ли на прес-конференција.
Пожарот избувна во округот Таи По, во северниот дел на Хонгконг.
Пожарникарите со часови се бореа со пожарот што избувна во Ванг Фук Корт, комплекс од високи згради во Хонгконг, со повеќе од 2.000 станови.
Во округот Таи По, што се наоѓа по должината на границата со Кина, живеат околу 300.000 лица.
Локалниот радиодифузер ТВБ објави дека комплексот е во процес на обемна реконструкција, при што било користено скеле од бамбус.


































