Грант за Општина Прилеп за постројка за складирање, третман и преработка на биоразградлив и инертен отпад

  • Вкупната вредност на инвестицијата за изградба е 2.939.942,42 долари, а се очекува проектот да биде завршен за три до пет години. Решението опфатено со одобрениот проект се однесува на намалување на количествата на депониран отпад преку подобрено управување со биоразградливиот отпад и градежниот шут, кои не се третираат на нестандардизираната депонија „Омец“ во месноста Алинци

Општина Прилеп е рангирана на првото место меѓу четирите општини добитници на голем грант до 50 илјади долари, по спроведената постапка за евалуација на барањата за финансирање техничка документација за изработка на инфраструктурни проекти од областа на животната средина, како дел од третиот повик во рамките на Фондот за техничка документација (ФТД), воспоставен со поддршка на проектот на УНДП „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, финансиран од страна на Шведска и Бирото за регионален развој.
– Целта на проектот е да се подобри управувањето со биоразградливиот и цврстиот комунален отпад и да се намали загадувањето на животната средина преку: намалување на депонирањето на околу 48-55 отсто од вкупниот комунален отпад што е биоразградлив, претворање на органскиот отпад во висококвалитетен компост за земјоделство, преработка на градежниот шут (кој во моментот не се третира) во гранулат што повторно може да се употреби и усогласување со законската регулатива, Директивата на ЕУ за депонии и придонес кон целите за одржлив развој на ООН – велат од Општина Прилеп, од каде што потенцираат дека 10 илјади долари се од сопствениот буџет.
Вкупната вредност на инвестицијата за изградба е 2.939.942,42 долари, а се очекува проектот да биде завршен за три до пет години. Решението опфатено со одобрениот проект се однесува на намалување на количествата на депониран отпад преку подобрено управување со биоразградливиот отпад и градежниот шут, кои не се третираат на нестандардизираната депонија „Омец“ во месноста Алинци. Ова води до преоптоварување на депонијата, загадување и емисија на стакленички гасови. Главна цел е да се придонесе кон подобрување на условите за живот и економски развој преку намалување на загадувањето на животната средина.
– Ова решение што се нуди со проектот претставува изработка на техничка документација за изградба на инсталации за третман на биоразградлив и инертен отпад, што е трета фаза од пошироката стратегија на ЈКП „Комуналец“ за интегриран систем за управување со отпад – објаснуваат надлежните.
Ќе се гради на нестандардизираната депонија „Омец“ во месноста Алинци, која опфаќа три катастарски парцели во сопственост на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, со површина од околу 20.000 квадратни метри, од кои со урбанистичкиот проект ќе бидат опфатени 1,53 хектари, додека разработената површина за предвидените објекти ќе биде околу 3.000 квадратни метри. Инсталацијата ќе биде интегрирана со постојната фабрика за секундарна селекција на отпад.
Со компостарата органскиот отпад, наместо да се депонира, ќе се претвори во висококвалитетен компост, кој може да се користи во земјоделството и за зеленило. Со дробилката за градежен шут, градежниот шут ќе се преработува во гранулат што ќе може да се користи за тампонирање локални патишта, улици и пристапи кон земјоделски површини. Проектот се очекува да ги намали вкупните емисии од отпадот. Наедно проектот е целосно усогласен на национално ниво со Законот за управување со отпад и Националниот план за управување со отпад, а на општинско ниво со Програмата за управување со отпад за 2025 година и Локалниот акциски план 2024-2025 на Општина Прилеп, на ниво на ЕУ, пак, со зелената агенда на ЕУ и ЕУ-директивата за депонии 1999/31/EC и на глобално ниво со Целите за одржлив развој (СДГ) на ООН. Овој проект се смета за чекор напред кон подобра животна средина, воведување циркуларна економија, подобрени услуги и одржлива иднина за сите прилепчани.
Вкупната вредност на инвестицијата за изградба е 2.939.942,42 долари, а се очекува проектот да биде завршен за три до пет години. Решението опфатено со одобрениот проект се однесува на намалување на количествата на депониран отпад преку подобрено управување со биоразградливиот отпад и градежниот шут, кои не се третираат на нестандардизираната депонија „Омец“ во месноста Алинци.